Папата Фрањо: На злото му се одброени деновите

Папата Фрањо: На злото му се одброени деновите

Токму довербата е она што нѐ тера да го бараме без загриженост и вознемиреност

Деновите на злото се одброени, затоа што Исус е посилен – рече папата Фрањо во катехезата на Генералната аудиенција во среда 27 февруари 2019 година, која се одржа на плоштадот Свети Петар во Ватикан. Папата зборуваше за првиот од седумте повици во молитвата ‘Оче наш’: Да се свети името твое. Тие седум молитви кои се наоѓаат во ‘Оче наш“, може да се поделат во две групи. Првите три во центар го имаат ‘Ти’ Боже Оче, а другите четири се со ‘ние’ и нашите човечки потреби. Во првиот дел Исус ни ги покажува своите желби кои се упатени до Отецот: „да се свети името твое, да дојде царството твое, да биде волјата твоја“, а во другиот дел Тој влегува во нас и станува толкувач на на нашите потреби, а тоа е лебот наш, простувањето на гревовите, помош да не паднеме во искушение и ослободување од злото.

Ова е примерок за секоја христијанска молитва и секоја човечка молитва која секогаш е искажана, од една страна, како контемплација за Бог, Неговото таинство, Неговата убавина и добрина, а од друга страна како искрена и храбра молба за она од што имаме потреба како би живееле добро – рече Папата и додаде: Во својата едноставност и суштина, „Оче наш“ ги воспитува оние кои го молат да не умножуваат празни зборови, затоа што самиот Исус вели: Вашиот Отец знае од што имате потреба и пред да побарате (Матеј 6,8).

Кога разговараме со Бог, тоа не го правиме за да му откриеме што имаме во нашето срце – рече Свеиот Отец и истакна: Тој не познава многу подобро од нас! Ако Бог з н ас е тајна, сепак ние не сме загонетка за неговите очи (Псалм 138,1-4). Бог е како оние мајки на кои им е потребен погледот како би разбрале сѐ за своите деца; дали се среќни или тажни, искрени или нешто сокриваат.

Првиот чекор во христијанската молитва е да се предадеме на Бог и Неговата провидност – рече Папата и објасни: Како кога велиме: Господи Ти сѐ знаеш, не морам да ти ја кажам својата болка, те молам само да бидеш тука покрај мене. Ти со мојата надеж. Интересно е да се забележи во говорот на Гората како Исус, веднаш откако ни ја предаде молитвата “Оче наш“ нѐ поттикнува да не се грижиме и да не тагуваме околу сѐ. Тоа изгледа како да е противречно. Прво нѐ учи да бараме леб насушен, а потоа ни вели: Не говорете што ќе јадеме или што ќе пиеме, или во што ќе се облечеме (сп. Матеј 6,31). Само наизглед е противречно, затоа што христијанската  молба изразува доверба во Отецот, и токму довербата е тоа што не тера да го бараме она што ни е потребно, без да се грижиме и без вознемиреност

Затоа молиме говорејќи. „Да се свети името Твое“ – рече папа Фрањо и продолжи: Во таа молитва се чувствува целото восхитување на Исус кон убавината на Отецот и неговата големина, како и желбата сите да го преопознаат и да го љубат таков каков што е навистина. Во исто време тука е и молитвата Неговото име да биде свето во нас, во нашето семејство, заедница и целиот свет. Бог е тој кој нѐ посветува и преобразува со својата љубов, но во исто време и ние сме тие кои со своето сведочење ја сведочиме Божјата светост во светот, правејќи го Неговото име присутно . Бог е свет, но ако ние не сме свети и ако нашиот живот не е свет, тука веќе станува збор за голема недоследност.

Божјата светост мора да се огледува во нашите дела и нашиот живот – рече Светиот Отец и додаде: Ние сме христијани, Бог е свет, но правиме многу лоши работи. Тоа не служи и не помага ништо, но боли и соблазнува. Божјата светост е сила која се шири. Ние молиме како брзо би се срушиле пречките во нашиот свет. Кога Исус започнува да проповеда, последиците од злото прв ги плаќа светот. Злите духови проколнуваат: Што имаш ти со нас, Исусе Назареец? Дојде да не уништиш? Знаеме кој си: Светец Божји (сп. Марко 1,24) – рече Светиот Отец потсетувајќи на евангелието.

Никогаш и никој не видел таква светост која не се грижи за себе, туку се свртува кон надвор – рече Папата и додаде: Тоа е Исусовата светост, која се шири во концентричи кругови како кога се фрла камен во вода. На Злото деновите му се одброени, тоа не е вечно и не може повеќе да ни наштети, затоа што дојде силниот човек кој ја запоседна својата куќа (сп. Мк 3,23-27). Тој силен човек е Исус кој ни дава сила да го запоседнеме својот внатрешен дом. Молитвата го отфрла секој страв. Отецот нѐ љуби, Синот ги издига рацете ставајќи ги покрај нашите, Духот делува во тајност за откупување на светот. А ние? Да не лебдиме во несигурност. Имаме голема сигурност: Бог нѐ љуби, Исус го даде својот живот за нас! Духот е во нас! Тоа е голема работа. А злото? Се плаши. И тоа е убаво – рече на крајот Папата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот