Во Богданци изложени моштите на свети Кирил Солунски

На празникот на рамноапостолите, светите Кирил и Методиј, 24 мај 2014 година Католичката црква „Свети Кирил и Методиј“ во Богданци беше централно место во Македонија за чествувањето на светите браќа. Повод за тоа е изложувањето на моштите на свети Кирил Солунски, кој за прв пат се изложуваат во Македонија и регионот воопшто.

По тој повод монс. д-р Киро Стојанов, бискуп скопски и апостолски егзарх во Македонија служеше светата Архиерејска Златоустова Литургија, а веднаш потоа  се одржа и Молебен во чест на светите Кирил и Методиј.

Значењето на моштите е што тие се дел од телото на самиот светец или самото тело, па затоа ние денес овде ги изложуваме тие мошти да можеме да се поклониме, да можеме да го следиме примерот на сесловенските апостоли, светите браќа Кирил и Методиј, да можеме и ние како и тие да го шириме светото евангелие насекаде меѓу народите, рече д-р Киро Стојанов, бускуп Скопски и апостолски егзарх во Македонија, рече епископот Стојанов за време на проповедта.

Ми причинува посебна радост што после 1.145 години свети Кирил повторно се враќа меѓу нас или во непосредна близина на своето родно место, Солун. Многумина на сите нивоа ќе зборуваат и ќе ја толкуваат улогата на Кирил и Методиј, но свесно ќе премолчуваат дека тие се светци и на Исток и на Запад и дека силата на нивните дела беше Бог и животот живеен според Евангелието. Никогаш да не пропуштиме, дури и во обичниот говор, да зборуваме за светите браќа. Ние не сме само народ на умните и културно-просветните луѓе туку сме и потомци на светците – истакна во својата проповед владиката Стојанов.

Уверението во веродостојноста на моштите претпоставува одредено признание на изворноста. Автентично признание е тоа кое се дава со судска одлука од надлежните црковни власти во бискупијата во која се наоѓа гробот. Моштите кои што ние ги имаме се автентични и потврдени од црковната власт – рече Стојанов.

Овој единствен настан во Македонија привлече илјадници луѓе да дојдат во овој храм и да се поклонат пред моштите на свети Кирил.

Гробот на свети Кирил се наоѓа во Kатоличката црква „Свети Климент“ во Рим. Папата Адријан II во црквата Света Марија Велика (Santa Maria Magiorre) ги одобрува нивните преводи за официјална црковна употреба.

го*ко

Категорија: Македонија

За авторот