Интервју на монс. Стојанов по повод прогласувањето на Мајка Тереза за светица
Сигурно нема информирани и образовани луѓе на планетата кои не слушнале за Мајка Тереза од Македонија која своето послание и светоста ја остварила во Индија меѓу најсиромашните и оние во најголема потреба. Нејзиното прогласување за света на 4 септември беше повод за разговор со монс. Киро Стојанов Скопски бискуп чија бискупија со оваа прогласување за света добива голема Божја милост…
Монс. Стојанов е роден 1959 година во местото Радово во Македонија. За свештеник е ракоположен 1986 година, а посветен за епископ 1999 година. За Скопски бискуп ординариј и Апостолски егзарх за католици од византиски обред во Македонија е именуван 2005 година, а устоличен е во скопската катедрала Пресвето Срце Исусово и струмичката катедрала Успение на Пресвета Богородица. Тој е првиот Скопски епископ Македонец, а исто така и во Апостолскиот егзархат по полни 104 години. Со него разговаравме за Мајка Тереза, што значи прогласувањето за светица за католиците во Македонија денес и нејзината порака до луѓето на денешницата…
Оче бискупе, сигурно е голем пасторален импулс кога една „сограѓанка“ односно личност која е родена на територијата на бискупијата со која управувате да биде прогласена за блажена и светица. Што конкретно преставува канонизацијата на Мајка Тереза за Скопската бискупија и Македонија воопшто?
Би го истакнал најважното за нас верниците католици од Скопската бискупија и Апостолскиот егзархат за католиците од византиски обред во Македонија: голем чин на благодарност на Бог за овој благодатен дар за оваа бискупија и егзархат. Јасно е дека тој факт што света Мајка Тереза е родена во Скопје е силен пасторален импулс кој уште повеќе се отвора но и поставува пред нас би кажал голем пасторален предизвик. Имено, како што ви е познато католиците во Македонија се значително малцинство. Уште повеќе овој Божји дар го гледаме како знак и благодатна понуда на пасторалното поле тој факт да го вградиме во нашата пасторална дејност сметајќи сега и на нејзиното небесно застапништво. Нејзината современост посебно во оваа бискупија и државата во која владее релативно големо сиромаштво и голем дел од народот живее на работ на егзистенцијата нејзината харизма е предизвик и понуда која јасно гласи дека христијанството не е декларативно определување, туку ефикасно правење. Со други зборови: со благодарност и гордост што Бог ни дарува преку Црквата новата светица да е наша сограѓанка тоа пред нас во пасторалот го става токму она што таа била: овоплотување на вршењето на Евангелието, со други зборови желба на свештениците и сите пасторални работници јасно и моја е во тоа по поводот оваа канонизација, уште повеќе да го оживееме и конкретизираме служењето на нашата Црквата на сите луѓе во Македонија. Како што нејзината љубов не познавала граници така и нашиот пасторал сака да биде отворен кон секој човек кој го бара Бога и смислата на животот. Верувам дека во таквото наше настојување сите луѓе со добра волја го препознаваат нејзиното присуство и сега по толку години откако го напуштила Скопје. Што се однесува до канонизацијата во некоја „редуцирана форма“ сакаме да ја прославиме овде во Скопје после Рим со настанот Недела на света Мајка Тереза. Во таа недела започнувајќи од врвот на државата преку многу културни општествени институции па до верниците сакаме да го приближиме до македонскиот народ и до сите граѓани на Македонија ликот на таа света наша сограѓанка. Во таа недела очекуваме дека ќе се случат многу значајни средби и дури тогаш ќе видиме колкав е пасторалниот импулс на овој единствен настан.
Оваа година на 26 август се навршија 106 години од раѓањето на блажена Мајка Тереза. Тоа е име кое остана запаметено по посебниот однос кон сиромашните. Исто така нејзината идеја и дело продолжуваат да постојат преку работата на сестрите на Дружбата Мисионерки на љубовта на сите континенти и во многу држави. Кое е наследството на Мајка Тереза во Македонија?
На сите им е познато дека Мајка Тереза на свој начин го „задолжи човештвото“ со тоа што на еден исклучително значаен начин го предупреди современиот свет за сиромашните посебно за најсиромашните меѓу сиромашните, дека тоа нејзино предупредување е овоплотено очигледно во постоењето на сестрите Дружба на Мисионерки на љубовта и многу поврзани заедници кои го продолжуваат нејзиното започнато дело. Навистина на сите континенти и во многу држави. Кога ме прашувате кое е наследството на Мајка Тереза во Македонија одговорот е тежок, но ќе се обидам. Прво, ми се чини дека нема во Македонија човек кој не знае за Мајка Тереза. Кај поголемиот дел од луѓето тој факт побудува еден вид гордост и на името Мајка Тереза често додаваат „наша Мајка Тереза.“ Со тоа се гледа колку македонскиот народ или подобро кажано граѓаните на Македонија се горди на неа. Во недостатокот на медиумски инструменти за време на нејзиниот живот – и покрај тоа што била во Скопје четири пати – останале само спомени. Меѓутоа постоењето на Меморијалниот центар Мајка Тереза во Скопје и намерата по прогласувањето за светица да го воздигнеме на ниво на светилиште, тоа место ќе го оживее нејзиното присуство во оваа земја. За нас верниците таа трајно остави верско наследство, а тоа значи: квалитетна молитва и чувствителност кон сиромашните што овде во Скопје и во Македонија стана еден вид традиција. Ми се чини дека на невидлив начин таа е присутна затоа што целиот народ е чувствителен на сиромашните, на оние во потреба и присуството на нејзините сестри во Скопје кои овде живеат и работат се траен знак на нејзиното наследство. Сакала и успеала сама да отвори монашка заедница во Скопје. Во тоа дело гледаме дека не ги заборавила своите корени – својот роден град. Се надевам дека сега таа харизма и тој знак уште повеќе ќе заживеат токму како наследство на Мајка Тереза во Македонија.
Дали Македонците од сите вери се свесни за врските помеѓу Калкута и Македонија и дека во нивната земја е родена и едно време живеела една од најпознатите личности, би кажале иконата на XX век? Како православното мнозинство гледа на една светица со католичка вера од нивната земја, а како Албанците-некатолици со оглед на тоа дека Мајка Тереза била Албанка?
На ова прашање сакам да одговорам со малку суета. Не би сакал тоа да се протолкува како завист но факт е дека најпрво целото човештво ја познава Мајка Тереза како: „Мајка Тереза од Калкута“, а огромно мноштво и не знае дека е од Македонија. Тоа е разбирливо затоа што сè што во животот работела и остварила е поврзано со Калкута. Го разбираме и прифаќаме тој факт но нам ни е малку жал што и во многу житија се испушта тој факт дека овде е родена и дека темелот на верата па би кажал и мисионерскиот повик го добила во Скопје. Редоследот на настаните рано ја водат преку Загреб за Ирска, па за Индија и конечно во Калкута. Да се зборува за поврзаност на Калкута и Скопје скоро е невозможно. Го посетив нејзиниот гроб во Калкута, но многу малку луѓе од овде – нешто малку повеќе од Хрватска биле на нејзиниот гроб, но од Калкута за жал никој не чувствува потреба да го посети Скопје. Јасно, ова не е приговор, туку факт дека малото Скопје и огромната Калкута помеѓу себе не се поврзани. Веројатно сиромаштвото на едниот и другиот град како и народот отежнуваат било каков вид на поголема поврзаност.
Што се однесува до вториот дел од прашањето веќе во првиот одговор спомнав дека кај сите жители на Македонија постои свеста дека Мајка Тереза е родена во Скопје и секако веќе тоа побудува гордост. Кај верниците таа городост е придружена од една длабока верска поврзаност и близина со кои ние верниците ги почитуваме оние кои со светост се подигнале високо како Мајка Тереза. Ми се чини дека нема верник католик во Македонија, а да не ја почитува на посебен начин Мајка Тереза. Кога зборуваме за другите христијани – го спомнавте православното мнозинство – ми се чини дека почитувањето на православните браќа кон ликот и делото на Мајка Тереза е многу големо. Јасно, почитувањето како такво не е присутно во Православната црква. Искуството на Заветниот ден „секој петти во месецот“ покажува дека на тие верски собирања учествуваа и православни верници, па и други кои во Мајка Тереза чувствуваат близина и почитување, а молат и за застапништво.
Очекуваме дека канонизацијата ќе придонесе за уште поблизок екуменски дијалог со Православната црква затоа што животот на Мајка Тереза и нејзиното служење е таква вредност на која сме повикани еднакво сите христијани па и верниците од другите религиски заедници. Верувам дека православните браќа се радуваат за овој настан и дека активно ќе учествуваат во Неделата на света Мајка Тереза. Што се однесува за припадноста на албанскиот народ јасно е дека таа е гордост и радост. На посебен начин за католиците, а и за сите Албанци кои не се католици. Еден мал народ кој влегува во историјата на човештвото со толку позитивни ликови како што се светците, а тие секогаш се херои на духот, станува горд. Ние ја чувствуваме таа близина секогаш кога за Мајка Тереза нешто се случува или се разговара дека апсолутно е присутен восхитот и почитувањето кон таа голема жена на нашето време.
Во овие не многу поволни времиња верувам дека канонизацијата на Мајка Тереза ќе придонесе најнапред за мир потоа за поголема соработка и меѓусебно уважување едни кон други така што Мајка Тереза на свој начин да остане врска на квалитетни меѓунационални, меѓуверски, религиски и општествени односи. Еден таков лик како што е оваа светица само може да просветлува и вдахнува со позитивност и затоа верувам дека таа позитивност ќе ја препознаат сите луѓе со добра волја. За нас католиците е посебно значајно што темелите на своето верско воспитание ги примила во нашиот град, во нашата Црква и што учители и духовници и биле отците исусовци од Хрватската провинција. Тоа на нејзиниот живот оставило траен белег. Така е сигурно дека тоа вдахновение го носела низ целиот живот.
Уште за животот на Мајка Тереза се појавија извештаи за „нетранспарентност“ во трошењето на донациите и парите кои Редот ги добивал. Такви вести, книги па и документарни филмови меѓу искрените луѓе предизвикува згрозување… Каков е мотивот за дискредитирање на една личност која целиот свој живот го поминала во грижата за другите?
Најпрво би ја истакнал реченицата на св. Симеон при прикажувањето во Храмот: „Еве, Овој е… знак против Кого ќе се говори“ (Лк 2,34). Исус јасно говореше: „Мене Ме прогонуваа и вас ќе ве прогонуваат“. На друго место: „Не може да биде ученикот над учителот“. Со еден збор животот на Мајка Тереза е знак на кој ќе се противат. Зошто? Бидејќи нејзиниот начин на живот за себе е предизвик, предупредување и повик. Јасно е дека оној кој се чувствува допрен и повикан да ја наследува во неа ја препознава Исусовата личност и покрај секој ризик ја наследува неа т.е. Христос. Целата историја на Католичката Црква е преполна со примери на големи ликови кои знаеле да се откажат, да се жртвуваат и дословно да го следат Христос во сиромаштвото и служењето на оние во потреба. Нели Исус трајно ги „предизвика“ своите современици на осуда и критика со тоа што се однесуваше и говореше поинаку отколку што тие сакаа или што Законот предвидуваше? Според мене дискредитирањето на личноста на Мајка Тереза е исклучиво нејзината неприкосновена одлучност да се наследува сиромашниот Христос. Таков живот или повик на наследување или бара изговор напаѓајќи го токму она што во неа било најсвето, а ним на напаѓачите им служи како одбрана. Така било тоа во Исусово време и така ќе биде кај автентичните христијани сè до крајот на светот. Нашето време кое е изречно материјалистичко, конзумистичко и хедонистичко не знае да размислува – дури ниту може – надвор од тие категории. Кога во љубовта, тако вистиното како што Мајка Тереза ја живеела, ќе се вмеша менталитетот на парите, тогаш во очите на тие луѓе остануваат само парите како вредност, а сите други вредности паѓаат. Како тоа да книгите, филмовите не ги покажуваат училиштата, болниците, неброените добротворни установи кои Мајка Тереза ги основала, градела и издржувала, а лично никогаш немала пари во рацете. Верувам дека таа лично никогаш не располагала и дека во Духот останала стално слободна од сите материјални добра. Да се сетиме само како сумата од Нобеловата награда веднаш ја упати на сметка за изградба на болница. Такви случувања било и сеуште траат, фала му на Господа, меѓутоа секогаш ќе биде тема на злонамерните кои со тоа манипулираат. Како пример го споменувам Ватиканското богатство и Музејот кои се предлагаше како Ватикан би можел тоа да го продаде и да го подели на сиромашните, а одговорот е јасен – тоа не е сопственост, туку културно богатство на човештвото и затоа со тоа не располага Папата… така и донациите на Мајка Тереза не биле нејзини лично, туку дар на добронамерните донатори кои знаеле дека од нејзините раце средствата нема да одат никаде, туку во корист на сиромасите. Би заклучил, жал ми е за искрените луѓе кои се „згрозуваат“, а да немаат критичка свест да ја препознаат и разликуваат манипулацијата од вистината. Впрочем, кој во Распнатиот Христос го препознал Царот на вселената? а сепак Исус е Господар на Господарите и Цар на Царевите.
Читајќи ги коментарите во медиумите на процесот на прогласување за света, заклучивме како многу луѓе не се разбираат во терминологијата на пасторалното делување на перифериите, често меѓу болните кои немаат помош… Како најлесно да се дефинира теологијата на Мајка Тереза и нејзиното делување меѓу отфрлените и осамените? .
Секој живот е единствен, неповторлив и мистерија. Исто така секој човек има свое послание кое треба да го исполни во својот живот. Воопшто е тешко да се влезе, а особено да се разбере мистеријата на посланието на поедини личности кои израстуваат во големо стебло и кои стануваат воздигнат знак како што е Мајка Тереза. Денеска е појасно од било кога, особено во делувањето на папата Фрањо, кој постојано предупредува на посланието на Црквата како таква, а спрема тоа и на верниците како такви, дека се испратени, повикани да делуваат меѓу луѓето кои се на перифериите, болните и отфрлените. Впрочем, оваа Година на Божјото милосрдие сите нас нè соочи со фактот дека нашиот Господ Исус трајно беше свртен кон малите, грешните, болните и оние во потреба. Нели ги испраќаше учениците да го навестуваат Словото, да лекуваат болни и да изгонуваат демони. Целото христијанство е повикано на тоа делување. Тоа не е социјално прашање, туку верско, спасителско: „Здравите немаат потреба од лекар, туку болните“ (Мт 9,12). Мајка Тереза, ако сакаме да кажеме во теологијата на своето делување, препознала две стварности во Исусовиот живот.
Прво – што таа често го спомнува – е Исусовиот збор на крстот „Жеден сум“ (Ив 19,28б. Таа во Исус Распнатиот го препознала и неговиот тестамент: „Сè што сте направиле на еден од овие Мои најмали браќа, за Мене сте го направиле“ (Мт 25,40). Очигледно е дека таа сакал да ја задоволи жедта на бројните жедни и гладни, кои умираат, кои се на крстот од својот живот како Христос. Очигледно е дека желбата да служи е силна и дека не може да постави граници и разлики кому да, кому не, туку е едноставно: оној кој е во потреба, нему треба да се помогне.
И овде е друга карактеристика на нејзината теологија, а тоа е: настанот на Милосрдниот Самарјанин. Таа Исусова приказна не обрнува внимание на Законот ниту на прописите, ниту на стравовите, не слуша обѕири, туку слуша само едно, а тоа е срцето и во срцето љубовта. Јасно е дека Самарјанинот е странец, не е свештеник, не е левит, меѓутоа е човек кој го слуша Законот на своето срце, ризикува и време и пари да помогне на оној во потреба. Ми се чини дека во тие две, да кажеме, оквири, се случува животот на Мајка Тереза, т.е. Крикот од крстот: „Жеден сум“ и Исусовата приказна за Самарјанинот: „Оди и ти прави така“ (Лк 10,37). Тие две реченици, според мене, ја сочинуваат целата теологија на Мајка Тереза. Денеска е тоа уште повидливо доколку се соочуваме со сè поголемиот расчекор меѓу богатите и сиромашните во судирот паѓа вредноста и општата конфузија во прашањето што да се прави за човекот. Моделот на нејзиниот живот е навистина порака за нашето време.
Кога Мајка Тереза 1979 година ја добила Нобеловата награда за мир, кажала како најдобро да се промовира мирот преку сакањето на своето семејство и нејзините членови… Дали тоа била визионерска порака чие значење со секој ден сè повеќе ја сфаќаме?
Сите светци на свој сопствен начин се и пророци. Пророкот е Божји човек кој со внатрешното светло на милоста некои работи ако и не ги гледа, ги чувствува. Така верувам дека Мајка Тереза, која веќе тогаш го обиколила целиот свет, можела да почувствува голема опасност која му се заканувала на човештвото, не само поради војните, туку поради фактот што човечката совест раѓа зло во погрешната совест во која злото се населува во срцето и како вели Исус, сè почнува од човековата внатрешност: зли мисли и зли дела. Декадентната совест го разорува човекот, а веднаш со тоа го разорува и семејството, а кога ќе се разори семејството, општеството не може да постои. Иако се обидуваат (општеството) да го одржат со силата на оружјето и силата, тоа не оди. Токму овие денови го слушаме повикот на папата Фрањо за огромното лицемерие на нашето време. Народите кои говорат за мирот носат декларации, а во исто време вооружуваат многу скарани народи само поради материјална добивка. Кое лицемерие: да се говори за мир, а да се продава оружје; да се изгласуваат закони против семејството, да се дозволува абортусот и евтаназијата… Мајка Тереза очигледно патувајќи по светот, тоа го воочила и претчуствувала каде тоа води. Меѓутоа, мораме да го прифатиме фактот со почит и восхитеност, дека Мајка Тереза поминувала часови молејќи, во молитва, во клањање и да може да се говори за стварниот визионерски пат и порака на што сме ние сега сведоци. Така таа има право да ни остави тестамент, а тоа е: дека е најсигурен пат на мирот – семејството кое е во милост и мир.
Како го коментирате фактот дека во светот се појавија мисли како „Мајка Тереза припаѓа на сите религии“? Иако тоа звучи мошне позитивно, се чини како има неколку негативни конотации…
Би рекол вака: факт е дека Мајка Тереза е граѓанка и граѓанин на целиот свет. Доколку религиите – барем повеќето – проповедуваат и шират во светот автентични вредности како што е чесноста, животот, семејството, солидарноста, мирот, итн. јасно дека сите тие религии во нејзиниот живот и однесување можат да препознаат „воплотение“ на некои од тие вредности кои некоја одредена религија ги проповеда и живее. Од друга страна, ние христијаните веруваме дека Бог е Отец на сите и нема причина да не ги сака своите созданија. Тоа што не оди заедно е Бог и злото. Тој факт дека Бог Создателот ги сака своите созданија ѝ даде на Мајка Тереза „легитимација“ да прави добро на секој човек во потреба без да прашува на која вера и религија припаѓа. Таа нејзина отвореност веројатно на оваа реченица ѝ даде повод да повторува дека Мајка Тереза припаѓа на сите религии. Меѓутоа, она што не смееме да го заборавиме – и тоа е важно да се истакне – во чие име Мајка Тереза сето тоа го правеше? Оној мал крст на сарито и бројаницата која била постојано во нејзината рака јасно порачуваат кому припаѓа и во чие име прави добро. Не може да не се види дека таа жена христијанка која не проповедува со зборови, меѓутоа го чини на дело она што нејзиниот Свршеник – Жедниот Исус – го правеше. Не треба да се заборави дека поминувала неколку часа дневно во молитва ниту дека секоја шанса во денот, било на пат или во куќата, ја искористувала за разговор со Бог. Така да оваа тврдење за припадноста на сите религии стои доколку припаѓаат вредностите на сите религии, меѓутоа нејзиното определување како личност несомнено е дека е католичка монахиња, која целата своја сила ја црпела од единството со Господ и токму затоа можела да го исполни Исусовото слово: бидете совршени како што е совршен вашиот Отец Небесен (Мт 5,48) или мотото на оваа Година на милосрдието: Бидете милосрдни како Отецот (Лк 6,36). На нас не ни пречи што многу религии гледааат вдахновение во нејзиниот живот бидејќи тоа е всушност во битта мисија – послание – на крај на краиштата на секој христијанин, а тоа е: да се биде знак. Не рече ли Исус: „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе“ (Ив 13,35). Единствен знак на христијанството по кој се препознаваме е љубовта. Посакувам да би можеле така забележително да ја живееме љубовта како што ја живееше таа.
Мисијата на Мајка Тереза, како што самата ја истакнувала, била грижа за: „гладните, голите, бездомниците, осакатените, слепите, лепрозните, сите оние луѓе кои се чувствуваат, несакани, непосакувани, занемарени од општеството и кои станале товар на општеството“. Денеска, се чини, има уште повеќе сиромашни отколку порано. Можеме ли да кажеме дека ја исполнила својата мисија?
Сето досега кажано упатува, ми се чини, дека Мајка Тереза ја исполнила својата мисија, и тоа не како завршеток, туку како почеток. Зошто? Бидејќи со својот начин на живот и служење го подготвила или уште подобро го обновила Исусовиот пат на пристап кон човекот. Понтификатот на папата Фрањо јасно покажува дека, не само тој, туку неброени движења во Црквата се понесени од јавното препознавање: престанаа времињата на значајни говори и настапија времињата на значајни делувања. Кога говориме за делувањето, тогаш мислиме на Исусовото миење на нозете или онаа сцена кога ги повика учениците да видат кој најмногу дарува за Храмот, кога предупреди на онаа вдовица која фрли две парички, а со тоа го дарувала целиот свој живот. Со страхопочит го исчитуваме извештајот на Матеј за конечното Прославување на Исус и се прашуваме на која страна од тој свечен суд стојат денес ставовите на Црквата. Дали е на страната на благословените: „гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте…“ (Мт 25,35) или, не дај Боже, на онаа страна која ќе ги слушне зборовите: „Доколку не сте го направиле тоа за еден од овие најмали браќа ниту за Мене не сте го направиле“… (Мт 25,45); „Бегајте од Мене“ (Мт 25,41)… Според мене, Мајка Тереза е воплотение, како и многу светци во историјата на Црквата, евангелие кое во тој час од историјата треба да се препознае како Божјо повторно навестување. Мајка Тереза е светица на нашето време и за нашето време.
Во светот кој брзо се развива во кој брзо се живее и често се нема време ниту за себе, а уште помалку за другите, што ни порачува Мајка Тереза?
Развојот на човештвото оди во два правци. За жал и двата водат во уште поголема несигурност. Техничката култура води во силна економска моќ затоа што малцинството на човештвото станува богато, а повеќето остануваат сиромашни. Другиот правец е релативизмот. Брзиот развој и дезинформациите го прават човекот сиромашен во духот затоа што нема критичка свест за проценка на вистината од лагата, доброто од злото и во релативизмот го губи чувството за вистинските вредности. Од една страна уште свети Иван Павле II предупредува на т.н. цивилизација на мракот, а развиените континенти како што се Европа и Америка водат во цивилизација на загубата на човекото достоинство, а самиот живот станува на некој начин само економска вредност – што и не е цивилизација? Како христијани иако ја гледаме таа ситуација не смееме да бидеме луѓе без надеж затоа што Господарот на историјата е Бог. Пораката на Мајка Тереза не е ништо друго, туку едно големо светло на надеж затоа што нејзиниот живот бил љубовта, а љубовта не престанува и во мракот и во безнадежноста на загубените може да им најде само еден излез, а тој е да се прави добро. Меѓутоа она што денес е заборавено и добро спомнавте најголемата опасност е да се нема време за себе. Мајка Тереза покажала и таа е нејзината порака: секојдневно да се најде време за разговор со Господ (хигиена на душата) и целиот свет ќе појде по друг пат. Папата Фрањо нè предупреди говорејќи за позитивното за Црквата по целиот свет: Имаме многу Мајки Терези.
И на крајот: ги препорачувам верниците од Скопска бискупија и Апостолскиот егзархат во Македонија, самиот град и себе во молитвите на читателите (…) и сега во овој настан Бог преку заговорот на света Мајка Тереза нè благослови нас и нејзиниот роден град кој со задоволство беше знак и наследник на нејзината каризма.
кта/к.мк