Во 336 година за прв пат е забележено прославувањето на Божиќ, раѓањето на Исус на 25 декември во согласност со празникот од римскиот календар посветен на родениот ден на непобедливото Сонце (Sol invictus). Тој ден бил и е зимската краткоденица, моментот кога деновите почнуваат да се зголемуват, сонцето со својата светлината и со својата топлина почнува полека да се наголемува, односно да се враќа во живот.
Изборот за христијанската дата очигледно нема ништо заедничко со прецизното познавање за раѓањето на Господ, која секогаш била непозната, бидејќи не била документирана од текстовите на Новиот Завет.
За да ја разбереме причината за оваа одлука, прво треба да се вратиме во минатото да го видиме соларниот култ кој се славел во древна Едеса (Сирија) а од таму пренесен во Рим од римските императори во 3. век од н.е., но уште повеќе, да се испита оној вонреден став на раното христијанство кое е во тензија да ги пронајде одговорите, кои произлегуваа од паганската култура, со цел да ги осветли, тргнувајќи од новоста на Евангелието.
Постоењето на едно бжество од карактер на сонце е еден религиозен феномен премногу раширен во различни културни контексти, но во римската имеприја имал посебен развој, благодарение на императорите од сириско потекло. Токму Каракала (212 – 217), всушност, за прв пат го рашири култот на богот сонце од Емеса, бидејќи од овој град беше неговата мајка Џулија Домна, од свештеничко потекло. (…)
Поживописен израз на култот на сонцето имало за времето на Аврелиј (270 – 275), кој, влегувајќи победоносно во Емеса, повторно го пренесе култот во Рим во еден храм изграден на сметка на државата и таму го установи официјалниот култ: свештенството било задолжено на 25 декември да го слави родениот ден на непобедливото Сонце. Аврелиј дефинитивно ја вметна во римскиот цивилен календар прославата на 25 декември, како ден на непобедливото Сонце, кој триумфира над темнината. Со сигурност Костанциј Клор, таткото на Костантин, а така и самиот Костантин, барем пред да се сретне со христијанството, го обожаваа сонцето како една слика од единственото божество.
Христос, светлина на светот, во раното христијанство
Независно од она што видовме до сега, во меѓувреме се развивало и раното христијанство. Христос веднаш, од основните новозаветни текстови кои алудираат на историскиот Исус, е сфатен како вистинска светлина, посветла од секоја природна светлина, бидејќи неговото присуство и манифестација е од истата божествена светлина. Само Христос, светлина на светот, според тоа, е способен да ја победи секоја темнина, вклучително и онаа на смртта и на гревот.
Сето оваа од синоптичките евангелисти е изразено во Преображението Господово (сп. Мт 17, 2): „И Неговото лице светна како сонце, а алиштата му станаа бели како светлина; а исто така и на почетокот од Исусовиот јавен живот во евангелието според Матеј, каде го цитира Исаија: „Народот, што седеше во мрак, виде голема светлина и на оние, што седеа во место на смртна сенка, им изгреа светлина.“
Оваа тема се појавува и во посланијата на свети Павле (2Кор 4, 6): „Бог, Кој некогаш заповеда од темнината да изгрее светлина, Тој ги озари срцата наши за да биде познанието на славата Божја во лицето на Исуса Христа светло“; (Еф 5, 14): „Стани ти што спиеш, воскресни од мртвите, и Христос ќе те осветли“; во случајот од цитатот 2 Кор 4, 6 имаме еден специфичен цитат од Првата книга Мојсеева, во врска со создавањето на светлината одделена од темнината.
Во евангелието според Иван, темата е уште повеќе нагласена (Ив 1, 9): Постоеше вистинска Светлина, која го осветлува секој човек; (Ив 8, 12); „Јас сум Светлината на светот, кој врви по мене нема да оди во темнината, туку ќе има светлина во животот; (Ив 12, 35): Уште малку време Светлината е со вас; Како и во првото соборно послание на св.етиИван (1Ив 2, 8): „Оти темнината одминува, а вистинската светлина веќе свети.
Сепак симболиката се проширува за да ги расветли сѐ пошироките области. Се мисли на денот Господов (dies Domini), првиот ден после сабота, т.е. недела, кој се совпаѓаше со Денот на сонцето (се уште денес така се нарекува, на англиски Sunday), каде станува јасно, во христијанското навестување од првите генерации, дека вистинското сонце кое огрева после темнината на смртта беше Христос воскреснатиот. Или пак ориентацијата на ранохристијанските цркви била насочена кон исток, кон местото од каде што изгрева светлината на сонцето.
Имаме исто така и сведоштво од патристичките дела кои, пред да се воспостави празникот Божиќ и Богојавление – кое историски му претходи на изборот за литургискиот ден за Божиќ – некои христијански автори барале повеќе симболички врски со темата за сонцето и светлината, за да го утврдат денот за раѓањето на Христос, изоставено неодредено од Светото Писмо. (…)
Делата од патристичкиот период ја манифестираат христијанската свест за творење во оваа насока. Зачувано е сведоштвото од трактатот De solstitiis et aequinoctiis (за краткодениците и рамнодениците)– текст препишан на Вилмарт, кој го открил, на крајот од 3. век, но најверојатно е од почетокот на 4. век: „Но (овој ден), го нарекуваат исто така ‘Раѓање на непобедливото Сонце’. Но што е тоа толку непобедливо како нашиот Господ, кој ја уништи и ја победи смртта? И ако овие го нарекуваат овој ден ‘Раѓање на сонцето’, Тој е Сонцето на правдата, за кој пророкот Малахија рече: Божествено страшно ќе се издигне пред вас неговото име како сонце на правдата и заштита под неговите крилја’“.
