Папата: Добрите Самарјани го заштитуваат животот

Заштитата на човечкиот живот и промовирањето на семејството секогаш треба меѓусебно да се поврзани. Ова го посочи Папата на аудиенцијата со делегацијата на „Центрите за промовирање на животот“ во Италија.

Папата ги нарече членовите на Центрите за промовирање на животот, дел од Движењето за живот, како „Самарјани со секогаш отворено срце за другите“, кои се посветуваат пред сè на мајките во тешкотии, помагајќи им да не биде „поразен животот кој расте во нив“:

„За Христовите ученици, да се помогне на еден повреден живот значи да се помогне на луѓето во потреба, да застанеш до нив, да ги земеш на себе нивните слабости и болка, за да можат повторно да се подигнат. Колку многу семејства се ранливи поради сиромаштијата, болестите, немањето работа и дом! Колку млади го загубија вистинскиот пат, загрозени од зависности и други ропствa и очекуваат да ја најдат повторно довербата во животот!“.

Папата Фрањо ги повика членовите на Центрите за промовирање на животот да ги отворат уште пошироко своите срца во нивното „благочестиво и благородно“ служење за животот. „Бидете Самарјани кои ја прегрнуваат со лична и јавна чувствителност секоја форма на обесправеност, на сиромаштија и експлоатација“:

„Исто и денес постојат бројни повредени луѓе лишени не само од нивните придобивки, туку и од нивното достоинство. Пред болката и потребите на овие наши беспомошни браќа има такви кои се вртат на другата страна или ги одминуваат, но исто така и оние кои се задржуваат и ги исполнуваат нивниот повик со дарежлива посветеност“.

Во овие 40 години активност – потсети папата Фрањо – „членовите на Движењето за Животот, пред различните форми на закани за човечкиот живот, положија огромни напори за да нема отфрлени или исклучени од општеството“:

“Преку капиларната дејност на ’Центрите за промовирање на животот’, распространети низ цела Италија, вие се претворате во повод за надеж и преродување на многу луѓе. Ви благодариме за доброто што го направивте и правите со огромна љубов и ве охрабруваме да одите со надеж по овој пат, продолжувајќи да бидете добри Самарјани! Никогаш да не бидете уморни да работите за заштита на многуте незаштитени кои имаат право да се родат, така и за сите оние кои сакаат еден достоен и здрав живот!“.

Папата заврши со повик сите да „работат на различни нивоа и со упорност, за промоција и заштита на семејството, кое е првиот и најважниот ресурс на општеството, особено во однос на дарот на децата и афирмацијата на достоинството на жената”.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот