Вечниот живот е сосема поинаков живот

Вечноста не се огледува по примерот на земскиот живот, туку го просветлува и така на сите ни дава надеж, со овие зборив папата Фрањо се обрати на бројното мноштво верници собрани на плоштадот Свети Петар во недела 10 ноември.

Го пренесуваме во целост говорот на папата Фрањо.

Драги браќа и сестри, Евангелието од ова недела ни го прикажува Исус во конфликт со садукеите, кои го негираат воскресението. Всушност на таа тема тие му упатуваат прашање на Исус, за да го збунат и да ја исмеат верата во воскресение на мртви. Тргнуваат од еден измислен случај: „Некоја жена имала седум мажи кои починале еден по друг“, а потоа на Исус му поставуваат прашање: „На кого од нив, по нејзината смрт ,таа ќе биде жена,?“. Исус, кроток и трпелив како и секогаш, најпрво одговара дека за животот после смрта не важат истите правила како за овој на земјата. Вечниот живот е сосема поинаков живот, во една друга димензија каде меѓу останатото, нема повеќе женидба, што е поврзано со нашиот живот на овој свет. Воскреснатите – вели Исус – ќе бидат како ангели и ќе живеат во една поинаква состојба, која сега не можеме да ја искусиме, па ниту да ја замислиме. И така Исус тоа го објаснува.

Но потоа Исус, поминува во противнапад. И тоа го прави цитирајќи го Светото Писмо, со едноставност и оригиналност кои не оставаат полни со восхит кон нашиот Учител! Доказ за воскресението Исус наоѓа во библиската епизода за Мојсеј и капината која гори (2 Мојсеева 3, 1-6), каде што Бог се објавува како Бог Аврамов, Бог Исаков и Бог Јаковов. Божјото име е поврзано со имињата на маж и жена со кој се поврзува и таа врска е посилна од смрта. А ние можеме да кажеме исто така за Божјот однос со нас, со секој од нас: Тој е наш Бог! Тој е Бог на секој од нас! Тоа е како Тој да го носи нашето име. Нему му се допаѓало да го изговори и тоа е сојуз. Ете зошто Исус вели: „А Бог не е Бог на мртвите, туку на живите, оти во Него се сите живи.“ (Лука 20,38). Тоа е одлучувачка врска, тоа е темелен однос со Исус: Тој самиот е Сојуз, Тој самиот е Живот и Воскресение, затоа што со својата распната љубов ја победи смрта. Во Исус, Бог ни дарува живот вечен, го дарува на сите, и сите заблагодарувајќи Му имаме надеж во еден живот кој е повеќе вистински од овој. Животот што Бог ни го подготвува не е едностано разубавена верзија на овој сегашниот: ја надминува нашата фантазија, затоа што Бог постојано нѐ восхитува со својата љубов и своето милосрдие.

Ќе се случи спротивното од тоа што садукеите го очекувале. Овој живот не служи како поврзување за вечноста, другиот живот, оној кој нѐ чека, туку вечноста – оној другиот живот просветлува и дава надеж на земскиот живот на секого од нас! Ако гледаме со човечки очи, се стремиме да тврдиме дека човечкиот живот води од живот кон смрт. Тоа се гледа! Но тоа е ако гледаме само со човечки очи. Исус фундаментално ја преобрнува таа перспектива и вели дека нашето патување се протега од смрт до живот – полн живот! Ние сме на пат, на пат кон полн живот и тој полн живот е животот кој нѐ просветлува на нашиот пат! Па смрта е зад нас, а не пред нас. Пред нас е живиот Бог, Бог на сојузот, Бог кој го носи моето име, нашето име, како што рече: „Јас сум Бог Аврамов, Исаков, Јаковов“, исто така Бог со моето име, со твоето име, со твоето име…, со нашето име. Живиот Бог! Пред нас е конечниот пораз на гревот и смрта, почеток на ново време на бескрајна радост и светло. Но веќе на ова земја, во молитвата, во Светите Тајни, во братството, ние го среќаваме Исус и неговата љубов, и така можеме однапред да искусиме нешто од воскреснатиот живот. Искуството кое го стекнуваме за неговата љубов и неговата верност се запалува како некој пламен во нашето срце и ја зголемува нашата вера во воскресението. Имено, ако е Бог е верен и љуби, тоа не може да биде на ограничено време: верноста е вечна, не може да се промени. Божјата љубов е вечна, не може да се промени! Не е на ограничено време, туку засекогаш! Нѐ води кон животот! Тој е верен засекогаш и Тој нѐ чека, секој од нас, секој од нас го следи со таа вечна верност.

После Ангел Господов

Денес попладне во Падерборн, во Германија, за блажена ќе биде прогласена Марија Тереза Бонзел основателка на Сиромашните сестри фрањевки поклонителки, која живеела во 20 век. Евхаристијата била извор од каде што црпела духовна сила, за неуморно со љубов да се посвети на најслабите. Да ја воздигнеме благодарноста до Господ за нејзиното сведоштво!

Ја гарантирам својата близина со населението на Филипините и тој регион, кој го погоди тајфун со застрашувачка сила. За жал жртвите се бројни, а штетата е голема. Да молиме за тие наши браќа и сестри и да се потрудиме да им ја испратиме својата конкретна помош. Да се помолиме во тишина. (Радувај се Маријо…)

Денес се обележува 75 години од т.н. „Кристална ноќ“: насилствата започнале ноќта помеѓу 9 и 10 ноември 1938 година против Евреите, синагогите, становите и трговските центри означиле жалосен чекор кон трагедијата на хоколаустот. Повторно ја изразувам својата близина и солидарност со еврејскиот народ, нашите стари браќа. И да го молиме Бог сеќавањето на иднината да помогне секогаш да бидеме будни против секаков облик на омраза и нетолеранција.

Ова недела во Италија се слави Ден на благодарноста. Се придружувам на епископите и ја изразувам својата близина на земјоделскиот свет, посебно младите кои одлучиле да ја обработуваат земјата. Ги потикнувам сите оние кои се залагаат да има за секој здрава и соодветна храна. (…) Ви посакувам пријатна недела!

Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот