Осврт на отец Ломбарди за вториот ден од посетата на папата Фрањо на Куба
Отец Ломбарди, директор на Ватиканската прес служба и на Радио Ватикан, во разговор за Радио Ватикан го опиша вториот ден од апостолската посета на Куба.
Врв на сѐ беше светата Литургија на Плоштадот на Револуцијата во Хавана. Тоа беше срдечна средба со кубанскиот народ, момент на вера и заедништво, а Светиот Отец направи нешто необично, лично причести пет деца првопричесници. Ние пак, на оваа литургија ќе се сеќаваме по големата побожност на народот, истакна отец Ломбарди додавајќи дека Светиот Отец во наговорот пред Ангеловиот Поздрав посака преговорите за мир во Колумбија да успеат.
На забелешката дека Папата се сретна со Фидел Кастро, отец Ломбарди одговори дека средбата беше очекувана, иако не беше на програмата. Средбата не изненади никого, бидејќи сите знаеја колку Фидел сакаше да се сретне со папата Фрањо и да поразговара со него, како што го направи тоа и со папата Бенедикт XVI. Папата Фрањо му поклони неколку книги како и апостолското писмо „Радоста на Еванеглието“ и енцикликата „Лаудато си“, истакна отец Ломбарди.
Говорејќи, пак, за другиот дел од напорниот ден, отец Ломбарди потсети на средбата со клерот и на средбата со младите. И на едните и другите Папата им се обрати со спонтан говор. На свештениците, богопосветените лица и на семинаристите им говореше за сиромаштијата, милосрдието и опростувањето како и за понизното служење на ближниот по примерот на Христос. Младите ги поттикна да сонуваат, да бидат идеалисти, да не се плашат да се залагаат за општото добро, водејќи дијалог со останатите општествени фактори.
РВ/В.Н.