Папата Фрањо во интервју за весникот од Арапските Емирати „Ал-Итихад“ ја истакна важноста на Документот за човечко братство и обврската на возрасните да не дозволат младите да станат жртви на илузии и судир на цивилизации.
Огорчен сум и згрозен од овие постапки – рече папата Фрањо во разговор со Хамад Ал Кааби, уредник на дневниот весник „Ал-Итихад“ од Арапските Емирати, осврнувајќи се на палењето на Куранот во Шведска. Секоја книга што нејзините автори ја сметаат за света мора да се почитува од почит кон нејзините верници, а слободата на изразување никогаш не смее да се користи како изговор за презир кон другите – посочи Папата и додаде: Таквата дозвола треба да се отфрли и осуди.
Здравствена состојба
Светиот Отец зборуваше и за неговата здравствена состојба по неодамнешната операција на абдоменот. Беше тешко – рече Светиот Отец – но, благодарам на Бога, подобар сум благодарение на посветеноста и професионалноста на лекарите, медицинските сестри и техничарите, на кои многу им благодарам и се молам за нив и нивните семејства, како и за сите луѓе, кој ми пишуваа и се молеа за мене во тие денови.
Вложувањето во младите значи гарантирање на континуитет
Потсетувајќи се на неговата посета на Абу Даби во 2019 година, Папата ја изрази својата благодарност за посветеноста на Арапските Емирати и шеикот Мохамед бин Зајед за ширење братство, мир и толеранција и ги охрабри возрасните да не дозволат младите да станат жртви на илузии и судири на цивилизациите. Според мене, единствениот начин да ги заштитиме младите од негативни пораки и лажни и измислени вести, и од искушенијата на материјализмот, омразата и предрасудите, е да не ги оставиме сами во оваа борба, туку да им ги дадеме потребните средства, кои се слободата, проникливоста и одговорноста. Слободата е она што го разликува човекот. Бог нè направи слободни дури и кога го отфрламе; слободата на мислата и изразувањето се од суштинско значење за да им се помогне да растат и учат. Не смееме да дозволиме да се однесуваме кон младите како да се деца неспособни да избираат и да одлучуваат – истакна Папата. Тие се сегашноста, затоа вложувањето во нив значи гарантирање континуитет, секогаш следејќи го златното правило да го правиме на другите она што би сакале нам другите да ни прават.
Потребни ни се градители на мирот
Одговарајќи на прашањето за Документот за човечко братство, Светиот Отец рече дека секогаш им го подарува на делегациите што ги прима во Ватикан, бидејќи – како што рече – верувам дека тоа е важен текст не само за дијалог меѓу религиите, туку за мирен соживот меѓу сите човечки суштества. Ќе има цивилизација на братство или непријателство; или иднината ќе ја градиме заедно или нема да ја има – посочи Петровиот наследник и изрази задоволство што глобалната заедница ја прифати пораката и целите на документот. Човечкото братство е лекот што му треба на светот за да го залечи од отровот на тие рани. Иднината на меѓурелигиската соработка се заснова на принципот на реципроцитет, почитување на другите и вистина.
Наша задача – додаде папата Фрањо – е да го преобразиме верското чувство со соработка, со братство, со конкретни дела на добра. Денес ни требаат градители на мирот, а не производители на оружје; денес ни требаат градители на мирот, а не поттикнувачи на конфликти; ни требаат пожарникари, а не пиромани; ни требаат поборници за помирување, а не луѓе кои се закануваат со уништување.
Конкретни обврски
Во однос на конкретните обврски во оваа смисла, охрабрувајќи ги каритативните иницијативи започнати по објавувањето на документот, Папата рече дека е лесно да се зборува за братство, но вистинската мерка на братството е она што ние всушност го правиме на конкретен начин за да помогнеме, да го поддржиме, спасиме, храниме и ги примаме браќата и сестрите во човештвото. Секое добро, по својата природа, треба да биде упатено до сите без разлика. Ако им правам добро само на оние кои мислат или веруваат како јас, тогаш мојата добрина е лицемерие, бидејќи доброто не познава дискриминација и исклучување.
Тероризмот и климатската криза
Осврнувајќи се на зголемувањето на терористичките закани, папата Фрањо одговори со зборови од документот, осудувајќи ги сите практики кои го загрозуваат животот, како што се геноцид, акти на тероризам, принудно раселување, трговија со човечки органи, абортус и евтаназија, како и политиките што ги поддржуваат сите овие работи. Римскиот бискуп изрази благодарност за домот на Авраам во Абу Даби, простор кој вклучува црква посветена на Свети Фрањо, џамија и синагога, формирани за да го реализира принципот на човечко братство. Зборувајќи за климатската и еколошката криза, тој посочи дека единствен ефикасен начин за справување со ваква криза е да се изнајдат реални решенија за реалните проблеми на еколошката криза. Треба да ги претвориме нашите изјави во дела пред да биде предоцна – рече папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк