Не мора да бидеме дипломирани психолози за да сфатиме што зборуваат објавите на социјалните мрежи за нечиј карактер, без разлика дали се изразени со кратки реченици, долги размислувања, со слика или со емотикон со кој се изразува емпатија, допаѓање или недопаѓање. Ние сме она што го објавуваме и крајно време е тоа да го сфатиме. Затоа би требало да внимаваме што и како објавуваме и да ги парафразирам зборовите на нашиот Господ, она што излегува од устата – или во овој случај од тастатурата – произлегува од срцето.
Социјалните мрежи се појавија во нашите животи пред многу години и немаат намера да си заминат. На нив сѐ гледаме и читаме за сѐ – а кога кажувам за сѐ навистина тоа и го мислам. Тие станаа една голема сапуница затоа што на неа се изложени нашите животи: интригите, тајните, неизвесностите, вестите, трачевите и лајковите.
Дознаваме сѐ за сѐ… Дознаваме кој од познаниците има проблеми во бракот, кој не е доволно платен на работа, кој што јаде, каде се наоѓа, што работи и слично.
Тоа е нова сапуница од нашите секојдневни животи. За многу луѓе е неразбирливо кога е во прашање јавното делење на нивните животи. И тоа не е паметно.
Емоционална катарза и моментално олеснување
Социјалните мрежи често служат како место каде луѓето одат за да поминат некој вид на емоционална катарза и моментално олеснување затоа што тоа е поефтино отколку да отидат на психлог. Меѓутоа, мора да бидеш внимателен што и како објавуваш. Овде важи онаа добро позната изрека: „Колку плаќаш, толку добиваш!“ Ефтиното често станува скапо: на крајот на сѐ доаѓа наплатата затоа што професионалниот психолог барем има должност за да го задржи за себе сето она што му го кажуваме, а она што го споделуваме на социјалните мрежи често е достапно до сите.
Дури и ако нешто што веќе сме го споделиле одлучиме да го избришаме, секогаш постои некој кој тоа веќе го видел или прочитал или некој уште попаметен кој тие наши незаборавни зборови ги зачувал. Често нема враќање назад. Запамети дека секоја објава, како што тоа и самиот корен на зборот го кажува е јавна и било кој може да ја искористи за добро или за зло.
Што би требало да објавуваш на својот профил на социјалните мрежи?
Користи здрав разум и објавувај работи кои придонесуваат за твојот живот и кои можат да придонесуваат за заедницата.
Споделувај го она што верно те опишува, а да не ја покажуваш сопствената приватност или приватноста на своето семејство.
Никогаш не би требало да ја компромитираш својата приватност или да и наштетиш
Објавувај работи кои нема да претставуваат опасност за тебе или за твојот углед, туку напротив ќе ти помогнат да растеш како личност.
Биди искрен, но мудро внимавај на своето човечко достоинство. (…)
Не објавувај навреди, прости зборови или вулгарни шеги.
Не ги навредувај другите, не пишувај дискриминаторски или понижувачки изјави
Не се жали од работата или од својот шеф
Не расправај за семејните или за брачните проблеми
Исто така не ја дели својата локација или плановите за одмор.
И на крајот, пред било што да објавиш, размисли најмалку три пати.
Ти си она што објавуваш
Повтoрувам, ти си она што објавуваш. Внимавај да го штитиш своето име и углед. Имај на ум дека денес мнозинството работодавачи дури и пред читање на животописот на кандидатот ги побаруваат нивните профили на социјалните мрежи затоа што така можат многу да дознаат за нивната личност. Всушност, постојат многу примери каде луѓе губат работа или пропуштиле некоја прилика заради она што го објавиле на социјалните мрежи. Запамети дека само еден коментар само еден „лајк“ кој не требало да го кликнеш, некоја непромислена слика итн. можат да те обележат како непрофесионална и недоверлива личност.
Оваа тема е многу интересна и многу може да се научи, па ако си заинтересиран те поттикнувам да побараш информации за важноста на одржувањето на приватноста на социјалните мрежи. Постојат многу извори кои можат да нѐ научат за важноста, но и за методите за заштита на нашите објави со контролирање на она што го објавуваме, но и на кого му дозволуваме да види и прочита.
Ако не сакаш никој да знае што работиш или да го чита она што го пишуваш решението е многу едноставно: не го прави тоа и не го пишувај тоа! Кратко и јасно!
Луз Ивоне Реам – Алетеја/к.мк