Европските епископи ја поздравуваат новата глобална стратегија на ЕУ

Комисијата на епископатите на Европската унија (Comece) изрази задоволство од документот за „Глобалната стратегија на ЕУ за надворешна политика и безбедносната политика“, претставен во вторникот пред Советот на Европа во Брисел од високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика на Унијата, Италијанката Федерика Могерини.

Предложената стратегија има за цел потесна соработка на земјите членки на ЕУ во областа на заштитата и безбедноста, повикувајќи се на различни препораки на Comece од документот „Да се промовира мирот во светот, повикот на Европа“, претставен од европските епископи во пресрет на состаноците на Советот за надворешни работи во Брисел на 14 јуни.

За епископите, посебна проценка заслужува јасниот повик за „превентивно зајакнување на мирот“ како врвен приоритет во целокупниот однос кон конфликтите и кризите, базиран врз концептот на „човечка безбедност“, како што нуди Comece во својот документ. Освен тоа, документот нуди некои идеи за кохерентна политичка акција за промовирање на правдата и безбедноста.

„Новата глобална стратегија претставува амбициозна визија за улогата на ЕУ меѓу соседните земји и во светот, потсетувајќи на стратешките принципи за регионална соработка и едно ефикасно и реформирано управување“, се вели во документот на епископите. Заедно со тоа тие изразуваат позитивна оценка за признавањето на дијалогот и меѓурелигиската дипломатија како важни средства за превенција и решавање на конфликтите.

Истовремено европските епископи не го кријат своето разочарување поради фактот дека државните власти во ЕУ се ограничиле „да го разгледаат со интерес“ документот на Могерини, без да биде формално прифатен. Оттука е и желбата тоа да не ги намали напорите на земјите членки и европските институции за ефикасно спроведување на новата глобална стратегија.

На крајот на декларацијата епископите од Comece ја изразуваат својата подготвеност за активна соработка, преку својата Комисија за надворешни односи.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Свет

За авторот