Монсињор Физикела: Милосрдието е ликот на Христос

„Милосрдието е ликот на Христос, кој допира до сите“. Ова го истакна за Радио Ватикан монсињор Рино Физикела, претседател на Папскиот совет за промоција на новата евангелизација, на кого папата Фрањо му ја довери подготовката на Светата година на милосрдието, која ќе започне на 8 декември 2015, на празникот на Безгрешно зачнување на Богородица.

Според претседателот на ватиканскиот совет, значењето на Светата година на милосрдието „наоѓа одраз во симболиката користена од папата Фрањо“. Пред сè, Папата ја даде веста на 13 март, на почетокот од третата година од својот Понтификат; тоа го направи во контекст на една Покајничка литургија, потсетувајќи ги исповедниците дека нивната обврска е да бидат израз на милосрдието. Да не заборавиме дека на денот на 50-годишнината од затворањето на Вториот ватикански собор, ќе биде отворена и Светата јубилејна Врата. Сите овие елементи го посочуваат патот и даваат смисла на овој посебен јубилеј“.

Во контекст на дебатата во Црквата, за односот помеѓу вистината и милосрдието, монсињор Физикела наведува дека „христијанското милосрдие е вистината за Бог и е вистината која Бог сакаше да ни ја покаже. Милосрдието е зборот што го сумира Евангелието. Милосрдието е ликот на Христос: оној лик кој ние го познаваме во сите аспекти на неговото постоење. Кога им притрчува во помош на сите, кога исцелува болни или седнува на трпезата со грешниците, но пред сè, кога прикован на крстот, простува. Таму, на крстот, можеме да го спознаеме ликот на божественото милосрдие“.

За организацијата на јубилејот, монсињор Физикела забележува: „Папата не изненади сите и затоа сега сеуште живееме во радоста од веста. Сепак, при објавувањето на настанот Папата даде „оригинален тон“, велејќи дека со овој јубилеј започнува еден пат: патот на духовното обраќање. Затоа, пред сите структурни грижи стои најважното: обраќањето на срцето“.

За очекувањата за пристигнувањето на огромно мноштво верници во Вечниот град, претседателот на ватиканскиот совет потсетува дека „Рим веќе е навикнат да прима бројни верници и туристи“ и е уверен дека како и секогаш, градот „ќе го даде најдоброто од себе“.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот