Девет месеци од почетокот на руската агресија врз Киев, папата Фрањо испрати писмо во кое го изразува своето страдање и близина со населението кое го нарекува „благородно и маченичко“. Светиот Отец ја изразува својата тага за сите убиени деца: „Во секое од нив е поразено целото човештво“. Потоа се обраќа на жените, вдовиците и жртвите на насилство, војниците, младите, доброволците, свештениците: „Во Исусовиот крст ве гледам вас, кои страдате од ужасот предизвикан од таа агресија“
Љубовта на таткото кој плаче со своите деца, како и тагата на пастирот, кој го гледа народот ранет од уништувања и болка, глад, жед и студ, се чувствува во писмото кое папата Фрањо го испрати до народот на Украина. Девет месеци по избувнувањето на „апсурдното лудило на војната“, по повеќе од стотина јавни апели за таа напатена земја, Светиот Отец потпиша писмо упатено директно до сите Украинци. На сите: жени, жртви на насилство или воени вдовици; на младите луѓе кои отидоа на фронтот; старите лица кои се оставени сами; бегалците и прогонетите; доброволците и свештениците, властите на таа земја.
До сите нив Римскиот бискуп ја изразува својата близина, бара да не се обесхрабруваат во ова време на тешки искушенија; го изразува своето восхитување од нив затоа што, како што веќе покажа историјата, вие сте – напиша – силен народ, народ кој страда и се моли, плаче и се бори, се противи и се надева; благороден и маченички народ.
Реки од крв и солзи
Писмото на Папата започнува со низа ужаси кои станаа секојдневие во таа земја од 24 февруари 2022 година, првиот ден од руската агресија врз Киев.
Застрашувачки татнежи од експлозии и вознемирувачки звуци на сирените постојано одекнуваат на вашето небо. Вашите градови се бомбардирани додека проектили паѓаат што предизвикуваат смрт, уништување и болка, глад, жед и студ. Многумина мораа да побегнат од вашите улици, оставајќи ги своите домови и саканите зад себе. По вашите големи реки секојдневно течат реки од крв и солзи.
На тие солзи Папата ги придружува и своите. Нема ден во кој не сум ви близок и во кој не ве носам во срцето и во моите молитви. Вашата болка е моја болка. „Во Исусовиот крст ве гледам вас, кои страдате од ужасот предизвикан од таа агресија“– напиша папата Фрањо и праша: Како можат луѓе да се однесуваат така кон други луѓе?
Деца убиени, ранети, сирачиња
Денешните трагедии во сеќавањата на Папата будат драми што се случуваат со години во светот. Пред се, трагедиите на децата – пишува Папата и ги споменува случаите на новороденче и 4-годишно девојче, отргнати од светот во ракетен напад.
Колку деца се убиени, ранети или сираци, отргнати од нивните мајки! Заедно со вас плачам за секое дете што го загуби животот поради таа војна – вели Светиот Отец и именува неколку малечки кои како и стотици други деца го загубиле животот. Во секоја од нив, целото човештво е поразено. Тие сега се во Божји прегратки, ги гледаат вашите маки и се молат да исчезнат.
Болката на мајките и народите
Но, како да не чувствувате вознемиреност за нив и за сите оние, мали и возрасни, кои се депортирани? Болката на украинските мајки е неизмерна – пишува папата Фрањо, а потоа се навраќа на младите кои за да ја одбранат храбро својата татковина, наместо на соништата морале да ја стават раката на оружјето. Ги спомена и сопружниците на загинатите во војната и возрасните кои на секој начин се трудат да ги заштитат своите најблиски. Обраќајќи им се на постарите, Папата забележува дека наместо да го поминат мирното зајдисонце од својот живот, тие се фрлени во мрачната ноќ на војната. Мислам на вас и блиску сум до вас со љубов и восхит за тоа како се соочувате со вакви тешки искушенија.
Во своето писмо, Папата не ги заборава доброволците кои секојдневно работат за народот, како и сите пастири: епископи, свештеници, монаси и монахињи, кои и покрај големата опасност за нивната безбедност останаа со нарoдот, креативно претворувајќи ги заедниците и манастирите во места за сместување каде што можат да пружат гостопримство, помош и храна за оние на кои им е потребна.
Молитва за властите
Римскиот бискуп ги спомнува и бегалците и раселените лица, кои се далеку од своите домови, од кои многумина се опустошени. На крајот, Папата упати апел до властите за кои се моли.
Нивна должност е да управуваат со земјата во трагични времиња и да носат далекувидни одлуки за мир и да ја развиваат економијата и покрај уништувањата на толку многу важни инфраструктури, во градовите, како и во селата.
Сеќавање на Холодоморот
Во сето ова море од зло и болка, папата Фрањо потсети на уште една голема трагедија што ја претрпе украинскиот народ, Холодомор, чија 90-годишнина се одбележува на 26 ноември. Тоа е страшен настан, за кој тој веќе зборуваше на последната Генерална аудиенција.
И покрај огромната трагедија низ која поминува, украинскиот народ никогаш не бил обесхрабрен или препуштен на самосожалување. Светот препозна храбра и силна нација, народ кој страда и се моли, плаче и се бори, се противи и се надева; благороден и маченички народ.
И понатаму останувам близок со вас – вети папата Фрањо – со срце и молитва, хуманитарна грижа, за да се чувствувате придружувани, да не се навикнеме на војната, да не бидете денес сами, а посебно утре, кога ќе може да се појави искушението да ги заборавме вашите страдања.
Божиќ и кризата на страдањата
На крајот од писмото, Папата го насочува погледот кон следните месеци во кои – како што пишува – студената клима го прави уште потрагично она што го доживувате. Би сакал наклонетоста на Црквата, силата на молитвата, доброто што ви го посакуваат многу браќа и сестри од сите страни на светот, да ви бидат галење на лицето – се надева Папата. Спомнувајќи го претстојното празнување на Божиќ, Папата пишува дека би сакал да се врати во Витлеем заедно со украинскиот народ, на искушението со кое Светото семејство требаше да се соочи таа ноќ, а кое изгледаше само студено и темно. Сепак, светлината пристигна; не од луѓето, туку од Бога; не од земјата, туку од небото – пишува папата Фрањо и на крајот нивните маки и нивните солзи ги довери на Богородица.
Ватикан њуз/к.мк