Од проповедта на Папата: Великиот пост служи за поправање на животот
Преобраќање, тоа е клучниот збор во Великиот пост, време кое поттикнува на приближување до Исус – истакна Папата на светата Литургија на 18 март во домот Света Марта.
Говорејќи за првото читање од Книгата на пророк Исаија, папата Фрањо истакна дека Господ повикува на преобраќање два „грешни града“, Содом и Гомор (Исаија 1,10.26-20). Сите имаме потреба од промена на животот, за подобар увид во сопствената душа, во која секогаш ќе пронајдеме нешто. Великиот пост е токму таква „поправка на животот“, преку тоа што ќе му се приближиме на Господ – нагласи Светиот Отец. Бог посакува да сме близу до него и нѐ уверува дека „нѐ чека за да ни прости“. Сепак Господ сака искрена близина и во денешното Евангелие нѐ предупредува да не бидеме лицемерни (Матеј 23,1-12).
Што прават лицемерите? Се маскираат, глумат дека се добри луѓе: го прават лицето како да се икони, молат гледајќи во небото, внимавајќи сите да ги видат, се чувствуваат дека се поправедни од другите, ги презираат останатите. Вака размислуваат: ’Јас сум голем католик, бидејќи мојот чичко беше голем добротвор, моето семејство е такво… а јас… научив … го запознав тој и тој епископ… тој и тој кардинал… тој и тој фратар… Јас сум…’ Се чувствуваат дека се подобри од другите. Тоа е лицемерие. Господ ни говори: ’Не така’. Никој не може да се оправда самиот себе. Сите ние имаме потреба од оправдание. А единствениот кој оправдува е Исус Христос.“
Поради тоа мораме да се приближиме до Господ: „Да не бидеме лажни христијани, кои со тек на време откриваат дека не се вистински христијани“. Каков пример треба да следиме за да не бидеме лицемери и вистински да му се приближиме на Господ? Папата нагласува дека одговор ни дава самиот Господ во денешното прво читање кога вели: „Измијте се, исчистете се; иставете ги од очите Мои лошите дела свои; престанете да правите зло; научете се да правите добро“. Тоа е повик. Но Папата се прашува, „кој знак ќе ни го покаже за да одиме по добриот пат“.
„Спасувајте угнетен, заштитувајте сирак, застапувајте се за вдовица.“ Грижете се за ближниот: за болниот, за сиромашниот, за оној во потреба, за оној кој не знае… тоа е мерилото. Лицемерите тоа не го знаат, бидејќи се преокупирани со себе, поради што се слепи за потребите на другите. Кога некој ќе се приближи до Господ, Божјото светло му укажува за потребите на другите и тој им помага на браќата. Тоа е знакот, тоа е знакот на преобраќање.“
Секако, забележа Папата, „преобраќањето не се исцрпува со тоа“, преобраќањето е „средба со Христос“, а знак дека сме со „Исус Христос е грижата за браќата, за сиромашните, за болните, како што нѐ учи Господ“ и како што читаме во 25 глава од Евангелието според Матеј.
„Великиот пост служи за поправање на животот, средување на животот, промена на животот за да се приближиме до Господ. Знак дека сме одалечени од Господ е лицемерието. Лицемерот нема потреба од Бог, самиот се спасува: така тој мисли, глуми светец. А грижата за браќата во потреба ќе биде знак дека сме се приближиле до Господ со покајание и барање опростување. Господ на сите нека ни даде светло и храброст: светло за да согледаме што се случува во нас и храброст да се преобратиме, да се приближиме до Господ. Убаво е да се биде во близната Божја“, заврши папата Фрањо.
РВ/го*ко