Великиот пост е можност за нов почеток

Великиот пост е можност за нов почеток

Последните неколку недели со третоодделенците ги обработувам Исусовите средби со грешниците, луѓе кои од општеството се пречкртани. За нив во очите на светот нема спас, тие се такви и тоа е тоа! Но, Исус нè учи дека вистината е  поинаква. Ме импресионираше Исусовата логика и начинот на гледање на човекот. Ми се чини како Исус го гледа човекот во целост, го гледа, „тоа што е позади“, ја гледа причината на некое однесување и најпосле гледа поинаква иднина. Дава нова шанса. Ние, пак луѓето околу себе ги гледаме површно, ги затвораме во своите рамки без подлабок поглед и често без љубов. Децата ги воодушеви како Исус само после една средба го менува човекот. Како му успева тоа? Со години исто однесување и грев, а тогаш една средба и промена на животот. Чудесно! Како изгледаше таа средба? Како изгледаа Исусовите очи? Каков е неговиот поглед? Верувам дека неговиот поглед го остава човекот без здив.

Се случува често и ние самите да се откажеме од себеси. Заклучуваме како не можеме да се менуваме и како Исус ги менува само оние кои ги среќаваше за време на својот престој на земјата. Меѓутоа, Исус оди по земјата и денес. Тој е Емануел, со нас Бог! Близу е до оние кои го бараат, меѓутоа не се наметнува. Чека на нашата согласност и на нашето „да“! „Што сакаш да ти направам“? – често ги прашуваше слепите и хромите. Ама Исус знаеше што им треба, меѓутоа тоа сакаше да го слушне од човекот. Сакаше сoработка и согласност на човекот. Значи и денес Исус поминува покрај нас и прашува: „Што сакаш да ти направам“? Што те мачи? Сакаш ли да оздравиш од својата малодушност, мрзеливост, депресија? Сакаш ли навистина да го сретнеш? Таа средба менува. После неговиот поглед не можеш да останеш ист. Неговата љубов не може да те остави рамнодушен. Господ сака да нè поттикне на чекор на вера. А за да би го доживеал мора да излезеш од сегашната удобност и изгазениот пат, да направиш исчекор.

Така некако го доживувам Великиот пост во кој влеговме како Црква. Великиот пост е излегување. Великиот пост е шанса за повторна средба со Исус. Тој ни го вперува погледот на Алфа и Омега на нашиот живот. Тој е мој Почеток и Крај, Тој е цел на мојот живот и не постои живот надвор од него. Господ сака повторно својата свршеница – Црквата, да ја приближи кон Себе. Важно му е каква е љубовта на неговата свршеница кон Него. Важна му е верата на Свршеницата! Тој бдее над својата Црква! Животот го даде за неа! Се поставува прашањето зошто секогаш повторно ни требаат силни времиња на пост. Секоја година, секогаш одново. Затоа што Бог е трпелив. Тој не ја сече смоквата која не дава род, туку ја крои, следната година да вроди со плод. Склони сме на духовна мрзеливост и конформизам. Се случува, поради последиците на источниот грев, лесно да го оддалечиме своето срце од Господ и да се согласуваме на полесниот пат. Сѐ уште не сме „ се спротивставиле на гревот до крв“. Често тргуваме, правиме компромиси, паѓаме. Потребно ни е потојано да се враќаме и свесно да се одлучуваме за Евангелието. И нашата небесна Мајка во Меѓугорје постојано ни повторува исти работи. Мајчински и упорно, знаејќи ја нашата непостојаност и духовна мрзеливост. И ни ги дава најдобрите алатки: постот, Бројаницата, покората, Евхаристијата, интензивниот молитвен и светотаински живот.

Ме воодушевува нејзината упорност и љубов. Ние често се откажуваме од борбата, а папата Фрањо нагласи како Великиот пост е време на духовна борба. Повикани сме да се соочиме со злодухот преку молитвата, за да бидеме способни, со Божја помош, да го победиме во својот секојдневен живот. Злото за жал е на дело во нашиот живот и околу нас; таму каде се случува насилство, отфрлување на другите, затворање кон другите, војни и неправди. Сето тоа се дела на злодухот и злото.

Великиот пост нè става пред одлучувачки прашања: Растам ли јас во својата верност кон Исус Христос и својата одлука да живеам свето? Дали сум со секој Велики пост по нешто посличен на Исус? Дали сум „христопосличен“? Го живеам ли својот апостолат во секојдневието, во својата секојдневна работа, меѓу своите колеги од работа? Секој кој во својата душа бара одговор на тоа прашање ќе увиди дека е потребно обновено преобразување за да би живеел Христос во нас и неговата слика неискривена да се одрази во нашето однесување. Секој Велики пост е наша можност за нов однос со Исус и којзнае уште колку постови ќе доживееме. Можеби овој ни е последен Велики пост! Поради тоа ова време треба да се сфати сериозно и да се одлучи.

Да се обидеме овој Велики пост да бидеме будни и да го отвориме срцето на Исус. Тој може токму сè да сврти на добро, може да внесе нов живот во нас, да го преобрази целото наше битие. Затоа е потребна нашата соработка и отвореност. Постот и молитвата ќе ни помогнат да ја стишиме бучавата која ни смета да ја препознаеме и почувствуваме неговата присутност, да Го слушнеме, да се насочиме на Него и неговото Слово, ќе ја зајакне нашата волја и спремност одвнатре да одговориме на неговите поттикнувања. Во светата Тајна Покора и Евхаристија ќе ги лечи нашите рани и ќе ни помогне да откриеме колку за нас копнее и колку нè сака. Затоа се радувам на овој Велики пост, бидејќи знам дека во неа ме чека Тој, Патот, Вистината и Животот.

Мирта Милетиќ/Гласник мира/к.мк

Категорија: Вера, Духовност
Ознаки Велики пост

За авторот