Папата го поддржа јавното изложување на Торинското платно

Папата го поддржа јавното изложување на Торинското платно

Надбискупот на Торино Чесаре Носиглија прими писмо во кое Светиот Отец Фрањо изразува поддршка за неговата идеја по пат на директен пренос на интернет и социјалните мрежи Торинското повторно да се изложи за широката јавност.

Тоа ќе се случи во текот на обредот во катедралата во Торино на Велика сабота, 11 април, а верниците во текот на преност ќе се молат за запирање на смртоносната пандемија од коронавирусот која го зафати целиот свет и практично сите луѓе на земјата принудно ги затвори во своите домови.

Потсетуваме, за Торинското платно се верува дека со него е обвиткан Исус Христос по смртта на крстот. Долго е 4,42 метри, широко 1,13 метри, а на него се гледа сулуета на маж целосно ранет, а што укажува на тоа дека пред својата смрт бил мачен и распнат. Инаку, последен пат Торинското платно беше изложено за јавноста пред пет години, од 19 април до 24 јуни 2015 година и тогаш по тој повод го видоа повеќе од 2 милиони поклоници од целиот свет.

Торинското платно сите заинтересирани верници ќе можат во живо да го гледаат и да се молат во текот на Литургијата која започнува во 17.00 часот преку официјалната интернет страница на Торинската надбискупија: https://www.diocesi.torino.it/site/diretta-della-celebrazione-con-mons-cesare-nosiglia или преку официјалната интернет страница на Торинското платно www.sindone.org, како и на фејсбук страницата на Торинската надбискупија: https://www.facebook.com/diocesitorino  или преку јутуб каналот: https://www.youtube.com/watch?v=4vBl4onpq2A .

Добро е познато дека Торинското платно прв пат се појавило во 1353 година во североисточната покраина Шампањ во која го донел францускиот витез Геофрои де Чарни, а во торинската катедрала се чува од 1578 година. Значајно е и тоа што папата свети Иван Павле II го нарече Торинското платно „огледало на Евангелието.“

Во своето писмо до надбискупот на Торино, кое го испратил на 9 април, папата Фрањо ја изразува својата „топла благодарност заради овој гест на торинскиот надбискуп која доаѓа како одговор на Божјиот народ ослабен од пандемијата од коронавирусот.

„Ќе се придружам на молитвата пред ова пресвето платно преку медиумите, гледајќи во ликот на човекот насликан на платното. Во неговото лице ги гледаме и лицата на многу наши болни браќа и сестри, посебно оние кои останале сами и незгрижени. Како христијани во светлото на Светото писмо, ние во оваа пресвета ткаенина го пронаоѓаме Господ Исус, кој беше распнат, умре на крстот и потоа воскресна. Ние му ги доверуваме нашите молитви“, пишува во писмото папата Фрањо повикувајќи ги сите верници овие денови да бидат блиску соединети со Христос и со неговата мака и да ја почувствуваат милоста и радоста на Исусовото воскресение.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот