Брифинг за последниот ден од Епископската Синода

Во саботата на 24 октомври, во Прес центарот на Светиот Престол се одржа брифинг за последниот ден од работата на Синодата посветена на семејството.

Заедно со директорот на Ватиканската прес служба, отец Федерико Ломбарди, на брифингот присуствуваа и кардиналот Рајмондо Дамашено Азис, надбискуп на Апаресида и потпретседател на Синодата, кардиналот Шенборн, виенски надбискуп, и братот Херве Јансон, генерален приор на Исусовите мали браќа, единствен член на Синодата со право на глас кој не е свештеник.

Вчера, попладнето, состанок имаше Комисијата од десет кардинали која е задолжена за изготвување на завршниот документ, рече отец Ломбарди. Комисијата ги проучи и оцени 248 забелешки кои стигнаа по читањето и расправата за нацртот за конечниот извештај. Интензивно се работеше, затоа претпладнето во салата веќе го имавме завршниот документ во кој, во договор со Комисијата, беа вклучени повеќе додатни предлози, пристигнати за време на вчерашниот ден.

Од сето тоа произлезе документ со 94 точки за кои се гласаше попладнето. Директорот на ватиканската прес служба, отец Ломбарди додаде дека документот претпладнето бил прочитан целосно. По читањето кардиналот Ердо одржа кратко, но многу важно излагање, во кое со големо задоволство, рече дека целиот текст Комисијата едногласно го прифати. Мислам дека тоа е многу значајна порака, истакна отец Ломбарди.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот