Папата: Здравствено сум подобар, не размислувам да се повлечам и би сакал да одам во Белгија
По повод празникот Пресвета Богородица од Гвадалупе, папата Фрањо разговараше со новинарката Валентина Алазраки за мексиканската телевизија N+. Тој рече дека сака да биде погребан во базиликата Света Марија Велика и се осврна на неговиот близок однос со Бенедикт XVI: „Беше понизна личност, голем човек. Му се восхитувам“
Повеќе од одлука или револуција, станува збор за ветување што тој самиот и го дал на Богородица. Сакам да бидам погребан во базиликата Света Марија Велика. Местото е веќе подготвено – рече папата Фрањо, кој на 17 декември ќе наполни 87 години, откривајќи ја својата намера во интервју за мексиканската телевизија N+. Истовремено, тој напомена дека работи на поедноставување на погребниот обред на Папите и јасно стави до знаење дека, иако размислува за смртта, и поради староста која – како што рече – доаѓа таква каква што е, не планира да се повлече. Згора на тоа, Хорхе Марио Бергољо ја откри својата желба дека во 2024 година сака да ја посети Белгија, заедно со патувањата, кои се „на чекање“, во Полинезија и неговата Аргентина.
Базиликата Света Марија Велика – местото каде што сака да биде погребан
Познатата дописничка Валентина Алазраки, ветеран на сите ватиканисти, разговараше со папата Фрањо на денот кога Мексико ја слави својата „мајка“, Пресвета Богородица од Гвадалупе, која се спомнуваше во текот на целото интервју, при што Папата уште еднаш ја истакна својата голема побожност кон нашата Богородица.
Токму затоа ја избра базиликата Света Марија Велика за место каде што ќе биде погребан, што, од една страна, означува историска новина во споредба со Папите од минатото кои сите се погребани во ватиканската крипта (последниот беше Бенедикт XVI, кој почина на 31 декември 2022 година.); а од друга страна, има голема поврзаност со таа базилика, која од 14 март 2013 година, ден по неговиот избор за Папа, ја посети 115 пати, пред и после секое меѓународно патување, а на 8 декември годинава, отиде да ѝ оддаде почит положувајќи златна роза пред иконата на Богородица Salus populi romani (Спас на римскиот народ). Станува збор за богородична икона која, според традицијата, ја насликал свети Лука и која бдее над жителите на Градот.
Односот со Бенедикт XVI.
Папата Фрањо зборуваше и за односот со својот претходник, неколку дена пред првата годишнина од неговата смрт, кој десет години беше почесен Папа. Мојот однос со папата Бенедикт беше многу близок. Понекогаш одев да се советувам со него. И тој ми го кажуваше неговото мислење, но ми велеше „но, види ти“; оставаше во мои раце. Секогаш ми помагаше – рече Светиот Отец и додаде: За таа работа беше многу великодушен.
Папата Фрањо тоа што успеал да го „испрати“ својот претходник го нарече милост, веднаш штом дознал од медицинската сестра дека не е добро, на последната Генерална аудиенција во 2022 година поттикна на молитва за него. Отидов да го посетам, беше луциден, но веќе не можеше да зборува и ме држеше за рака. Тоа збогување беше убаво. Почина три дена подоцна. Голем човек, Бенедикт беше голем човек, понизен, едноставен и кога стана свесен за своите граници имаше храброст да каже доста. Му се восхитувам на тој човек – рече папата Фрањо, додавајќи дека не го забележал фактот што Бенедикт повеќе го нема, во смисла дека неговото заминување наликувало на последните години од неговиот живот, кои ги поминал во манастирот Mater Ecclesiae: дискретен, тивок, природен.
Во овој момент не размислува да се повлече
Папата Фрањо не ја исклучува можноста еден ден да тргне по стапките на Бенедикт, но не во овој момент. Пред една година, во интервју за ABC, тој рече дека на почетокот на понтификатот – како што е вообичаено – на тогашниот државен секретар кардинал Тарцисио Бертоне му врачил писмо за повлекување во случај на болест. Тоа писмо останува таму каде што е. Не размислував за тоа и ја видов храброста на Бенедикт кога сфати дека не може, претпочиташе да каже ‘доста е’; тоа е добро за мене како пример и го молам Господ да кажам „доста е“ во одреден момент, но кога Тој ќе посака – рече Папата.
Староста и здравјето
Зборувајќи за староста, Папата ја признава кревкоста на неговото здравје, но уверува во моменталната состојба. Се чувствувам добро, чувствувам дека сум подобро – рече и додаде: Сепак, потребна ми е вашата молитва за моето здравје, бидејќи староста не доаѓа сама, не се разубавува, доаѓа таква каква што е. Од друга страна – истакна тој – треба да знаеме како да ги прифатиме даровите на староста и дека е можно многу добро да се работи и од друга перспектива.
Следни патувања
Осврнувајќи се на откажувањето на патувањето во Дубаи, на почетокот на декември, по повод конференцијата COP28, папата Фрањо рече дека точно е дека сега се преиспитуваат сите патувања, особено оние најодалечените. Тоа се ограничувањата, нели? – праша и истакна: Ограничувањата те тераат да сфатиш како тука завршува се, а почнува нешто друго. Староста ни овозможува да станеме зрели, тоа е убаво.
Патувањата се преиспитуваат, но останува желбата следната година да се направат три: Белгија, Полинезија и Аргентина. Првото патување, во Белгија, е сигурно – рече папата Фрањо. Останатите две се на чекање – додаде тој. Ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Папата сега првпат зборува за Полинезија, а идејата за посета на татковината ја спомна во речиси сите интервјуа дадени во минатата година.
Ватикан њуз/к.мк