Папата: Излечете ги болните рани што ја навредуваат саканата Латинска Америка

Папата: Излечете ги болните рани што ја навредуваат саканата Латинска Америка

Во четврток, на 4 мај 2023 година, папата Фрањо ги прими во аудиенција членовите на Организацијата на католичките универзитети на Латинска Америка и Карибите, кои ги охрабри да бидат „католици“, во смисла на „универзални“, внимателни на радостите и болките на луѓе. Потребни ни се умови, срца, раце, кои се на ниво на панорама на реалноста, а не на теснотија на идеологијата. Жално е да се видат интелектуалци со осакатена интелигенција

Нееднаквости, социјални и економски кризи, идеолошка и политичка поларизација, културна исклученост, богати кои стануваат се побогати и сиромашни кои осиромашуваат – ова се проблемите што ги истакна папата Фрањо, примајќи ги во аудиенција членовите на Организацијата на католичките универзитети на Латинска Америка и Карибите, попознати по кратенката ОДУКАЛ, основана во Чиле од надбискупот Алфредо Силва Сантијаго. Во моментов, таа се состои од 115 универзитети, кои претставуваат еден и пол милион студенти, повеќе од 110.000 професори и повеќе од 5.000 академски програми.

Папата ги истакна „раните“ за да ги опише проблемите што денес го изобличуваат лицето на „саканата Латинска Америка“, континент на кој изгледа дека владее хаос, но – како што рече – Бог од него ги црпи своите најубави и креативни дела.

Сиромаштво и нееднаквост

Организацијата на католичките универзитети е цврсто и разгрането тело чии главни цели се да придонесе за формирање на јавни политики поврзани со образованието, како на национално, така и пред се на наднационално ниво – потсети Папата во долгиот говор одржан на шпански јазик. Светиот Отец поттикна на обновување на на таа обврска денес, наспроти сиромаштвото и нееднаквоста што ја карактеризираат Латинска Америка, кои како што рече, се проблем кој наместо да се намалува, станува се поголем.

Пандемијата и нејзините последици, заострениот општ контекст на политичкото, економското и военото поле, како и идеолошката поларизација, изгледа дека ја затвораат вратата за развојните напори и копнежот за ослободување.

„Католички“ ум

Главната задача на мрежа како ОДУКАЛ е да придонесе за формирање на католички умови, способни да не гледаат само на својот интерес.

Исклучително прецизен и фокусиран поглед може да стане неподвижен, фиксиран и ексклузивен. Ја има точноста на радарот, но ја губи панорамата. Да се биде „католик“ значи да се има широка визија за тајната на Христос и светот, тајната на мажот и жената. Ни требаат умови, срца, раце на ниво на панорама на реалноста, а не на теснотија на идеологијата.

Богатите стануваат се побогати, сиромашните стануваат посиромашни

Со „католички“ ум, срце и раце, можно е решително да се придонесе за зараснување на болните рани што ја навредуваат нашата сакана Латинска Америка, каде богатите стануваат се побогати, а сиромашните посиромашни.

Чувајте го огнот што Бог го запали во Латинска Америка…

Глобален пакт за образование

Во овој процес ќе помогне Глобалниот пакт за образование, инициран од самиот Свети Отец. Бројни универзитети координирани од Организацијата на католичките универзитети на Латинска Америка и Карибите промовираа и промовираат идеи и проекти вдаховени од оваа иницијатива. Папата Фрањо го изрази своето задоволство поради тоа. Ве молам продолжете – повика тој – верувам дека Пактот – не само образовниот, туку и културниот – значително придонесува за она што се нарекува „трето послание на универзитетите“.

Католичкиот универзитет треба да биде мисионерски, односно со отворени врати кон надвор, бидејќи мисијата е вдахновение, поттик, труд и награда на целата Црква. Можеби мисијата на универзитетот е да едуцира поети за општеството, мажи и жени кои, откако добро ги научиле граматиката и вокабуларот на човештвото, имаат занес, искра што овозможува да се замисли и непознатото. Не заборавајте на тој израз: да формирате поети за општеството.

Истражувањето како мисија

Мисијата, во академскиот свет, е исто така истражување спроведено од истражувачи со мисионерски ум и срце. Мисионерот ја напушта татковината на своите верувања и навики, одејќи на неистражени места – објасни Папата. Го знае евангелието, но не знае какви плодови ќе донесе во таа туѓа земја. Напнатоста помеѓу знаењето и незнаењето е она што го турка напред и го штити да не претпостави дека знае сè. Тој знае, и си дозволува да биде изненаден од она што ќе го запознае.

Слично на тоа, истражувачот, ако не е подготвен да излезе и да учи, ќе се откаже којзнае од какво прекрасно знаење, осакатувајќи ја сопствената интелигенција. Многу е тажно да сретнеш интелектуалци, мажи и жени со голема интелигенција, но осакатена – истакна папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот