Бискупот Стојанов го прими брат Ришар од Заедницата Тезе

Бискупот Стојанов го прими брат Ришар од Заедницата Тезе

Во понеделник, 29 април 2024 година во бискупска резиденција во Скопје, Неговото Високопреосвештенство монсињор д-р Киро Стојанов го прими брат Ришар од Заедницата Тезе кој е во посета на Македонија и регионот.

Во срдечна и пријателска атмосфера брат Ришар му ја претстави ситуацијата на браќата во Тезе како и желбата да се возобноват редовните посети на младите меѓу 18 и 35 години на заедницата кои беа многу почести во минатото, особено благодарение на работата на тогашниот свештеник на скопската бискупија дон Мато Јаковиќ. Бискупот Стојанов доби покана лично да ја посети Заедницата.

Од своја страна, скопскиот бискуп и струмичко-скопскиот епарх Стојанов ја претстави црквата во Македонија, нејзините два обреди, како и милостите и предизвиците со кои Бог ја обдарил тукашната црква, пред и по кризата при пандемијата со корона вирусот. Истовремено, бискупот ја изрази својата поддршка за молитвата и работата на браќата од Заедницата Тезе како и за тоа младите од Македонија да учествуваат во средбите кои ги организира заедницата.

Заедницата Тезе е основана во истоименото село во близина на градот Лион, во 1940 година од брат Рожер. Таа се залага за помирување меѓу Христијаните, но и се моли за мир во целиот свет особено за местата зафатени од виорите на војната. Заедницата ја сочинуваат браќа од целиот свет кои потекнуваат од различни христијански цркви и молат за единство на Христовата Црква, настојуваат да собираат млади од различните цркви во нивното село, како прилика за средба со Бога и разговор со ближниот, како и медитативна молитва и молитва во тишина.

Еднаш годишно заедницата организира Европска средба за млади во некоја од европските метрополи, а следната година тоа ќе биде во Талин, Естонија. Тезе е препознатливо по нејзините песни кои поттикнуваат на медитативна молитва, а од минатата година една од песните е преведена и на македонски јазик. Повеќе информации се достапни на веб страницата на заедницата: www.taize.fr

к.мк/Д.Г.

Категорија: Вести, Македонија

За авторот