Папата: Взаемна доверба и почит помеѓу евреите и католиците

Папата Фрањо вчера, на 25 јуни, на аудиенција ја прими делегацијата на здружението „Б’наи Б’рит интернационал, хуманитарна и културна организација основана во 19 век, која го промовира и поддржува еврејскиот идентитет но исто така се бори и против антисемитизмот.

Оваа организација ги поддржуваат вдовиците и децата и помагаат на луѓе погодени од природните катастрофи. Светиот Отец во својот говор ги потсети на декларацијата од Вториот Ватикански Собор за односот на Црквата кон нехристијанските религии, Ностра Етате, како пресвртница на патот за меѓусебното познавање и почитување помеѓу евреите и католиците, врз основа на големото заедничко духовно наследство.

Папата изрази благодарност за големиот напредок остварен во дијалогот помеѓу Црквата и јудаизмот. Пред сѐ – како што рече – се разви чувството на взаемната доверба и почит. Постојат многу области на кои евреите и христијаните можат да работат заедно за општото добро. Според зборовите на папата Фрањо, почитта кон животот и создаденото, кон човечкото достоинство, кон правдата и солидарноста нѐ обединува со цел да работиме на социјалниот напредок и да ја гарантираме иднината на новите генерации.

Ние сме повикани, особено, да се молиме и да работиме за мирот – рече Светиот Отец. За жал, постојат многу земји и области во светот каде што се живее во конфликти – особено мислам на Светата Земја и на Блискиот Исток. Ова бара храбри заложби за мир, кој не треба само да се посакува, туку сите, а посебно верниците треба да го бараат и да го градат.

Папата Фрањо потсети и на свети Иван XXIII како и на свети Иван Павле II, кои како римски првосвештеници, особено го поттикнувле пријателството меѓу евреите и католиците. Иван XXIII спасил многу Евреи за време на Втората Светска војна и „во голема мера сакал“ да се издаде соборски документ на тема за одност на Црквата и јудаизмот, додека Иван Павле II направил бројни историски гестови, како што се посетата на Аушвиц или на Големата римска синагога. „Со Божја помош сакам да одам по нивните чекори, поттикнат од многубројните убави средби и пријателства во Буенос Аирес“ – рече папата Фрањо.

РВ/З.А.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот