На светата Литургија во домот „Света Марта“ во сабота 2 мај 2020 година, папата Фрањо молеше за оние кои се на власт и се одговорни за грижата за народот. Во проповедта истакна дека во моментите на криза треба да бидеме храбри и истрајни во верата, тоа не е момент за промени, нека Господ ни го испрати Светиот Дух како би можеле да бидеме верни и нека ни даде сила да не ја продаваме верата.
Денес молиме за оние кои се на власт, кои се одговорни за грижата на својот народ во овие моменти на криза; за шефовите на државите, претседателите на влади, за законодавците, градоначалниците, претседателите на покраини… – рече папата Фрањо на почетокот од светата Литургија. Господ нека им помогне и нека ѝ даде сила, затоа што нивната работа не е лесна. И кога има разлики меѓу нив, да сфатат дека во моментите на криза треба да бидат многу обединети, поради доброто на народот, затоа што единството е посилно од судирот.
Денес, 2 мај, со нас во молитва се соединуваат 300 молитвени групи кои на шпански јазик се викаат „madrugadores“ односно ранобудници, оние кои стануваат рано наутро за да молат. Денес во овој момент, се соединуваат со нас – додаде Папата. Во проповедта се осврна на литургиските текстови, започнувајќи од Делата на Светите Апостоли (9,31-42), кои зборуваат за тоа како зајакнувала првата христијанска заедница и како со утехата на Светиот Дух бројно растела. Било време на мир и Црквата растела – рече Папата и спомена два настана во чиј центар бил Петар, кога го оздрави фатениот Енеј и кога ја врати во живот Тавита.
Меѓутоа во првата Црква имало и тешки времиња, прогонства, време на криза кои ги ставале верниците во неволји. За такво време денес ни зборува Евангелието според Иван (6,60-69). После говорот за живот леб кој слезе од небо, за телото и крвта Христова кои даваат вечен живот, многу Исусови ученици се бунат, жалејќи се дека неговите зборови се тешки. Кој може да ги слуша? – говореле. Тоа е момент на криза – напомена Папата.
Исус знаел дека учениците се жалат, и во таа криза ги потсети дека никој не може да дојде кај Него, ако не му е дадено од Отецот. Повторно зборува за тоа дека Отецот нè привлекува кон Исус. Така се решава кризата – истакна Папата и додаде дека од тој момент многу ученици повеќе не сакале да одат по Него. Се повлечеле. Момент на криза е момент на избор кој нè става пред одлука која треба да ја донесеме. И оваа пандемија е момент на општествена криза – истакна папата Фрањо.
Евангелието ни вели дека Исус ги прашал дванаесетмината. „Да не сакате и вие да си отидете?” А Симон Петар ќе му одговори: „Господи, при кого ќе отидеме? Ти имаш зборови за живот вечен, и ние поверувавме и познавме дека си Ти Христос, Син на живиот Бог.” Петар, во име на дванаесетмината, ја исповеда верата во Исус дека е Син Божји. Петар не го разбира она што го зборува, тоа се телото и крвта, но се надева на Учителот.
Тоа на сите им помага во моментите на криза. Во тие моменти треба да бидеме многу цврсти во верата. Тие ученици заминале и отиделе да побараат друг учител, кој не зборува тешки зборови, како што велеле за него – истакна Папата и додаде: Потребна е истрајност, тоа не е момент за промени, туку за верност и преобраќање. Ние христијаните, мораме да научиме да управуваме со моментите на мир, како и криза.
Господ нека го испрати Светиот Дух како би знаеле да се спротивставиме на искушенијата во моментите на криза и како би знаеле да бидеме верни на првите зборови, во надеж дека после ќе живееме во моменти на мир. Нека Господ ни даде сила во моментите на криза да не ја продаваме верата – рече на крајот од својата проповед папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк