Дали го примивте Светиот Дух? (Ив 15, 26-27; 16, 12-15)
Многумина го чувствуваат во себе делувањето на Светиот Дух и во Црквата и во секојдневниот живот. Тоа не се бајки од минатото, туку нашата вера.
Како можеме да знаеме дали сме го примиле Светиот Дух? Тука сме, па тогаш би требало и да го имаме! Свети Августин препорачува начин како да провериме дали го имаме Светиот Дух и како Тој во нас делува. Начинот е само еден: испитај го своето срце по делата на љубов. Дали преку целиот ден од моментот кога си се разбудил твоето срце копнеело за доаѓање на Света Литургија? Имаш ли љубов да молиш за некој да оздрави и тој оздравува? Дали си се нашол во тешки животни ситуации, тотално без излез, меѓутоа сепак си се надевал дека ќе биде подобро? Имаш ли такво искуство? Помислуваш ли дека токму сега би можел да одиш на улиците од твојот град сакајќи ги луѓето како браќа и сестри? Размислуваш ли за љубовта без реципроцитет? Имаш ли идеја за тоа дека Бог сега нешто ти подготвил, толку големо што би можел да паднеш на земја? Имаш ли такви очекувања? Доколку одговорот на сите тие прашања е не, тогаш значи дека не веруваш и го немаш во себе Божјиот Дух. Во ред, тука си негде како католик, меѓутоа не веруваш и не соработуваш со Светиот Дух. Тој ти изгледа непознат. Знај дека срце исполнето со Светиот Дух не може да дочека да се соедини со Бог.
Светиот Дух е бранител на Исусовите ученици. Тој е дар на целата Црква. Затоа има моќ да подигне од секаква болест. Духот на вистината избавува од секоја тешка животна ситуација. Светиот Дух го исполнува човечкото срце со таква љубов да повеќе не може ништо друго да работи, туку само да сака. Таму каде е Светиот Дух секогаш ќе се случуваат чуда, бидејќи Бог подготвува секогаш нешто подобро и уште повеќе од тоа што го имаме. И кога е најтешко и не се исполнуваат нашите молби, Светиот Дух го поттикнува срцето на надеж, која вели – Тој знае зошто е така, бидејќи Тој те води без оглед на тоа како се чувствуваш. Ако тоа го нема, тоа значи дека премалку соработуваш со Светиот Дух или си се збогувал со Него.
Делата Апостолски (19,1-2) ја опишуваат средбата на светиот Павле со неколку ученици. Тој не знаеше кои се тие. Не ги праша дали живеат набожно, па дури ни тоа дали веруваат во Исус Христос, туку прво прашање кое им го постави беше: Дали го примивте Светиот Дух? Тие одговорија: Изгледа дека не знаеме кој е тој па затоа и не знаеме дали го имаме. Исполнето срце со Светиот Дух за Павле е единствен показател на вернички живот. Веруваш ли во тоа дека Бог и денес живее и прави чуда преку силата на Светиот Дух?
Како свештеник имам можност да видам како Бог оздравува денес. Видов оздравување на болни. Слушнав сведоштва на потполно духовно скршени луѓе, меѓутоа после светата Тајна на исповед излегоа препородени. И не станува збор за некакво повремено утешување, туку за тоа дека тие луѓе добиле полнота на животот и радоста. Тоа е христијанство! На нас останува само молитвата, воскликот Светиот Дух да дојде. Не треба да се осудуваме поради нашата невера или човечки слабости, туку да ја повикуваме Неговата присутност. Само Светиот Дух е Оној Кој оживува. Во Неговата сила сè цвета, за Него не постои ништо невозможно. Тој сè може, ако во Него веруваме.
Многумина го чувствуваат во себе делувањето на Светиот Дух и во Црквата и во секојдневниот живот. Тоа не се бајки од минатото, туку нашата вера. Доколку сакаме да бидеме само побожни, онака мирно на лист и без ангажман, тогаш сме навистина јадни! Светиот Павле во Посланието до Тимотеј предупредува на луѓето кои на изглед се побожни, а од силата на Бога се одрекле: Од нив бегај! (2 Тим 3,5). Доколку не соработуваме со Светиот Дух, Кој е Дух на Вистината испратен на Црквата, нашата вера станува привидна, а побожноста е лишена од сила. Евангелието е нашата сила. Светото Писмо го повикува секојдневно во нас помазанието со Светиот Дух.
На денот на Педесетница дојдоа многу странци (Дела 2,1-11). Постои тука еден детал, кој ќе ни помогне да го сфатиме говорот на Павле за плодовите на Светиот Дух. Меѓу странците кои го слушаат Божјото слово на својот јазик беа и Јудејци. И се чудат што разбираат кога апостолите говорат. Тие се чудат и восхитуваат на зборовите на апостолите кои дури сега разбираат. Разбирливо е дека во силата на Светиот Дух странците го разбираат она што им го говорат апостолите, меѓутоа еврејскиот јазик да станува разбирлив и на оние на кои им е тоа мајчин јазик, тоа е веќе чудо! Тоа не е грешка. Тоа е дело на Светиот Дух. Можеби и ти со некој не можеш со години да се разбереш иако го говорите истиот јазик. Се обидуваш да најдеш некој начин, меѓутоа не го наоѓаш. Постои, меѓутоа, само еден начин. Тоа е Божјиот Дух. Тој ќе направи да се разберете. Да започнеме од тие секојдневни работи заедно со Светиот Дух. Христијанството е сила која се покажува во делувањето на Светиот Дух. Дали го имаме? Провери го во срцето плодовите на Духот: љубов, радост, мир, великодушност, долготрпеливост, добрина, верност, благост, воздржливост.
Лаудато/С.С.