Како либералните медиуми прават „радикал“ од папата Фрањо
Џорџ Вајгел, американски публицист и активист, автор на една од најчитаните биографии на Иван Павле II „Сведок на надежта“ и еден од главните интелектуалци на „конзервативната“ католичка мисла во западниот свет, напиша неодамна интересна колумна во која покажува како либералните медиуми го прикажуваат папата Фрањо, како што пишува, „некој вид на радикал кој е спремен да ги фрли во ѓубре сите аспекти на католичката вера и пракса кои западната мејнстрим култура ги смета за неприфатливи“.
Како што пишува Вајгел, станува збор за намерно искривен приказ на зборовите на Папата, кои се дополнуваат со медиумско занемарување на сите негови изјави кои не се по вкус на либералните медиуми и ја рушат сликата кои тие ја создаваат за него. Вајгел пишува дека добар пример за „вадење од контекст“ е изјавата која Папата ја даде во авионот со кој се враќаше од Светскиот ден на млади во Рио де Жаинеро, кога на прашањето за хомосексуалците одговори: Кој сум јас да им судам?
„Како што неодамна изјави кардинал Франсис Џорџ во својот разговор со новинарот Џон Ален, тој цитат е „многу злоупотребен“… бидејќи Папата говореше за хомосексуалните личности кои барале милосрдие и дадено им е опростување. Тоа е потполно поинаку отколку да се говори за некој кој бара да биде прифатен, а не бара опростување“, го цитира Вајгел кардиналот Џорџ и додава како полниот цитат кој како таков никој не го наведува беше „Кој сум јас да им судам ако го бараат Господ со добра волја“.
Американскиот интелектуалец го пренесува својот разговор со уредникот на еден од најчитаните американски дневни весници во кој го предупредува на таквиот медиумски третман на зборовите на Папата. Одговорот кој Вајгел го добил од уредникот е како „медиумските написи се како бамбус. Кога еднаш ќе почнат да растат, не може да се сопрат“.
И така таа медиумска завеса продолжи да расте, пишува Вајгел, а при тоа од неа се исфрлени сите изјави на Папата кои не се вклопуваат во сликата за „хуманиот прогресивен Папа во судир против лошите реакционерни бискупи и католички традиционалисти“.
„Изјавите како енергичната одбрана на Папата на бракот како цврста заедница на маж и жена, што го истакна во своето обраќање на заедницата Шенштат веднаш после завршената Синода за семејството или во своето обраќање на меѓурелигиската конференција во Ватикан за кризата на семејството во 21 век“, напиша Вајгел.
Или одбраната на Папата на Евангелието на животот во неговото обраќање до Европскиот парламент минатиот месец. Вајгел пишува:
„Сите медиумски извештаи кои сум ги читал се фокусирани на загриженоста на Фрањо за имигрантите и невработените. Во ред, бидејќи говореше и за тоа. Меѓутоа, што е со зборовите на Светиот Отец кој предупреди на индиферентноста која луѓето ги осудува на смрт ’како што е случајот со болните и смртно болните, со старите кои се напуштени и за кои никој не се грижи, со децата кои се убиени во утробата’. Што со неговото инсистирање дека Европа нема иднина без христијанството. Што со неговата осуда за оние кои христијаните ги осудуваат со ’варварски акти на насилство’? За тоа многу не сте читале, зарем не“?, наведува Американецот и додава дека просечниот читател, освен ако не го читал сам интегралниот говор, не дознал како Папата, освен за „екологија на природата се зазема и за хумана екологија која се состои во почитување на личноста“.
Уште еден аспект на проповедите на Папата и говорите кои медиумите го изоставуваат, продолжува Вајгел, е неговиот говор за демонологијата.
„Ниту еден Папа, веќе со децении, не предупредувал толку на сатоната како папата Фрањо. Злиот за овој Папа не е некаква апстрактност, ниту тој за „сатонското’ мисли како за реторичка фигура која го зајакнува нечие несложување со, да кажеме, Хитлер. Сотоната и неговите подредени се многу реални за Папата. Би било интересно некој од новинарите да му постави такво прашање на една од конференциите за печатот на патувањата на Папата“, заклучи Вајгел.
Горан Андријаниќ/Битно.нет/С.С.