Генерална аудиенција: Бев во срцето на Азија и тоа беше добро за мене

Генерална аудиенција: Бев во срцето на Азија и тоа беше добро за мене

За време на Генерална аудиенција во среда, 6 септември, на плоштадот Свети Петар Папата Фрањо се наврати на своето завршено Апостолско патување во Монголија, велејќи дека е во срцето на Азија и дека тоа е добро за него, и посочи дека Бог бара едноставни срца кои го сакаат и тоа без да покажуваат

„Бев во срцето на Азија и тоа беше добро за мене“.

Така Светиот Отец за време на Генералната во среда на 6 септември 2023 година на плоштадот Свети Петар ја опиша неговата посета на Монголија, која што беше негово 43. Апостолско патување во странство и 61. земја која ја посети како Папа.

Папата Фрањо ја посети азиската земја која граничи со Кина и Русија, со цел да се приближи и да ја охрабри малата католичка заедница во тој азиски народ, која брои околу 1.500 луѓе.

Папата изрази благодарност до сите кои со молитви го придружуваа неговото патување и ја повтори благодарноста до сите што го пречекаа, особено до благородниот и мудар монголски народ кој му покажа толку многу топлина и љубов.

Светиот Отец го започна своето обраќање признавајќи дека некои би можеле да прашаат: „Зошто Папата оди толку далеку за да посети мало стадо верници?“, истовремено одговарајќи: „Бидејќи токму таму, далеку од центарот на вниманието, има честопати знаци на Божјото присуство, кој не гледа на изгледот, туку на срцето“, истакна Римскиот епископ.

Бог бара едноставни срца

Господ не го бара центарот на сцената, истакна Светиот Отец, туку едноставно срцето на оние кои го сакаат и тоа без да се покажуваат, без желба да се истакнат пред другите.

Папата го искажа своето воодушевување за големата благодат што ја доживеа во Монголија, запознавајќи се со скромната и радосна Црква, која е во срцето на Бога, инсистирајќи: „Можам да ви посведочам за нивната радост што и тие неколку дена беа центарот на Црквата“, рече Папата.

Потоа го привлече вниманието со трогателната историја на самата локална црква.

Родена е – рече Папата – по милоста Божја, од апостолската ревност – за што размислуваме во ова време – на некои мисионери кои, воодушевени од Евангелието, пред околу триесет години отидоа во земја што не ја познаваа. Го научија јазикот што се зборува таму – кој воопшто не е лесен – и покрај тоа што потекнуваат од различни народи, создадоа единствена и вистинска католичка заедница“.

Папата ја пофали заедницата како олицетворение на католицитетот, која ја дефинира како жива и длабоко вкоренета универзалност, која добро гледа каде живее и им служи на луѓето со кои живее.

Со благост да се сведочи Исусовата љубов

Така живее Црквата, нагласи Папата, сведочејќи со благост за Исусовата љубовта, со животот, а не со зборови, радосна поради вистинското богатство, а тоа е да се служи на Господ и на своите браќа и сестри.

Папата Фрањо рече дека така се родила таа млада Црква: по трагата на љубовта, која е најдоброто сведоштво за верата. Светиот Отец со емоции се присети на радоста што ја доживеал благословувајќи го и инаугурирајќи го „Домот на милосрдието“, првото добротворно дело што е воспоставено во Монголија како израз на сите компоненти на локалната Црква.

Тој Дом, истакна тој, е покана до секоја наша заедница да биде „дом на милосрдието“ – отворено и гостопримливо место, каде што бедите на секој поединец може без срам да дојдат во допир со Божјата милост, која подигнува и исцелува.

Папата ја пофали монголската мисионерска Црква и потсети на меѓурелигиската и екуменската средба одржана минатата недела во театарот Хун во главниот град Улан Батор.

Значајна посета на Монголија

Бев во срцето на Азија и тоа добро ми дојде, рече Папата. Добро ми беше што го запознав монголскиот народ кој ги чува своите корени и традиции, ги почитува своите постари лица и живее во хармонија со околината: тоа е народ кој го гледа небото и го чувствува здивот на созданието, истакна Римскиот бискуп.

Размислувајќи за бескрајните и тивки пространства на Монголија, папата Фрањо на крајот ги повика присутните верници да дозволиме да бидеме поттикнати од потребата да ги прошириме границите на своите погледи, да гледаме широко и високо, да гледаме на таков начин за да не станеме затвореници на безначајни нешта, проширувајќи ги границите на своите погледи, гледајќи на добро што постои кај другите и знаејќи како да ги прошириме сопствените хоризонти. Светиот Отец ги охрабри присутните да ги прошират и своите срца со цел да ги сфатат и да бидат блиски со секој човек и секоја култура.

Молитва за Украина

Во склоп на поздравот на италијански јазик, папата Фрањо повторно упати молитви за Украина. Литургискиот празник Рождество на Пресвета Богородица, кој се празнува задутре, нека ве поттикне секогаш да одите по патиштата Господови. На неа, жената со нежност, да и ги довериме страдањата и неволјите на милата и маченичка Украина.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот