Епископот Стојанов во Паљурци ги повика верниците да се стават под мајчинското застапништво на Богородица Утешителка

Епископот Стојанов во Паљурци ги повика верниците да се стават под мајчинското застапништво на Богородица Утешителка

Во Паљурци, во сабота 31 октомври 2026 година, се одржа завршното ходочестие за оваа година. Светата Литургија ја предводеше Н.В.П. монсињор д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко-скопски епарх, во сослужение со ректорот на светилиштето во Паљурци протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов, парохот во Богданци протојереј ставрофор отец Тома Ангелов и голем број свештеници од Македонија.

Поради неповолните временски услови, молитвената програма беше преместена во црквата „Свети Павле“ во Паљурци, која сè уште е во изградба. Храмот се исполни со верници, а дел од присутните останаа и надвор поради ограничениот простор.

На ходочестието присуствуваа верници од Богданци, Гевгелија, Струмица, Радово, Моин, Бистренци, Стојаково, Петралинци, Нова Маала, Чанаклија, Сарај, Охрид, Битола, Прилеп, Велес, Куманово, Скопје, Штип и други места од Македонија, како и чесни сестри Евхаристинки, Сестри Усмиленки и Сестри Мисионерки на Божјата љубов.

Молитвената програма започна со Радосните и Славните Таинства на Светата Бројаница, во кои се вклучија верниците од различните парохиски заедници.

Во проповедта монсињор Стојанов потсети дека Паљурци повеќе од еден век останува место на молитва и почитување на Марија Утешителка. Тој истакна дека верниците, како наследници на верата на своите предци, се повикани да ја препознаваат и прифаќаат Божјата волја.

„Марија никогаш не сака да нè врзува за себе. Таа секогаш нè води кон Христос“, истакна епископот, повикувајќи верата да се потврдува во секојдневниот христијански живот.

Монсињор Стојанов нагласи дека Божјото слово треба да стане видливо во мислите, зборовите, одлуките, меѓусебните односи и постапките на верниците.

Во завршниот дел од проповедта тој ги повика присутните да останат постојани во молитвата, да ја негуваат Светата Бројаница и да ги доверат своите семејства, заедници и целиот македонски народ на мајчинското застапништво на Марија Утешителка.

На крајот од ходочестието ректорот на светилиштето протојереј ставрофор отец  д-р Зоран И. Стојанов, и во име на отец протојереј ставрофор отец Тома Ангелов – парох во Богданци, се заблагодари на присутните за заедничките молитви упатени оваа година во Паљурци.

Со ова ходочестие верниците го заокружија октомври, месец посветен на молитвата на Светата Бројаница.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот