Папата: Денес да се молиме за нашите епископи

Папата: Денес да се молиме за нашите епископи

Епископот треба да биде човек на молитва, треба да се чувствува избран и да биде блиску до народот – рече папата Фрањо во проповедта која ја одржа на светата Литургија на 11 септември 2018 година, зборувајќи за епископската служба.

Епископите треба да запамтат три важни работи: нивната сила е во тоа да бидат луѓе на молитва, потоа треба во понизност да знаат дека Бог ги избрал и треба секогаш да бидат со народот – се клучните мисли од проповедта на папата Фрањо која ја одржа на светата Литургија служена во домот Света Марта на 11 септември. Во проповедта Папата збруваше за епископската служба, осврнувајќи се на Евангелието од денот според Лука (6, 12-19), кое зборува како Исус ја поминува ноќта во молитва, а после тоа ги избира дванаесетте апстоли – „првите епископи“ – и слегува на едно рамно место среде народ кој сака да го слуша и да биде излекуван од болестите.

Човек на молитва

Епископите треба да бидат луѓе на молитвата – е првиот важен аспект на кој Светиот Отец се осврна во проповедта. Молитвата е утехата која епископот ја има во лошите моменти – рече Папата – односно спознанието дека во овој момент Исус се моли за мене, се моли за сите епископи. Со тоа сознание епископот пронаоѓа утеха, сила со која потоа се моли за себе и за Божјиот народ. Тoа е неговата главна задача. И свети Петар потврдува дека епископот е човек на молитва, кога вели: „А ние постојано ќе пребиваме во молитва и служба на словото.“ Не вели: „Ние ќе организираме пасторални планови…“ – рече папата Фрањо.

Човек кој се чувствува избран и кој е понизен

Светиот Отец потоа истакна дека Исус е Тој Кој ги избира Дванаесетмината, а верниот епископ знае дека не избирал тој, туку дека е избран. Епископот кој го сака Исуса не е кариерист, кој својот повик го живее како да е некоја функција, можеби и гледајќи на некоја друга можност за напредување. Не, епископот се чувствува избран. Сигурен е дека е избрaн – истакна Папата и додаде што go vodi епископот до дијалог со Господ. „Си ме избрал мене кој сум мал, кој сум грешник…“ – рече Папата и додаде: Епископот е понизен. Бидејќи кога се чувствува избран, го чувствува Исусовиот поглед во својот живот и тоа му дава сила

Не е далеку од народот

И на крајот како Исус во евангелскиот дел од денешната Литургија, епископот е повикан да биде блиску до народот, не одалечувајќи се. Епископот не е далеку од народот, не се однесува на начин кој го одалечува од народот; епископот го допира народот и дава народот да го допира. Не бара засолниште кај моќните, кај елитата. Елитата ќе го критикува епископот, а народот со љубов се однесува кон епископот, и има нешто како посебно помазание односно го потврдува епископот во неговото звање –истакна Папата.

Големиот обвинител сака да го соблазни на народот

Повеќе пати во денешната проповед Светиот Отец истакна дека силата на епископот е токму во тоа што е човек на молитвата, човек кој чувствува дека Бог го избрал и човек во народот. Добро е да се мисли на тоа во ова време во кое изгледа дека големиот обвинител се одврзал и е лут на епископите – рече Папата. Вистина е сите сме грешници, ние епископите. Toj настојува да ги открие гревовите, да направи да се видат, за да го соблазни народот. Големиот обвинител кои како што самиот Бог вели во Книгата Јов, „Иде во светот гледајќи како да обвинува“. Силата на епископот против големиот обвинител е молитвата, Исусовата молитва за него и неговата сопствена молитва; таа и понизноста со која се чувствува избран, како и неговата близина со Божјиот народ, а не одењето кон аристократскиот живот кој го одзема тоа помазание – рече папата Фрањо и на крајот поттикна: Да се молиме денес за нашите епископи: за мене, за оние присутните овде и за сите епископи во светот.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот