Објавена пораката на Папата за Светскиот ден на младите во 2014 година

Многу е жално да се види младо лице кое „има сѐ“, но е уморна и слаба. Но младите кои го избират Христос се силни. Имајте храброст да пливате против струјата. Имајте храброст за вистинска среќа.Во Ватикан е објавена пораката на Папата за Светкиот ден на младите 2014 која за тема ја одбра евангелиски цитат од Евангелието според Матеј „Блажени се бедните по дух, зашто нивно е царството небесно! “ (5,3). Во почетокот Папата се осврнува на XXVIII Светски ден на младите прославен во Рио де Жанеиро, и истакнува дека тоа било „големо славење на верата и братството“. Потоа Светиот Отец најави дека тема на неговите пораки во наредните три години, вклучувајки ја и меѓународната средба на младите која ќе се одржи во Краков во 2016 година, ќе бидат посветени на евангелските блаженства кои ги читаме во Евангелието според Матеј (5,1-12). Така темата за овогодишната порака е:„Блажени се бедните по дух, зашто нивно е царството небесно!“ (Мт. 5,3); за 2015 година: „ Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бога!“ (Мт. 5,8), а за 2016 година Папата ја предлага темата: „Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани!“ (Мт. 5,7).

Во навестувањето на блаженствата, пишува Папата, Исус нè повикува да го следиме, да чекориме заедно со него по патот на љубовта, единствениот пат кој води во живот вечен. Тоа не е лесен пат, но Господ ни ја гарантира својата милост и никогаш не нè остава сами. Сиромаштијата, тагата и жалоста, понижувањето, борбата за правда, напорот кој го вложуваме во секојдневното преобраќање, борбата да го живееме повикот на светоста, прогоните и многу други предизвици се присутни во нашиот живот. Но ако ја отвориме вратата за Исус, ако дозволиме тој да биде присутен во нашата историја, ако радоста и болката ја делиме со него, ќе искусиме едена радост и мир кој само Бог, бескрајната љубов, може да ја даде, истакнува Папата во својата порака.

Исусовите блаженства донесуваат една револуционерна новина, модел на среќа која е во спротивност со она што обично го пренесуват медиумите и мислењето кое преовладува. За световниот начин на размислување соблазан е дека Бог стана како еден од нас, дека умрел на крстот. Спрема логиката на овој свет, оние кои Исус ги прогласува за блажени, ги смета за „губитници“. Се величи успехот по секоја цена, благосостојбата, горделивоста на моќните, самопотврдување на штета на другите. Меѓутоа Исус нè повикува сериозно да го сфатиме неговиот пристап на живот и да одлучиме кој за нас е вистинскиот пат што води до вистинската среќа. Тоа е голем предизвик на верата, истакнува Папата.

Ако навистина дозволиме најдлабоките желби на вашето срце да излезат надвор, ќе разберете дека во вас постои неизгаслива желба за среќа и тоа ќе ви овозможи да ги разобличите и отфрлите многу „ефтините“ понуди кои се наоѓаат околу вас. Кога единствено бараме успех, задоволство и себично поседување и од тоа правиме идоли, можеме да почуствуваме и моментална среќа, лажно чувство на задоволство, но на крајот стануваме робови, никогаш не сме задоволни, секогаш бараме повеќе. Многу е жално да се види млада личност која „има сѐ“, но е уморна и слаба. Младите пак, кои го избират Христос се силни, и се хранат со неговите зборови. Имајте храброст да пливате против струјата. Имајте храбост за вистинска среќа. Кажете не на минливата култура, површноста и отфрлањето, кое ве смета дека не сте способни врз себе да ја преземете одговорноста и да се соочите со големите предизвици во животот, повикува Папата кон младите во својата порака.

Зборувајки во продолжение за сиромаштвото во духот Папата истакнува дека тоа пред сѐ значи дека човекот треба да настојува да биде слободен од созданијата. Треба да се бара она важното, да се научи да се ослободиме од многуте површни и бескорисни работи кои нè гушат. Потоа е потребно, продолжува Папата, да се доживее „преобраќање“ во својот однос кон сиромашните. Мораме да се грижиме за нив, да бидеме стрпливи за нивните духовни и материјални потреби, пишува Папата, и на младите им доверува задача повторно во центарот на културата да ја стават солидарноста. Со обѕир на старите и новите облици на сиромаштво – невработеност, маргинализираност, тотална зависност – имаме должност да бидеме будни и свесни за да го победиме искушението на рамнодушноста. Мораме да научиме да бидеме со сиромашните. Да се сретнуваме со нив, да ги гледаме во очи, да ги слушаме. Сиромашните за нас претставуват конкретна можност да се сретнеме со самиот Христос, да го допреме неговото напатено тело, истакнува Папата. На крајот да се биде сиромашен во духот значи да се биде подготвен да учиме од сиромашните зашто тие можат многу да ни пружат и да нè научат. Како пример Папата го наведува блажениот Џузепе Лабре кој живеел на улица и живеел од милостината на луѓето, а сепак кон неговиот духовен совет многумина се приклонија, меѓу кои и некои световни и црковни великодостојници. Во буквална смисла сиромашните се како некои учители за нас. Да се научиме дека личноста не вреди спрема тоа колку поседува, колку пари има на сметката во банка. Сиромашните можат многу да нè научат за понизноста и довербата во Бога, истакнува Папата во својата порака за Светскиот ден на малдите 2014.

Оваа година Светскиот ден на младите на епархиско ниво ќе се слави на 13 април, на Цветници.

РВ/И.П.

Категорија: Ватикан

За авторот