Папата: За да го запреме детскиот труд, треба да го искорениме сиромаштвото

Папата: За да го запреме детскиот труд, треба да го искорениме сиромаштвото

Во говорот пред учесниците на конференцијата под наслов „Искоренете ја работата на малолетниците, градете подобра иднина“ организирана од Дикастеријата за промовирање на целосен човеков развој во Ватикан, папата Фрањо побара од државите и претприемачите да гарантираат пристојна работа за возрасните во семејствата, за да не бидат принудени децата да работат.

Никогаш повеќе да нема деца кои не можат да сонуваат, да играат и да растат. За борба против злото на детскиот труд, кој го загрозува здравјето на децата и ги лишува од нивното право на образование и мирно детство, државите и претприемачите треба да се охрабрат да создадат пристојни можности за работа со соодветни плати, така што семејствата не треба да ги принудуваат малите деца на работа. Во секоја земја, дополнително, треба да се поддржи квалитетно образование, бесплатно за сите, како и здравствен систем достапен за сите – се решенијата што папата Фрањо ги даде до учесниците на конференцијата насловена „Да се искорени работата на малолетници, да изградиме подобра иднина“.

Одговарајќи на повикот на Дикастеријата за промовирање на целосниот човеков развој, која ја организира конференцијата, во Ватикан дојдоа од целиот свет претставници на меѓународни организации, граѓанско општество, претприемништво, Црквата и покрај – како што истакна папата Фрањо на почетокот – пандемичните тешкотии, со цел да се разгледаат иницијативите и напорите што треба да се направат или зајакнат во борбата против детскиот труд.

Трудовата експлоатација на децата е особено важна за сегашноста и за иднината на нашето човештво. Степенот до кој сме посветени на почитување на вроденото човечко достоинство и основните права на најмладите, открива какви возрасни луѓе сме и какви сакаме да бидеме и какво општество сакаме да изградиме – рече Папата и напомена дека поттикнува запрепастување и вознемиреност фактот дека во современата економија, во кои технолошките иновации се континуирани, и тоа толку многу што зборуваме за „четвртата индустриска револуција“ и во сите делови на светот опстојува вклучувањето на децата во работни активности. Со тоа – според Папата – се загрозува нивното здравје, нивната психофизичка состојба и им се одзема правото на образование и среќно и мирно детство, а пандемијата ја влоши ситуацијата.

Детскиот труд не треба да се меша со малите домашни работи што децата ги прават во слободното време и се соодветни на нивната возраст, за да им се помогне на членовите на семејството или на другите членови на заедницата – потсети Папата и објасни: Овие задолженија главно придонесуваат за нивниот развој, бидејќи им овозможуваат да ги проверат сопствените способности и да растат во свесноста и одговорноста.

Детскиот труд е нешто сосема друго! – рече папата. Тоа е експлоатација на децата во производните процеси на глобализираната економија во корист на туѓи профити и заработувачки. Тоа е негирање на правото на децата на здравје, на образование, на хармоничен развој, што ја вклучува и можноста за игра и сон. Тоа е трагично. Дете кое не може да сонува, кое не може да игра, кое не може да расте. Тоа им ја одзема иднината на децата, а со тоа и на самото човештво. Тоа е повреда на човечкото достоинство – истакна Папата.

Истакнувајќи ги факторите кои најмногу ги изложуваат малолетниците на трудова експлоатација, Светиот Отец посебно ја спомена екстремната сиромаштија и недостатокот на работа и, следствено на тоа, очајот во семејствата. За да го искорениме ова зло, треба да работиме заедно да ја искорениме сиромаштијата и да ја поправиме изопаченоста на сегашниот економски систем кој го насочува богатството во рацете на неколкумина. Мораме да ги охрабриме државите и протагонистите во светот на претприемништвото да создаваат можности за пристојна работа со соодветни плати кои ги задоволуваат потребите на семејствата, без да ги принудуваат нивните деца да работат – предупреди папата Фрањо и го заврши својот говор со зборовите на Исус: „Доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот