Папата: Каде што нема милосрдие, нема ниту правда

Каде што нема милосрдие, нема ниту правда, а Божјиот народ често страда заради немилосрдното осудување – истакна Светиот Отец во проповедта на светата Литургија на 23 март во капелата на домот Света Марта.

Коментирајќи ги литургиските читања, повикувајќи се на уште една евангелска сцена, Папата зборува за трите жени и тројцата судии: за невината Сузана, за прељубницата и за сиромашната вдовица: Сите три – како што рече – според некои црковни оци се алегориска фигура на Црквата: света, грешна и Црква во потреба. Тројцата судии се зли и расипани; во прв ред книжниците и фарисеиите кои прељубницата ја довеле до Исус. Нив ги заслепила строгоста. Се чувствувале непорочни, бидејќи го одржувале словото на законот, а живееле двоен живот – re;e Папата додавајќи:

Не биле свети, туку расипани; сурови можат да бидат само оние кои живеат двоен живот. Судиите ги осудувале жените, а тајно оделе кај нив. Такви се – го користам Исусовиот збор – лицемерите: имаат двоен живот. Оние кои осудуваат немилосрдно ја осудуваат Црквата – сите три жени се алегориска фигура на Црквата – живеат двоен живот. Суровоста го оневозможува дишeњето – рече Светиот Отец.

Зборувајќи пак за судиите од првото читање рече дека уценувале невина жена. Биле расипани, во овој случај похотни – објасни Папата и се осврна на судијата кој ја судеше вдовицата. Тој од никого не се плашел: само мислел на себе. Го интересирале само парите и честа. Сите судии биле алчни, расипани и сурови; не го познавале зборот милосрдие – истакна Папата.

Не го сфаќале милосрдието, бидејќи биле расипани. А Светото Писмо вели дека милосрдието суди праведно. Трите жени – светицата, грешницата и таа во потреба – се алегориска фигура на Црквата, страдаат заради недостаток на милосрдие. Божјиот народ и денес, кога ќе наиде на такви судии, страда заради недостаток на милосрдие – во општеството и во Црквата – а каде што нема милосрдие, нема ниту правда. Кога Божјиот народ се приближува да бара прошка, да му се суди, колку пати наидува на вакви судии? –  праша Папата додавајќи:

Наидува на расипници кои се обидуваат да го искористат, а тој е еден од најтешките гревови; таквите ги казнуваат покајниците за она што тие самите во својата душа го кријат. Тоа е немилосрдие. Би сакал да го кажам еден од најубавите евангелски зборови кој секогаш ме трогнува: Никој ли не те осуди? – Никој, Господи! – Ниту јас не те осудувам. Ниту јас не те осудувам е еден од најубавите зборови, бидејќи е полн со милосрдие – заврши Светиот Отец.

РВ/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцјата на Католици.мк
 
Категорија: Ватикан

За авторот