Во понеделник, 12 февруари 2024 година, во базиликата Свети Климент во Рим е одбележан празникот на светите браќа Кирил и Методиј, словенски апостоли и созаштитници на Европа. Прославата традиционално се организира според римскиот обред, на која се одбележува на смртта на свети Кирил, чиј гроб се наоѓа во криптата на базиликата. Организаторите наизменично се менуваат и се четирите Папски словенски заводи во Рим (хрватски, чешки, словачки и словенечки), а оваа година прославата ја организираше Папскиот хрватски завод Свети Јероним.
Светата Литургија на италијански јазик ја предводеше монс. Петар Палиќ, бискуп Мостарско-Дувањски и Апостолски управител на Требиње-Мркањ. На светата Литргија присуствуваше монс. Јонаш Максим, архиепископ и митрополит на Прешов, поглавар на Источната католичка црква sui iuris во Словачка. Сослужуваа ректори на Римските заводи, професори на Папските универзитети, членови на повеќе Дикастерии на Римската курија, свештеници кои се членови на римски заводи и други свештеници и монашки заедници кои студираат или служат во Рим.
На светата Литургија присустваа и амбасадори и други дипломатски претставници во Светиот Престол и на италијанската држава; претставници од Хрватска, Словенија, Чешка, Словачка, Македонија, Црна Гора, Полска, Србија и Украина – кои посебно се поврзани со светите браќа Кирил и Методиј.
Литургиското пеење го анимираа академскиот хор „Про Музика“ од Мостар и Мостарскиот тамбурашки оркестар под раководство на Дон Драган Филиповиќ и Давор Кожул.
На почетокот на светата Литургија, ректорот на Заводот Свети Јероним Марко Ѓурин, потсети дека на 14 февруари се навршуваат 1155 година од смртта на свети Кирил.
Пригодна проповед одржа монс. Палиќ, во која го поврза навестувањето на Божјото Слово со храброста и верноста на светите Кирил и Методиј при навестувањето на Евангелието меѓу словенските народи и го потенцираше повикот на денешните христијаните во Европа, започнувајќи со мислата на свети Иван Павле II. кој во една од неговите проповеди рече дека светите Кирил и Методиј се „браќа по крв, но уште повеќе по вера, бестрашни Христови следбеници и неуморни проповедници на Божјото Слово“. Осврнувајќи се на навестениот дел од пророкот Исаија (Исаија 52,7-10), кој зборува за гласниците кои ја навестуваат радоста и надежта за Божјото спасение на Израелскиот народ, но и на Црквата денес и посебно на народите во уморната Европа, монсињор Палиќ го привлече вниманието на присутните со гласниците на радоста, светите Кирил и Методиј, кои донесоа надеж и порака за спасение на словенските народи.
Притоа потсетувајќи ги присутните верници за мисијата на која во 862 година ги испратил византискиот император Михајло III. по барање на моравскиот кнез Растислав, двајцата браќа, мисионери, кои добро го познаваа словенскиот јазик и обредите ја преведоа Светата Литургија, Посланијата и Евангелијата на словенски јазик.
Монсињор Палиќ истакна дека тие биле гласоносци кои не се откажувале, пред се затоа што Божјото Слово го слушале во тишина, со молитва. Поврзувајќи ги мисионерските чекори на светите Кирил и Методиј со дел од Евангелието (Марко 16,15-20) кој ја опишува Исусовата заповед до единаесетте пред Вознесението, монс. Палиќ истакна дека самиот Исус, пред да им ја даде оваа заповед на учениците, почнал да го исполнува она што им го заповедал на нив, кој и самиот бил искрен и вистинит гласноносец на радоста и спасението.
Во проповедта, монсињор Палиќ се осврна на актуелната состојба во Европа и изјави дека чекорот на христијаните од денешна Европа станал тром, повикувајќи ги присутните повторно да ја откријат силата во верноста кон Исус Христос и неговото Евангелие, притоа молејќи за застапништвото за Европа од светите Кирил и Методиј, а посебно за сите словенски народи, повторно да ја откријат убавината и сјајот на Исусовата радосна вест, која светите браќа Кирил и Методиј ја навестија сесрдно, храбро и без страв.
Пред крајот на чествувањето, благодарност упати приорот на базиликата Свети Климент Пол Лоулор, ОП и ректорот на Заводот Свети Јеронима Марко Ѓурин, кој ги потсети присутните дека во оваа црква има параклис на светите браќа со моштите на Свети Кирил, на чие украсување во 19 век во голема мера помогнал бискупот од Ѓаково и Срем, Јосип Јурај Штросмаер, за што сведочи и натписот во самата капела. Евхаристиското чествување заврши со процесија со свеќи, со пеење на Литанија на сите светци, од централниот кораб на базиликата до криптата каде што се наоѓа гробот на Свети Кирил. Таму воедно е прочитано дел од Житието на Константин, за смртта на свети Кирил и молитвата која папата Иван Павле II, во 1981 година, при неговата посета на базиликата Свети Климент, ја упати до светите Кирил и Методиј.
Прославата продолжи во Доминиканскиот манастир, каде што сестрите Милосрдници и вработените во Заводот Свети Јероним подготвија пригоден прием.
Ватикан њуз/к.мк