Папата Лав XIV го објави својот прв пост на папските профили на социјалните мрежи, кои со голем ефект ги користеа неговите претходници, папата Фрањо и папата Бенедикт XVI.
Папата Лав XIV одлучи „да биде активно присутен на социјалните медиуми преку официјалните папски профили на X и Instagram“, стои во соопштението за медиумите од Дикастеријата за комуникации, објавено во вторник 13 мај 2025 година
Првата објава на папата на Инстаграм е земена од неговото прво јавно обраќање во Urbi et Orbi веднаш по неговиот избор на 8 мај, и вклучуваше неколку фотографии од првите денови на неговиот понтификат.
„Мир со сите вас! Ова е првиот поздрав што го упати Воскреснатиот Христос, Добриот Пастир. Би сакал овој поздрав на мирот да одекнува во вашите срца, во вашите семејства и меѓу сите луѓе, каде и да се, во секој народ и низ целиот свет.“
Во соопштението за медиумите, Дикастеријата за забележа дека официјалниот профил @Pontifex на X брои вкупно 52 милиони следбеници на девет јазици.
Содржината објавена од покојниот папа Фрањо ќе биде архивирана во посебен дел од институционалната веб-страница на Светиот Престол.
На Инстаграм, новиот профил на папата ќе го носи името @Pontifex – Папа Лав XIV, што ќе биде единствениот официјален Папски профил на платформата во сопственост на Мета.
Профилот на папата Фрањо @Franciscus ќе остане достапна, се наведува во соопштението за печатот.
Покојниот папа Фрањо беше активно присутен на двете платформи на социјалните медиуми, објавувајќи околу 50.000 објави, претежно објавувајќи извадоци од неговите говори на X и слики од неговите јавни настани на Инстаграм.
Овие објави, се вели во соопштението за печатот, нудеа „речиси секојдневна придружба во текот на целиот понтификат на папата Фрањо со кратки пораки од евангелска природа и поуки во корист на мирот, социјалната правда и грижата за созданието“.
Само во 2020 година, содржината на социјалните мрежи на покојниот Папа беше прегледана над 27 милијарди пати.
Папските социјални медиуми
Папата Бенедикт XVI беше првиот папа што отвори профил на социјалните мрежи , испраќајќи го првиот папски твит кога имаше 84 години, на тогашниот Твитер, на 12 декември 2012 година.
„Драги пријатели, драго ми е што можам да стапам во контакт со вас преку Твитер. Ви благодарам за вашиот великодушен одговор. Од срце ве благословувам сите“, напиша папата, роден во Германија.
Неговиот твит од 140 карактери ја отвори вратата за Светиот Престол да ја прифати современата форма на социјална комуникација.
По неговиот избор за 266-ти понтиф, папата Фрањо го користеше истиот профил на Твитер, испраќајќи го својот прв твит: „Драги пријатели, ви благодарам од срце и ве молам да продолжите да се молите за мене“.
На 19 март 2016 година, на празникот Свети Јосиф, папата Фрањо го прошири папското присуство на социјалните мрежи со отворањето на Инстаграм профил, @franciscus. Неговата прва објава беше на неколку јазици со фотографија од него како клекнува во молитва со натпис „Молете се за мене“.
Бидејќи папата Лав XIV користи современи средства за социјална комуникација, црковните институции и сите католици можат да се потпрат на неговото водство и вдахновение за тоа како да се однесуваат на интернет просторот.
Ватикан њуз/к.мк