Сите можеме да се излечиме и да бидеме тие кои ќе носиме исцеление, на сите нас може да ни биде простено и можеме да бидеме оние што ќе донесеме прошка, сите можеме да се преродиме и да бидеме тие што ќе донесеме повторно раѓање, им порача папата Фрањо на затвореничките од женскиот затвор „Giudecca“ со кои се сретна на почетокот на неговата посета на Венеција.
Во рамките на својата Апостолска посета на Венеција, папата Фрањо во недела на 28 април 2024 година наутро го посети женскиот затвор „Giudecca“ и се сретна со затвореничките. На првата станица од посетата на Венеција, Папата го пречекаа и поздравија три затворенички од женскиот затвор „Giudecca“ кој од 19 април, на вдахновение на Папата, стана дом на Павилјонот на Светиот Престол за 60-тото издание на Венециското уметничко биенале, и на патријархот на Венеција, монс. Франческо Мораља, италијанскиот министер за правда Карло Нордио, претседателот на Венето Лука Заја и затворските власти.
Поздравувајќи ги присутните, Светиот Отец им порача на затвореничките дека сите луѓе се браќа и дека тоа никој не може да го оспоримтоа, додавајќи дека на почетокот на посетата на Венеција сакал да се сретне со нив за да им покаже дека имаат посебно место во неговото срце. Би сакал, истакна папата Фрањо, овој момент да не се доживее како „официјална посета“, туку како средба во која по милоста Божја си даруваме време, молитва, близина и братска љубов. Денеска сите побогати ќе си заминеме од овој двор. Можеби ќе заминам побогат токму јас, рече Папата и додаде дека доброто кое што ќе го размени ќе му биде драгоцено.
Господ е тој што сака да бидеме заедно во овој момент. Стигнавме овде по различни патишта, некои многу болни поради грешки од кои, на различни начини, секој човек носи рани и лузни. Но, Бог сака да бидеме заедно затоа што знае дека секој од нас, овде, денес, има нешто уникатно да даде и да добие. Тој знае дека на сите тоа ни треба. Секој од нас има своја уникатност, имаме дар; тоа е она што можеме да го понудиме и споделиме.
Затворот, рече тој, е сурова реалност, а проблемите како што се пренатрупаноста, недостатокот на простор и ресурси и епизодите на насилство создаваат многу страдања. Но, затворот може да стане и место на преродба, морална и материјална преродба, во која достоинството на жените и мажите „не се става во изолација“ туку се промовира преку меѓусебно почитување и грижа за талентите и способностите, кои можеби се оставени заспани или затворени поради животните настани, но кои можат повторно да се откријат за доброто на сите и кои заслужуваат внимание и доверба. Никој не може да му го одземе достоинството на човекот, нагласи Светиот Отец.
Иако звучи парадоксално, останувањето во затвор може, преку повторното откривање на несомнените убавини кај нас и кај другите, да го означи почетокот на нешто ново, што го симболизира и уметничкиот настан на кој вие сте домаќини и во чиј проект активно учествувате. Затворот може да стане место за реконструкција каде што можете храбро да го погледнете и оцените вашиот живот, да го отстраните она што не е потребно, што е оптоварувачко, штетно или опасно; развијте го проектот, а потоа започнете одново со копање на темелите и враќање, во светлината на создадените искуства, да составувате тула по тула, заедно и со решителност.
Затоа, нагласи Папата, важно е затворскиот систем да нуди алатки и простор за човечки и духовен раст како и културен и професионален развој, создавајќи услови за здрава реинтеграција на затвореничките. Ве молам, немојте да го „изолирате достоинството“, туку создавајте нови можности, посочи тој и додаде дека секој човек направил грешки кои треба да се простат и рани што треба да се залечат. Сите ние, додаде, можеме да се излечиме и да бидеме тие што ќе донесеме исцеление, на сите нас може да ни биде простено и да бидеме тие што ќе донесеме простување, сите можеме да се преродиме и да бидеме тие што ќе донесеме повторно раѓање.
Драги пријатели, да ја обновиме денес заедно, јас и вие, нашата верба во иднината. Ве молам, не го затворајте прозорецот, секогаш гледајте во хоризонтот, секогаш гледајте во иднината со надеж. Сакам да мислам на надежта како сидро, закотвено во иднината, а ние го имаме јажето во раце и се движиме напред закотвено во иднината.
На крајот од средбата Папата им предложи на затворениците секој ден да го започнуваат со зборовите „денес е вистинското време“, „денес е вистинскиот ден“, „денес почнувам повторно“. Заблагодарувајќи им се за средбата, тој истакна дека ги носи во молитвите и побара од нив да се молат и за него. Папата во затворот подари икона на Пресвета Богородица, истакнувајќи ја нежноста на Мајката што таа ја носи за секој човек.
Ватикан њуз/к.мк