Европските бискупи: Општото добро мора да го води технолошкиот развој

Европските бискупи: Општото добро мора да го води технолошкиот развој

Есенското пленарно собрание на Комисијата на бискупските конференции на Европската Унија (COMECE), одржано во Брисел од 12 до 16 октомври, заврши со соопштение во кое се повикува вештачката интелигенција да биде ставена во служба на човекот, општото добро и мирот.

По Пленарното собрание на Комисијата на бискупските конференции на Европската Унија (COMECE), одржано во Брисел од 12 до 16 октомври, беше објавено соопштение со повик вештачката интелигенција да се користи одговорно и да биде ставена во служба на човештвото и општото добро.

Во соопштението европските бискупи нагласуваат дека технолошкиот напредок мора да биде „воден од обновена посветеност на достоинството на секој човек, правдата и братството“, во време кога дигитализацијата го преобразува општеството и отвора „длабоки антрополошки, етички, општествени и правни прашања, на кои не може да се одговори само врз основа на технолошки или економски размислувања“.

Собранието се одржа под мотото Magnifica humanitas: Европа, човечкото достоинство и општото добро, додека завршното соопштение беше насловено Одговорноста на Европа во времето на вештачката интелигенција: Повик за заштита на човечката личност.

Во средиштето на собирот беше енцикликата на папата Лав XIV Magnifica humanitas, која се осврнува на потребата да се заштити човечкото достоинство и да се промовира правдата во услови на брз технолошки развој.

Во тој контекст Светиот Отец во Magnifica humanitas нагласува дека, за вештачката интелигенција да го почитува човечкото достоинство и навистина да му служи на општото добро, одговорностите мора јасно да бидат определени во секоја фаза, од оние што ги дизајнираат и програмираат системите до оние што ги користат и одлучуваат да им доверат конкретни одлуки.

Надоврзувајќи се на ова размислување, бискупите на COMECE истакнаа:

„Слушајќи ги загриженоста и стравовите што ги изразуваат многумина, ние, бискупите кои ги претставуваме епископатите на Европската Унија, ги признаваме напорите што веќе се направени за регулирање на употребата на вештачката интелигенција и ја охрабруваме Европската Унија да преземе водечка улога во оваа област, во согласност со своите основачки вредности и мисија.“

Тие исто така нагласија дека Европа е повикана „да дејствува итно, амбициозно и одговорно за да ги зајакне своите дигитални капацитети и да влијае врз истражувањето, дизајнирањето и развојот на овие технологии, промовирајќи вистински човековоцентричен пристап“.

Човекот во центарот

Во Magnifica humanitas, папата Лав XIV потсетува дека „во сржта на христијанското разбирање на човечката личност се наоѓа големата библиска вистина дека мажот и жената се создадени според образ и подобие на Троичниот Бог“ (сп. Битие 1,26-27).

Папата исто така нагласува дека секој човек е создаден за односи и е повикан на заедништво со Бога, со другите и со созданието.

Во светло на оваа визија, европските бискупи потврдија дека „Католичката црква ќе продолжи да ја придружува Европската Унија на патот што ја штити човечката личност во времето на вештачката интелигенција“.

Тие силно ги охрабрија Европската Унија и нејзините земји членки да ги применуваат и промовираат следниве начела:

  • „Човечкото достоинство и човечката слобода на дејствување мора да останат на прво место.“
  • „Општото добро, солидарноста, супсидијарноста, грижата за созданието и правдата мора да го водат технолошкиот развој.“
  • „Одговорноста, транспарентноста и отчетноста мора да ја придружуваат употребата на вештачката интелигенција.“
  • „Вештачката интелигенција не смее да стане извор на дискриминација, исклучување или манипулација.“
  • „Вештачката интелигенција не смее да ја намалува или потиснува единственоста на човечката личност, ниту човекот да се сведува на податоци или стока.“
  • „Дигиталните и технолошките добра од заеднички интерес бараат одговорно управување.“
  • „Демократијата и владеењето на правото мора да бидат заштитени.“
  • „Вештачката интелигенција мора да придонесува за мирот и човечкото братство.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Свет

За авторот