Сведочете со силата на воскресението во раните на овој свет

Сведочете со силата на воскресението во раните на овој свет

Посланието на црковните служители е да ја сведочат силата на воскресението во раните на овој свет.

Таму каде постои живот, ревност и желба Христос да се донесе до другите, таму се раѓаат вистинските звања – рече папата Фрањо примајќи ги во аудиенција свештениците од француската бискупија Кретеи на 1 октомври 2018 година.

Му благодарам на Бог Кој ве повикал и избрал за да служите на Евангелието (Римјаните 1,1) и да бидете меѓу својот народ верни управители на Христовото таинство – рече Папата и истакна: Живееме во прилики во кои Црквата трпи заради тешките грешки кои ги направиле некои нејзини членови. Но, важно е да не се заборави верното служење на Господ на поголемиот дел од свештениците, кои ги дарувал на Црквата.

Одговарајќи на Господовиот повик, не сме посветени со дарот на Светиот Дух за да бидеме поглавари – рече Светиот Отец и нагласи: Свесни дека ни е простено, повикани сме да бидеме пастири како Исус кој беше распнат, умре и воскресна. Посланието на црковните служители е да ја сведочат силата на воскресението во раните на овој свет. На тој начин сме повикани да напредуваме на патот на светоста, помагајќи им на Христовите ученици за да одговорат на својот крштелен повик, за да бидеме сѐ повеќе мисинери и сведоци на радосната вест.

Додека размислувате за обнова на својата бискупија, не плашете се да ги гледате раните на својата Црква, не за да се жалите, туку за да стигнете до Исус – рече папата Фрањо и продолжи: Само Тој може да нѐ излекува, давајќи ни повторно да тргнеме од Него и со Него и во Него да најдеме конкретни средства за Неговиот живот да Го навестиме на сите во прилики на сиромаштво и одрекување. Бидејќи ако нешто треба да нѐ вознемирува и загрижува во совеста, тоа се многу наши браќа и сестри кои живеат без сила, светлина и утеха од пријателството со Исус Христос, без заедницата на верата кој ги прифаќа и без смислата на животот. (Evangelii Gaudium 49).

Затоа молете го Светиот Дух да ве води и просветлува – рече Папата и додаде: Он ќе ви помогне во вршењето на службата за Црквата на Исус Христос да биде привлечна и полна со љубов. Со таа сила која доаѓа одозгора ќе бидете поттикнати да „излегувате“ за секој ден да бидете блиску до сите, особено до оние кои се ранети, отфрлени и исклучени.

Во текот на ходочастие во Рим ќе дебатирате за оживувањето на пасторалната грижа за духовните звања на идните свештници и лицата со посветен живот – рече Светиот Отец и потсети: Таму каде постои живот, ревност и желба Христос да се донесе до другите, таму се раѓаат вистинските звања  (Evangelii Gaudium 107). Но и преку својот начин на служење ќе им помогнете на младите да го прифатат Господовиот повик за свештенство и посветен живот. Ве поттикнувам да гледате во Исус Христос и да ја негувате врската која ве соединува со Него преку личната молитва, слушањето на Неговото Слово, славењето на светите Тајни и служењето на браќата.

Важно е да поттикнувате и да развивате меѓу себе и внатре во своите заедници квалитетен братски живот за вредноста и убавината на служењето и посветениот живот сите да го препознаат како служба на вистинско мисионерско заедништво! – нагласи папата Фрањо и додаде: Црпејќи од изворот на милостите за својот повик и со силата на Светиот Дух ќе бидете сведоци на надежта која не разочарува (Рим 5,5). И покрај тешкотиите и секојдневните напори, ќе покажете во секојдневниот живот и во својата кревкост дека е дар животот во служба на Евангелието и браќата, извор на радоста која никој не може да ни ја одземе.

Нека во сите се роди таа радост која се продлабочува во пријателството со Господ и во постојано обновеното внимание кон другите, посебно кон малите и сиромашните. Дозволете да ве преобрази и обнови Светиот Дух за да го препознаете Словото кое Исус сака преку вашиот живот и служба да го упати до светот (Gaudete et exsultate 24) – заврши Папа.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот