Во неделата на Словото Божјо, 22 јануари 2023 година, папата Фрањо потсети на итната потреба од навестување, на потребата да го исповедаме Бога со широко срце, така што оние што ќе ги сретнеме да дојдат во коработ на Петар, бидејќи тоа е Словото Божјо, не е прозелитизам. На крајот, во присуство на 5.000 верници присутни во ватиканската базилика, им ги благослови службите на новите лектори и катехисти.
Словото кое е светлина за олеснување на уморното срце, дар што никнува спонтано, меч кој продира во животот ставајќи нè во криза и така насочува и преобразува. Тоа е Слово кое не може да се премолчи, туку мора да се сведочи, давајќи му „тело“ за да се покаже нежност кон оние кои страдаат. Ова се мислите на папата Фрањо од неговата проповед во Неделата на Словото Божјо, која тој самиот ја востанови во септември 2019 година, со motupropriо Aperuit illis. Папата на тој начин потсети дека навестувањето на Евангелието и денес е итно, дека Словото не е кристализирано во апстрактни и статични формули, туку познава динамична историја составена од луѓе и настани, зборови и дела, случувања и тензии и пред сè, тоа е за секого, бидејќи спасението е за сите луѓе.
Не смее да ни се случи да исповедаме великодушен Бог, а самите ние да бидеме Црква со тесни срца; тоа би било – ќе си дозволам да кажам – проклетство; да Го исповедаш Бога со широко срце и да бидеш Црква со тесно срце. Да не ни се случи да проповедаме спасение за сите, а патот за негово прифаќање да го направиме непрооден; да знаеме дека сме повикани да навестуваме за Царството, а во исто време да го занемариме Словото, расфрлајќи се на сите страни за многу споредни работи или многу споредни дискусии.
Исус е „ходочасник“, кој навестува на сите
Има три насоки, три патеки, на кои предупреди папата Фрањо, по кои треба да се оди во наследувањето на Исус, кој не бил статичен учител, учител кој седи зад катедрата, туку кој патува, како ходочасник, гласник кој ја навестува радосната вест за Божјата љубов. Љубов, која е за сите луѓе, за луѓето кои беа потопени во темнина: странци, пагани, жени и мажи од разни краишта и култури.
А Исус на тој начин ги „проширува границите“: Божјото Слово, кое исцелува и воздигнува, не е наменето само за праведниците од Израелскиот народ, туку за сите, за сите; сака да допре далеку, сака да исцели болни, сака да ги спаси грешниците, сака да ги собере изгубените овци и да ги освежи оние чии срца се изморени и потиштени. Накратко, Исус „ги преминува границите“ за да ни каже дека Божјата милост е за сите.
Стави го твојот живот во Словото Божјо
Божјата близина не е неутрална – рече Светиот Отец – неговото присуство не ги остава работите такви какви што се, не штити за спокоен живот. Тука е промена создадена од Словото, тоа е преобраќањето – вториот пат на кој се осврна Папата – Словото, всушност, нè доведува во криза затоа што е остро како меч што продира во животот, ни овозможува да ги распознаеме чувствата и мислите на срцето. Влегува во нас преобразувајќи нè и насочувајќи го нашиот живот кон Господ.
Еве го Исусовиот повик: Бог ти се приближи, затоа биди свесен за неговото присуство, направи простор за неговото Слово и твојот поглед на живот ќе се промени. Би сакал да кажам и вака: стави го својот живот во Божјото Слово. Ова е начинот на кој Црквата ни покажува: сите ние, вклучително и пастирите на Црквата, сме под авторитетот на Божјото Слово. Не според нашите сопствени вкусови, склоности и преференции, туку под едно Божјо Слово што нè обликува, преобраќа и бара да бидеме соединети во една Христова Црква.
Рибари на луѓе
Отворено за сите, способно да преобрати и да протресе, Словото не може да се премолчи. Потсетувајќи на Симон и Андреј кои станаа рибари на луѓе, Папата истакна дека посланието е да се донесе утехата на Словото, продорно навестување на Бога кое го преобразува животот, радоста да се знае дека Тој е Отецот кој им се обраќа на сите. Словото е тоа што станува тело способно да покаже нежност кон оние што страдаат.
Ова е динамиката на Словото: нè вовлекува во „мрежата“ на љубовта на Отецот и нè прави апостоли кои чувствуваме нескротлива желба да ги доведеме во коработ на Царството оние што ќе ги сретнеме на нашиот пат. Ова не е прозелитизам бидејќи оној што повикува е Словото Божјо, а не нашиот збор.
Благодарност на Папата до оние кои го шират Словото
Римскиот бискуп им се заблагодари на оние кои вредно работат повторно да го стават Божјото Слово во центарот, а посебно на тројцата нови лектори – од Обединетото Кралство, Филипините и Демократската Република Конго – и седумте катехисти, кои доаѓаат од Италија, Филипини, Демократска Република Конго и Мексико. На нив им ги додели тие служби, нагласувајќи дека при навестување на Словото, тоа треба да зборува и со нив. Покрај тоа, ги охрабри да ја негуваат молитвата и да го сведочат Евангелието со својот живот. Лекторите, еден по еден, го примија Светото Писмо пред Папата, прифаќајќи го поттикот на Светиот Отец верно да го пренесуваат Божјото Слово за да вроди со плод во срцата на луѓето. Катехистите, на кои им беше доверено распетието, беа благословени за нивната служба, која – како што истакна папата Фрањо – треба да биде поттикната од вистински апостолски ентузијазам.
Ватикан њуз/к.мк