Марија секогаш е млада затоа што гревот никогаш не ѝ предизвикал стареење, а нејзината тајна е Словото Божјо – истакна папата Фрањо за време на пладневниот наговор пред молитвата Ангел Господов, на 8 декември 2017 година, на плоштадот Свети Петар.
Папата во наговорот размислуваше за денешниот празник Безгрешно зачнување на Блажена Дева Марија, и поаѓајчи од денешното Евангелие според Лука, настојуваше на верниците да им ја приближи смислата и содржината на таа догма.
Архангелот Гаврил ја поздравува Марија со зборовите „благодатна“, откривајќи го така нејзиното ново име кое ѝ го дал Бог, а и ние така ја нарекуваме секогаш кога молиме Радувај се Маријо – рече Светиот Отец и продолжи: „Благодатна“ значи дека Марија е исполнета со Божјото присуство така што во неа нема место за гревот. Тоа е изворедно затоа што целиот свет е заразен со злото. Секој од нас во себе може да ја пронајде мрачната страна, па и најголемите светци биле грешници. Злото напаѓа и ја одбележува целата реалност, сè освен Марија која „секогаш е зелена оаза.“ Со своето „да“ целосно го прифаќа Бог кој дојде во светот и така започнува новата историја – рече Папата.
Секогаш кога Марија ја нарекуваме како „благодатна“, во извесна смисла ѝ го даваме најголемиот можен комплимент – истакна папата Фрањо. Всушност, признаваме дека секогаш е млада, затоа што никогаш не остарела заради гревот. Постои само една работа заради која навистина се старее, внатрешно: не заради возраста, туку заради гревот. Гревот нè прави постари затоа што го стврднува, затвора срцето, го отежнува, доведувајќи го до овенување. Во Марија пак нема грев. Таа секогаш е млада затоа што е „помлада од гревот, најмлада меѓу сите луѓе.“
Потоа Папата рече дека Црквата денес Марија ја нарекува со зборовите „tota pulchra“ – „цела си убава.“ Како што нејзината младост не познава старост, така и нејзината убавина не се состои во никаква надворешност. Таа која е „благодатна“ не се истакнувала надворешно, туку понизно живеела во Назарет. Таа живеела убав живот затоа што ѝ било вообичаено да го слуша Бог и да го поминува времето со Него – рече папата Фрањо.
Светиот Отец повторно го сврте вниманието на денешниот евангелски дел, велејќи дека постојат многу слики на кои можат да се видат Марија и ангелот, а во своите раце Марија држи мала книга, односно Светото Писмо. Токму Словото Божјо била нејзината тајна – објасни Папата и продолжи: Блиско до нејзиното срце, тоа Слово потоа станува Тело во нејзината утроба. Останувајќи со Бог, разговарајќи со Него, во секоја прилика, Марија го направила својот живот поубав. Животот не го прави минливата навика, туку срцето кое е фокусирано на Бог. Денес да го упатиме со радост својот поглед кон „благодатната“. Да ја замолиме да ни помогне да останеме млади, да кажеме „не“ на гревот и да живееме убав живот, говорејќи „да“ на Бог – рече на крајот од наговорот папата Фрањо.
РВ/к.мк