Веста за Исусовото воскресение продира низ просторот и времето. Допрела и до луѓето од 21. век, носена со верата и љубовта од генерации и генерации Исусови ученици кои заради тоа како и првите апостоли честопати биле и убивани и мачени. Но знаеле едно: Невозможно е да не се зборува за Воскреснатиот, бидејќи без него животот повеќе не би бил живот. Воскресната светлина е душа на животот, таа е нејзина свежина. Сите оние кои сакаат да ја почувствуваат блискоста на Воскреснатиот и да влезат во Неговата светлина, Евангелскиот текст (Иван 20, 1-9) упатува на неколку важни знакови на искуство кое првите ученици го имале на средбата со воскреснатиот Исус. Најпрво, кога се разденувало, воскресното утро изгледало како и сите други утра, како смртта, неправдата и насилството да победиле и во Исусовиот случај. Сѐ е тивко и обично како и секој друг ден. Зарем не е тоа слично со секојдневното искуство на многу луѓе – како неправдата да е посилна од правдата, нечесноста од чесноста, омразата од љубовта, смртта од животот?
Овој евангелски текст ни претставува неколку категории на ликови: Марија Магдалена и другиот ученик нешто виделе и слушнале; ученикот веднаш разбрал и поверувал, а Марија разбрала малку подоцна; додека Петар ниту видел ниту разбрал. Евангелистот не премолчува, дека тој, иден поглавар на Црквата, не поверувал веднаш дека Исус воскреснал. Евангелистот како да сака да каже: ако Петар, поглавар на Црквата – иако бил во сржта на случувањата на празниот гроб – не видел, не разбрал и не поверувал, тогаш нема да биде никакво чудо доколку и останатите генерации Исусови ученици, особено оние кои се оддалечени од просторот и времето, ќе наидат на сериозни потешкотии околу размислувањето за настанот на Исусовото воскресение и ќе се обидат да поверуваат во него.
Но, од друга страна, токму фактот за Петровото неснаоѓање сведочи дека Исусовото воскресение не го измислиле неговите ученици туку и за нив, кои се соочиле први со него, им претставувало неразрешлив проблем за нивната човечка сила. На пример плаштеницата не била тргната, при што се заклучува дека никој не го украл Исус, бидејќи крадците не би губеле време да ја тргнуваат и потоа повторно да ја наместат плаштеницата. Би можеле да речеме дека апостолите биле доведени во парадоксална ситуација: треба да бидат сведоци за нешто во кое не можат да се снајдат! Токму во оваа потешкотија Воскреснатиот Господ сака своите ученици и идни сведоци да направи тие со нивното искуство да можат да им помогнат на подоцнежните генерации верници во нивната потрага за вистината за воскресението.
За учениците Исусовото воскресение не било прашање за проучување на фактите, токму така како што не било ниту за поглаварот на црквата – Петар. Кога се зборува за воскресението, тогаш не станува збор дали тоа било можно и на кој начин тоа се случувало? За Петар, како и за другите ученици, Воскреснатиот Исус пред сѐ не било реалност која треба да се проучува и за неа да се размислува, да се заклучува, туку било жива личност која треба да се сретне, да се доживее и тогаш во светлото на тоа искуство да се оди во живот. Оној момент кога била Божјата волја, Петар и другите ученици го сретнале Исуса. Потребно било некое време да созреат, да ги подготват своите срца за средбата со Него. Сигурно Петар од воскресното утро преку целиот ден размислувал за сѐ и одлучил да го отвори своето срце… конечно тргнал кон она „ти знаеш дека те сакам“.
И вечерта истиот тој ден го сретнува Воскреснатиот и доживува мир, радост и надеж. Еве тоа е Воскресние: Исус Воскреснатиот кој влегува во срцето на учениците и им ја дава неговата светлина. Тие не се повеќе исти луѓе. Тие се и остануваат и понатаму слаби, ограничени, но нивниот живот добил нов темел: бидејќи живеат од блискота на Воскреснатиот! Неговата светлина е толку многу слатка и неискажлива, таа е таков живот што значи ако останат без неа ќе престанат да живеат. И затоа тие – до вчера плашливци – сега може да одат напред, ги повикува таа многу слатка светлина. Што и да се случи, но без неа не сакаат да останат. По никоја цена! Како што рекол свети Павле – сѐ можам во оној кој ме крепи! Тие сега живеат во светот, но со силата која не доаѓа од светот и од нивниот живот, кој има нови темели, го победуваат светот. Тоа е оној квасец кој е во можност да го одржи животот на секој човек; кој може да му даде нова боја, вкус и мирис.
Новиот живот со кој сега Исус живее и чија светлина ја добиваат апостолите – единствено тој е вистински. Омразата, насилството, дискриминацијата, егоизмот, злото од сите видови – тие не се вистина. Но, некој ќе рече, тие постојат! Да, постојат, но зад себе не оставаат ништо, бидејќи зад егоизмот, омразата и насилството останува само пустош. Ништо ново не се создава, не се создава живот туку останува само празнина – пропаст од човекот, од животот. Бог кога го создавал светот не створил празнина, туку живот кој се плоди и се множи, во бескрајни и изобилни форми. И Исусовото воскресение е чин со кој Бог ја исполнува празнината и темнината со неисцрпниот живот и светлина – ремек дело на Животворниот Дух! И затоа апостолите ако останат без него значи дека би останале на урнатините од животот, во пустош да ги собираат нивните остатоци, трошките.
Духот на Воскреснатиот, Животворецот е таа сила која во ништожноста создава нешто, во пустошот живот, во темнината светлина. Да се биде верник значи да се побара тој Дух кој во животот на секоја личност, таму каде што има празнина, дарува искри на својата полнота. Неговиот дар може да се види во новата мисла, мислата потоа нека се види во зборовите, во делата. Овде започнува христијанската духовност – во средбата со Воскреснатиот!
Вера и Дела/З.А.