Папата до новинарите: Не кријте ја реалноста и нејзината беда и не создавајте непотребна врева
На 22 јануари 2024 година, папата Фрањо го прими Меѓународното здружение на новинари акредитирани во Светиот Престол и ги охрабри да ја комбинираат „префинетоста на духот“ со новинарската вештина со цел успешно да ги пренесат вестите за Папата и Светиот Престол.
„Убавината на вашата работа околу Петар е во тоа што се заснова на силната карпа на одговорност за вистината, а не на кревкиот песок на озборувања и идеолошки толкувања“, беа зборовите на Светиот Отец до околу 150 новинари кои ги следат активностите на СветиотПрестол, а се познати и како „ватиканисти“.
Многу од овие новинари често патуваат со Папата на неговите Апостолски патувања и поминуваат многу време следејќи ја работата на Светиот Отец. „Ја знам вашата страст и вашата љубов кон она што го пренесувате, но и вашите искушенија“, рече тој, признавајќи дека многу од нив го следат Ватикан заедно со вестите од нивните матични земји.
„Морам да се извинам – рече тој – за времето кога вестите кои се однесуваат за мене на различни начини ве оддалечуваат од вашите семејствата, од играње со вашите деца и до поминување време со вашите сопрузи или сопруги“. Да се биде новинар е повик, истакна тој, како лекар „кој одлучил да го љуби човештвото грижејќи се за неговите болести“. „На некој начин, тоа го прави новинарот, одлучувајќи лично да ги допре раните на општеството и светот“, рече Папата и изрази благодарност до ватиканистите за нивната новинарска работа и за нивната „постојаност и трпение“ во градењето „мостови на знаење и комуникација наместо поделба и недоверба“.
Осврнувајќи се на идентитетот на новинарите, Папата потсети на зборовите на 80-годишниот ватикански новинар Луиџи Акатоли. „Во моето долгогодишно занимавање со ватиканското новинарство“, напиша Акатоли, „ја научив уметноста на барање и раскажување на животни приказни, што е начин да се сака човештвото […]. Се научив на понизност. Запознав многу Божји луѓе кои ми помогнаа да верувам и да останам човек“. Папата рече дека „и покрај тешкотиите, ова е прекрасен поттик: да се сака човештвото, да се учи на понизност“.
Папата исто така потсети и на зборовите упатени до новинарите од страна на свети Павле VI. набргу по изборот и во пресрет на продолжувањето на Вториот ватикански собор. Тогаш тој рече дека работата на новинарите кои го следат Ватикан и Црквата не треба да се води од секуларни и политички категории. Напротив, „нивната служба мора да го земе предвид она што вистински го обликува животот на Црквата, имено, нејзините верски и морални цели и нејзините единствени духовни квалитети“.
Папата Фрањо им се заблагодари на ватиканистите што настојуваат да гледаат подалеку од површината и да ја избегнат двојната стапица на претворање на вестите за Ватикан во обичен спектакл или идеализирање под маска на политиката. Отстапувајќи од својот подготвен текст, Римскиот бискуп им се заблагодари на новинарите за чувствителноста што често ја покажуваат кога зборуваат за црковните скандали, нагласувајќи ја почитта кон жртвите и нивниот молк исполнет со срам пред страшните детали.
Работата на новинарите кои известуваат за активностите на Ватикан бара комбинирање на „префинетост на духот“ со новинарската вештина, со цел да се пренесат настаните од Ватикан „преку сведочење, дури и пред употреба на зборовите“. Нивната задача, заклучи Папата, е „да не ја кријат реалноста и нејзината беда, да не ги засладуваат тензиите, но во исто време да не создаваат непотребна врева, туку да се обидат да го доловат она што е суштинско, во светлината на природата на Црква“.
Ватикан њуз/к.мк