Доколку сакаме да градиме култура на живот мораме да ја укинеме смртната казна

За градење на култура на живот потребно е да се укине смртната казна – напишаа, во заедничко соопштение, надбискупот Томас Венски и кардинал Шон О’Мали, претседатели на Советите за праведност и човечки развој и Одборот за живот, двајцата членови на Бискупската конференција на Соединетите Американски Држави.
Соопштението е објавено по повод 10 годишнината од кампањата против смртната казна, која во 2005 година ја покренаа американските бискупи.
Во документот е изразена желбата во земјата да се престане со поучувањето за неубивање, убивајќи ги убијците, бидејќи – како што е истакнато – тој затворен круг на насилство го ослабува целиот човечки род. Вистина е – забележаа надбискупот Венски и кардинал О’Мали – во текот на последното десетлетие направени се важни чекори во борбата против смртната казна: бројни американски држави ја укинаа, некои на неа ставија мораториум, а бројот на осудени на смртна казна е на најниско ниво од 1976 година. Меѓутоа – истакнато е во соопштението – уште многу треба да се направи.
Смртната казна е недозволива; станува збор за злосторство над неповредливоста на животот и достоинството на човечкото битие – стои понатаму во документот во кој се споменува писмото на папата Фрањо до Федерико Мајор, претседател на Меѓународниот совет против смртната казна, објавено на 20 март оваа година. Освен тоа, се потсетува на фактот дека католичката вера дава единствен поглед на злосторството и на казната, втемелен на милосрдието и спасението, а не на пресудата по себе. Поради тоа не е толку важно колку е страшно казненото дело; ако општеството може да се заштити не прекинувајќи еден човечки живот, тогаш тоа треба да го направи, бидејќи такви можности денес постојат.
Надбискупот Венски и кардинал О’Мали потсетија исто така дека сме сите грешници, меѓутоа Исус, преку откупителната сила на Крстот, ни дарува вечен живот. Смртната казна, напротив, ја отстранува секоја можност за преобразување на душата на осудената личност во нов живот. Поради тоа противењето на католиците против смртната казна се темели на милосрдието и е во корист на животот, бидејќи нуди можност за преобраќање, па и на најтврдокорниот грешник.
После изразот на солидарност и близина на жртвите на злосторство и нивните семејства, во документот се поттикнува на признавање на човечкото достоинство на оние кои направиле казнено дело, бидејќи и тогаш кога мора да го платат својот долг кон општеството, треба да примат сомилост и милосрдие.
На оние пак кои во противењето на Црквата за смртната казна гледаат одредена рамнодушност спрема криминалот и нападите на човечкиот живот, надбискупот Венски и кардинал О’Мали им одговараат дека сигурно не станува збор за тоа, туку за потврда за светоста на животот, исто така и за оние кои направиле најголеми злосторства.
На крајот од документот се даваат четири совети: да се моли за жртвите на злосторства, за осудените на смрт и за судските работници; да се биде близу до семејствата на жртвите и да им се изразува Христовата љубов и сомилост; да се проучи науката на Црквата за смртната казна и да се запознат другите со неа; да се бараат соодветни политики со цел заштита на општеството и да се укине смртната казна. Како христијани повикани сме да се спротивставиме на културата на смртта и да сведочиме за нешто возвишено и совршено, а тоа е Евангелието, надежта и милосрдието – стои на крајот од сопоштението на американските бискупи.
Битно.нет/С.С.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Свет

За авторот