Крстен Пат на Велики Петок во Радово
Радово, 3.5.2013 /к.мк/ – Младите од Радово повеќе години веќе на денот на страданијата, распнувањето и смрта на крстот на Господ Исус Христос, заедно со својот парох и сите верници од парохијата го молат Крсниот пат на Велики Петок низ улиците на селото. Со носењето на крстот, четиринаесете постојќи, жените придружнички, Симеон Киринеец, римски војници, Марија мајката на Спасителот која го среќава својот Син, Вероника која му пружа крпа за да си го избрише раскrвавеното лице, се поминуваат 748 метри Калварија за кои се верува дека Исус ги поминал на Голгота.
И оваа 2013 година, иако Велики Петок падна дури 03 мај се молеше Крсниот пат по улиците низ Радово со стопостотно учество на сите верници од селото (оние кои не беа спречени поради здравјето или годините), како и на некои верници кои не се од Радово, но се запознати со таквото молење на Крсниот Пат, па зедоа учество во заедничката молитва.
Крсниот пат, на Велики петок започнува во црквата, по изминатите седумстотини и четириесетиосум метри завршува пред главната влезна врата на црквата, по што веднаш се влегува во црквата и се продолжува со положувањето на Исус во гробот, односно обредот на Погребение, вадењето на Плаштеницата во средишниот дел на црквата.
Парохот отец Зоран побара од верниците молењето на Крсниот пат да „го задржа духот на Велики Петок и го искаже настанот кој значи дарување од љубов за спасение на светот, на Божествениот Син, кој себе се дарува и подложи на сите маки заради нас. Целосна оданост и побожност кај сите верници, зашто оваа не е ритуал, туку настан во кој ние учествуваме на Велики Петок“.