Не треба да се чека со години за првостепена одлука од црковен суд за валидност на брак

Не треба да се чека со години за да се утврди валидноста или невалидноста на еден брак, бидејќи во прашање е праведноста и љубовта, истакна папата Фрањо пред учесниците на курсот организиран од страна на Римската Рота, со кои се сретна во среда 5 ноември пред Генералната аудиенцијата.

Папата во септември формираше посебна комисија која ќе има за цел да ја подготви реформата на процесите од женидбеното право. За тоа стана збор и на штотуку завршената Епископска синода посветена на семејството. Луѓето со години чекаат првостепена одлука од судот, а тоа не е праведно, рече Папата.

Не може да се замисли едноставни луѓе да одат на суд: мора да патуваат, да земат неплатен одмор, да се откажат од заработувачката итн. Тие велат: Бог ме разбира, одам напред со овој терет на душата. Црквата како Мајка треба да биде јасна: Да, вистина е, твојот брак е валиден или невалиден. Правдата бара изјаснување од Црквата за луѓето да не одат напред со терет на душата, истакна папата Фрањо.

Значи, треба да се поедностави и да се забрза процедурата, но треба да се биде и многу внимателен процедурите да се одвиваат во рамките на праведноста, а не да се тргува. Тоа никако! На Синодата некои зборуваа за бесплатност… А кога духовните и материјалните интереси се поврзани, тогаш тоа не е од Бог, истакна Папата.

Црквата е толку великодушна и може да ја дели правдата бесплатно, како што и бесплатно нѐ оправда Исус. Затоа е многу важно да се разграничи духовниот од материјалниот интерес. Завршувајќи го говорот, Папата ги поттикна сите, секогаш да го бараат спасот на луѓето.

РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот