Кардинал Паролин се сретна со Богопосветените лица во Македонија
Во петок, 18 март, државниот секретар на Светиот Престол, кардинал Паролин во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје имаше средба со свештениците, монахињите и богословите на Скопската бискупија и Апостолскиот егзархат во Македонија и ја предводеше свечената служба на Словото.
На самиот почеток, на влезот во катедралата кардиналот и неговата придружба го пречека катедралниот парох дон Давор Тоипиќ со асистенцијата. Влезот на кардиналот во катедралата присутните го поздравија со песната „Христос застана на брегот“.
Во своојот поздравен говор монс. д-р Киро Стојанов Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија ја изрази радоста и благодарноста за доаѓањето на кардиналот, кој е знак за папската близина на нашата мала Црква. Следуваше навестување на пригодното Евангелие, по што кардиналот на присутните им упати татковски зборови: “сетете се на првата Љубов и не допуштајте таа љубов да изгасне. Живејте секој ден како тоа да е денот кога по прв пат се сретнавте со таа Љубов.”
Цитирајќи го папата Бенедикт, кардинал Паролин рече дека христијанството не е некоја филозофска теорија, христијанството не произлегува само од разумот, туку уште повеќе од средбата со живиот Бог.
Понатаму кардиналот говорејќи за околностите во кои живее македонската католичката заедница ја истакна важноста на соработката и на братското заедништво. „Црквата во Македонија е Црква со многу јазици, култури и нации, и токму во тоа е умешноста, сите овие различности да се искористат и интегрираат во единство. Нека различностите не бидат причина за поделба, туку напротив нека бидат причина за единство и заедништво.„
Службата на Словото заврши со молитва на верните, Господовата молитва и благословот од кардиналот, по што следеше песна. На самиот крај сите присутни направија заедничка фотографија и лично го поздравија кардиналот.
к.мк/Е.А.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк