Синодата ја истакна брачната неразрешливост

По претставувањето на извештаите од 13 јазични групи, на четвртото генерално собрание на Синодата, епископите имаа слободна расправаза вториот дел од работниот документ Instrumentum laboris ,кој е посветен на одредувањето на семејното звање.

Истакната е неразрешливоста на бракот и притоа е кажано дека таа тема треба посебно да се продлабочи, со цел, да им се помогне на верниците да согледат дека неразрешливоста не претставува неподнослив товар, туку извор на милост.

Стана збор и за врската меѓу семејството и евангелизацијата. Нагласена е важноста на децата, бидејќи тие често ги приближуваат родителите кон евангелието. Се зборуваше и за светоста на семејниот повик. Семејството може да биде работник на општествените промени само ако се оствари во својата верска димензија.

За време на расправата синодалните отци се задржаа и на ранетите семејства, кои Црквата треба да ги гледа со милосрдие, љубов и трпение. Треба, истовремено, јасно, истрајно и храбро да се навестува вистината за бракот. Со останатите теми, стана збор и за семејната молитва и учеството во евхаристијата, бидејќи, како што е истакнато, семејството кое моли поседува мир. На крајот епископите расправаа за семејствата кои се погодени од војната, насилството и несигурностите и се приморани на иселување.

Во попладневните часови, за време на петото генерално собрание, продолжена е расправата за вториот дел од Instrumentum laboris. Истакната е потребата за вистинска „христоцентрична“ семејно воспитание, за да станат брачните парови свесни за своето послание како Божји следбеници. Треба повторно да се открие семејното послание таму каде, како на пример Европа, наталитетот е многу опаднат. Во светот каде сѐ повеќе владеат виртуелните односи треба да поттикнуваме на лична средба со Христос.

Потоа истакната е темата на неразрешливоста на бракот; дека ова не е доведено во прашање и дека Црквата треба да ја навестува, не како товар, туку како дар Божји и извор на милост кој овозможува живеење по евангелската наука. Поради тоа светата тајна женидба не треба да се претставува како идеал кој треба да биде остварен или како исклучиво морално прашање, туку како извор на нова сила. Некои од оците предложија нов пасторален јазик кој би можел да ја изрази убавината на неразрешливоста, од која, изгледа, многу верници се плашат.

Во однос на темата на ранетите семејства истакнато е дека тие сведочат делови од евангелието, покажуваат изненадувачка духовна димензија и дека пред сѐ имаат потреба од милосрдие и праведност. Тие семејства ја ставаат „на искушение способноста на Црквата да го изврши своето послание. Црквата не осудува, туку спасува, па така треба со милосрдие да се гледа на оние кои тежнеат за Бог. Истовремено нагласено е дека милосрдието подразбира вистина и бара каење и обраќање.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан

За авторот