Тогашниот кардинал Рацингер со модерен современ јазик ја изрази свежината и убавината на размислувањата од Светите Отци:
„Светот, во кој настана празникот за Божиќ, беше доминиран од едно чувство кое е многу слично на нашето. Стануваше збор за еден свет во кое ‘самракот на боговите’ не беше само слоган, туку вистински факт. Античките богови одеднаш станале нереални: не постоеа повеќе, народот не можеше повеќе да верува на нешто што со генерации им даваше смисла и стабилност на животот. Но човекот не може да живее без смисла, туку имаше потреба како од секојдневниот леб. Така, во самракот на античките звезди, човекот требаше да бара нови светла. Но каде беа? Една доволно раширена религија како алтернатива му нудеше култот на ‘непобедливата светлина’ на сонцето, кое од ден на ден го поминуваше својот пат над земјата, силен и сигурен во победата, речиси како еден видлив бог од овој свет. Така 25 декември, како во деновите од зимската краткоденица беше во центарот, требаше да биде запамтена како ден на раѓањето, кој се повторува секоја година, кога светлината повторно и повторно се раѓа после секое зајдисонце, како светла гаранција која, во сите зајдисонца на ослабените светла, светлината и надежта на светот да не недостасуваат и од сите зајдисонца да се отвори еден пат кој води кон еден нов почеток. Обредите од религијата на сонцето многу паметно завзедоа една агонија и една оригинална надеж за човекот. Примитивниот човек, кој во минатото, во секогаш долгите ноќи од есента и во секогаш послабата моќ на сонцето, беше го предупредил доаѓањето на зимата, секогаш со агонија се прашувал: навистина ли умира златното сонце? Ќе се врати ли? Или ќе заврши оваа година или следната, победено од злите сили на темнината, така што никогаш повеќе нема да се врати? Знаењето дека секоја година се враќа зимската краткоденица ја гарантираше сигурноста за повторната победа на сонцето, за неговото сигурно и постојано враќање. Тоа е празник во кој е содржана надежта, односно, сигурноста за неразрушливоста на светлината од овој свет. Овој период, во кој некои римски императори на своите потчинети се обидуваа да им дадат незапирлив пад на древните божества, а со тоа една нова вера преку култот на непобедливото сонце, се совпаѓа со времето во кое христијанската вера стави рака на грчко-римскиот човек.
Многу брзо христијаните тврдеа дека за нив 25 декември е денот на раѓањето на непобедливата светлина, и го прославуваа како раѓањето на Христос, како ден во кој тие ја најдоа вистинската светлина на светот. Тие им рекоа на паганите: сонцето е добро и ние не помалку од вас се радуваме за неговата постојана победа, но сонцето не поседува никаква моќ од самото себе. Може да постои и да има моќ бидејќи Бог го создал. Тој всушност ни зборува за вистинската светлина. Вистинскиот Бог е оној кој треба да се слави, оригиналниот извор на секоја светлина, а не неговото дело, кое не би имало моќ самото од себе. Но тоа не е сѐ, се уште не е најважната работа. Не сте ли забележале дека постојат темнина и студ, во однос на кои сонцето е важно? Тоа е оној студ кој произлегува од срцето на помрачениот човек: омразата, неправдата, циничната злоупотреба на вистината, суровоста и деградацијата на човекот…
Доброто ќе ги задржи силата и смислата на светот? Во Витлеемската пештера ни е даден знак кој нѐ прави да одговориме со задоволство: да, всушност, оваа бебе – единородниот Божји Син – е ставен како знак и гаранција која, во историјата на светот, последниот збор му припаѓа на Бога, нему кој е вистина и љубов. Ова е вистинската смисла на Божиќ: тоа е „денот во кој се раѓа непобедливата светлина“, краткоденицата од светската историја. Во оваа историја е сигурно дека светлината нема да умре, туку веќе во своите раце ја држи финалната победа. Божиќ од нас ја оддалечува втората поголема агонија, која ниедна физика не може да ја разнесе, а тоа е стравот на човекот од самиот човек. Ние поседуваме божествено уверување дека светлината веќе победила во скриените длабочини на историјата и дека сите зла на светот, колку и да се големи, не можат апсолутно да сменат ништо. Зимската краткоденица од историјата неотповикливо е потврдена со раѓањето на детето-Исус во Витлеем.
Празникот за Божиќ, почнат на Западот, за брзо време бил прифатен и на Истокот. Сведоштво наоѓаме во 380 година со Грегориј Назијански во Кападокија и со Грегориј Назијански во Костантинопол, во 386 година со Иван Златоуст во Антиохија, во 380/400 со Астериј од Емсеа во Понто, во 432 со Павле од Емеса во Александрија, во 439 со Јувенал во Ерусалим.
Gli scritti/З.А.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк