Интервју на папата Фрањо за агенцијата Асошиетед прес: од смртта на Бенедикт XVI („Изгубив татко“), за односите со Кина („дијалогот мора да продолжи“), опасноста од идеолошки ризик во германскиот синодален пат…
Папата Фрањо одговара на многу актуелни прашања во интервју објавено од американската новинска агенција „Асошиејтед прес“ (АП). Ова е прв разговор на папата по смртта, на 31 декември 2022 година, на неговиот претходник Јозеф Рацингер, чија лик Фрањо го истакна во неговиот разговор со дописничката Никол Винфилд, одржан во Домот „Света Марта“.
Кога се сомневав, одев кај Бенедикт XVI
Папата го нарекува Бенедикт XVI „џентлмен“ и истакнува дека со неговата смрт „изгубил татко“: „Ми даваше доверба. Кога се сомневав, одев кај него во манастирот и се консултирав“. Хорхе Марио Бергољо, повторно запрашан за неговото можно повлекување, вели дека ако се повлече од Петровата служба, ќе биде „почесен епископ на Рим“ и ќе оди „да живее во дом за свештеници во Рим“. Тој додава дека „искуството на Бенедикт веќе води до тоа да има и други Папи кои ќе се повлечат“. Папата Фрањо објасни дека неговиот претходник сè уште бил обврзан за еден концепт на Папството: „Со тоа тој не беше целосно слободен, бидејќи можеби сакаше да се врати во својата родна Германија и да продолжи да изучува теологија од таму. Но, тој даде се од себе да биде многу блиску. И тоа беше добар компромис, добра одлука“.
Критиките помагаат во растот
Папата зборуваше и за својот понтификат кој на 13 март ќе наполни десет години. Најпрво, објаснува тој, веста за јужноамериканскиот Папа многумина внатре и надвор од Црквата ја дочекаа со изненадување, а потоа „почнаа да ги гледаат моите недостатоци и не им се допаднаа“. За критиките упатени кон него, а сето тоа се случи во последниот период, преку книги или документи кои се шират меѓу кардиналите, потпишани под псевдоними, папата Фрањо вели: „Тие се како коприва, малку се непријатни, но јас ги претпочитам. затоа што тоа значи дека има слобода на изразување“. Важно е да се каже „во лице, затоа што сите растеме, нели?“ Полошо е, според Папата, „ако е подмолен чин“. Со некои автори на овие критики, папата Фрањо вели дека зборувал лично: „некои од нив дојдоа овде и разговаравме нормално, како разговор меѓу зрели луѓе. Не се расправав со никого, туку си го кажав своето мислење, а тие своето. Во спротивно, се создава диктатура на дистанца, како што ја нарекувам, таму каде што е императорот никој ништо не може да му каже. Не, дозволете им да зборуваат, бидејќи комуникацијата, критиката помага во растот за да одат работите подобро.
Кина, важно е да продолжи дијалогот
Папата потоа зборуваше за работата на Комисијата за заштита на малолетниците и не пропушти да ја спомене и дипломатската работа што ја спроведува Светиот Престол. Во тој поглед, го допира прашањето за односите со Кина и вели: „Мораме да одиме трпеливо“. Што се однесува до можното отворање, „ние преземаме дејствија“. Кинеските власти „некогаш се малку затворени, понекогаш не. Важно е дијалогот да не биде прекинат“, рече Папата.
Синодалниот пат во Германија
За германскиот синодален пат, каде што се поставуваат барања како што се укинување на целибатот, жени свештеници и други можни реформи за либерализација, папата Фрањо предупредува дека постои ризик да стане „идеолошки“ штетен. Дијалогот е корисен, но „германското искуство не помага“, рече Папата, нагласувајќи дека процесот во Германија досега го води „елитата“ и не го вклучува „целиот Божји народ“. „Опасноста е дека ќе влезе нешто многу, многу идеолошко. Кога идеологијата интервенира во црковните процеси, Светиот Дух си заминува затоа што идеологијата го гони Светиот Дух“.
Здравјето и смислата за хумор
Во интервјуто не недостигаат зборови за здравјето на Папата. Здравјето кое Хорхе Марио Бергољо го опишува како „добро“ со оглед на неговите 86 години и покрај фактот што се повтори дивертикулитисот поради што беше опериран на дебелото црево минатиот јули: „Но, тоа е под контрола“. Папата зборуваше и за малата скршеница на коленото, поради пад, која е излечена без операција: „Коленото, благодарение на добриот третман и магнетотерапијата, ласерот… коската заздравува… Веќе одам, си помагам со инвалидската количка, но одам“. За негови години се е „нормално“: „Утре би можел да умрам, но се е под контрола. Здравјето ми е добро. И секогаш молам од Бога да ми даде милост да имам чувстсво за хумор“.
Ватикан њуз/к.мк