Миропомазание во Скопје

Во скопската катедрала Пресвето Срце Исусово на 8 јуни 2014 на празникот Духовден – Педесетница, свеченото евхаристиско славење го предводеше Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. д-р Киро Стојанов. За време на Мисата тој на десет млади од парохијата им ја подели светат Тајна Миропомазание. Покрај бискупот на светата Миса сослужуваа генералниот викар монс. Антун Циримотиќ и скопскиот парох дон Давор Топиќ.

На почетокот на Евхаристиското славење пригоден рецитал за светата Тајна Миропомазанието одржаа кандидати за миропомазание, кои истовремено на бискупот Стојанов му посакаа добредојде, врачувајќи му цвеќе.

По навестувањето на Евангелието парохот рече: „Превозвишени оче бискупе, пред вас денес стојат десет кандидати за Светата Тајна Миропомазание, кои ви ги претставувам. Ве молам да ни упатите пастирско слово, и да го повикате Светиот Дух врз овие млади поделувајќи им ја Светата Тајна Миропомазание.“

Во пригодната проповед бискупот Стојанов рече: „Бог низ историјата на повеќе начини му се приближуваше и му се објавуваше на човекот. Тоа се случувало преку знаци, настани и зборови. Носители на зборовите се неговите избраници во Стариот Завет – пророците, а во Новиот Завет – апостолите и нивните наследници. Силата во навестувањето на Словото не е во човечката мудрост, ниту пак во знаењето, туку во силата Божја. Слушнавме во навестувањето како Бог го дава својот Дух за да ги зацврсти апостолите. Тие го познаваа Исус, го слушаа, биле сведоци на сите негови дела, но сепак не можеа да разберат сѐ што им зборуваше до оној час кога слезе Светиот Дух врз нив. Драги миропомазаници, да не се чудите што можеби до овој час и вие не разбиравте сѐ што ви зборувал вероучителот или пак што слушавте во Црквата. Јасно треба да се каже дека без дарот на Светиот Дух никој не може да верува до крај, да верува во она што Бог му го порачува на човекот. Светиот Дух е тој кој сѐ ни дарува и ни расветлува, но дава и сила да го прифатиме Словото Божјо. Со примањето на Светиот Дух во светото Миропомазание, нѐ прави да бидеме еден леб и едно тело за живот на светот. Црквата е заедница која е поврзана не на нешто надворешно, туку одвнатре со самиот Божји Дух. Така стануваме членови на едно тело, едни на други многу потребни, до толку што еден без друг не можеме. Нас христијаните нѐ препознаваат по тоа единство. Светиот Дух е љубов и таа љубов нѐ поврзува“, рече бискупот Стојанов.

На крајот од хомилијата епископот Стојанов се заблагодари на сите оние кои дадоа свој допринос во растот на верата на младите миропомазаници, како и за подготовката на миропомазанието во парохијата, а посебно заблагодари на парохот и вероучителот Дарко Мајдиќ, кој се наоѓа во послание „мисио ад гентес“ во Куманово. Потоа десетте млади од рацете на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов ја примија светата Тајна Миропомазание.

За време на евхаристиското славење пееше катедралниот хор под водство на с. Татјана Атанасова.

к.мк

Категорија: Македонија

За авторот