Папата: Спротивставете се на рамнодушноста и расипништвото

Папата: Спротивставете се на рамнодушноста и расипништвото

Папата Фрањо во аудиенција ги прими членовите на здружението Свети Петар, кое се занимава со добротворна и волонтерска работа повеќе од 150 години, и ги охрабри да покажат сочувство кон своите ближни како Добриот Самарјанин.

Римскиот бискуп упати топли зборови на благодарност до членовите на римското добротворно здружение кое се труди со конкретна помош и сочувство да допре до сиромашните луѓе во Рим.

Примајќи ја делегацијата на Здружението Свети Петар во аудиенцијата во понеделник 20 февруари 2023 година, Папата рече: Во вас ја препознавам сликата на Добриот Самарјанин .

Папата го пофали нивниот труд, време, енергија, креативност, трпение и истрајност што здружението ги вложува во својата работа, која се спроведува преку бројни активности.

Мислам на вас кои ги среќавате нашите браќа и сестри во народните кујни, во центрите за слушање, во засолништата, во домовите каде што се сместени семејствата на децата кои се лекуваат во детската болница Bambino Gesù.

Здружението Свети Петар е основано во 1869 година на иницијатива на група млади Римјани, со цел да ги поддржи добротворните активности на Црквата. Здружението е поддржано од Римската бискупија, а некои од нејзините активности се спроведуваат директно во име на Папата.

Култура на нежност

Првото нешто што сакам да ви препорачам е нежноста, рече Светиот Отец и објасни дека нежноста не е сентименталност, тоа е карактеристика на Божјата љубов која денес е потребна повеќе од кога било.

Во општества кои често се загадени со култура на рамнодушност и расипништво, како верници сме повикани да одиме против струјата со култура на нежност, односно да се грижиме за другите како што Бог се грижи за нас: за мене, за вас, за секој од нас, нагласи Папа.

Тоа го гледаме во Евангелието: како Исус им приоѓа на малите, на маргинализираните, на последните. Тој е Добриот Самарјанин кој го даде својот живот за нас, оние на кои им треба милосрдие и простување.

Тајната на христијанскиот живот

Друго нешто што никогаш не смее да се заборави, продолжи Светиот Отец, е тоа што ние вистински ги сакаме другите до тој степен во кој се препознаваме себеси како сакани од Него, од нашиот Господ и Спасител.

Тој додаде дека тоа можеме да го искусиме во тишината на молитвата, кога стоиме пред Него какви што сме, кога ќе ги тргнеме улогите, одговорности, можеби дури и маските, и Бог може да го стави Својот Дух во нашите срца, може да ни го даде Своето сочувство и да ни ја даде Неговата нежност.

На тој начин Бог соработува со нас, а тоа, додаде папата Фрањо, е тајната на христијанскиот живот и на посебен начин, на каратативната служба.

Не можам физички да ве придружувам на улиците на Рим, но тоа го правам со моето срце и молитва.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот