Благодарност на бискупот Стојанов за Тактовинската прослава „Денови на света Мајка Тереза“
„Ова е денот што го создаде Господ за да се зарадуваме и да се развеселиме во него“ (Пс 117,24).
Најголема радост и најголема веселба е благодарноста. За некој миг ќе прозвучи свечената химна „Тебе Боже те фалиме…“ но, дозволите ми пред тоа како Пастир на оваа месна Црква покрај благодарноста на Бога што се манифестираше во оваа Евхаристија да им изразам благодарност и на оние што придонесоа нашата радост да биде целосна. Ви благодарам Вам Ваша Еминенцијо, господин Кардинале, што на оваа света Евхаристија ни ги доловивте барем малку воодушевувањето и возбудата што минатата недела беа присутни на плоштадот Свети Петар во Рим. Како кардинал – стожерник на светата Црква храбро и убаво ни зборувавте во името на Светиот Отец. Застапништвото на света Мајка Тереза нека Ве следи во Вашето служење.
Браќа во бискупството, како апостолски наследници примите ја мојата благодарност и дозволете ми да кажам: бидете мисионери – благовесници на харизмата на оваа голема жена од нашиот град која токму во Годината на милосрдието е прогласена за светица. Благодарност и до вас браќа свештеници, монаси и монахињи и до вас ќерки на света Мајка Тереза, на чело со Вас почитувана сестра Према, наследничка на Вашата основателка, бидејќи само Бог ја гледа Вашата љубов, вашите жртви и молитви што ги направивте за оваа татковинска прослава.
Дозволете ми на посебен начин да се заблагодарам за Високото покровителство на оваа наша Татковинска прослава на Претседателот на Република Македонија, Неговата Екселенција д-р Ѓорге Иванов. Господине Претседателе за некој миг го очекуваме и Вашето обраќање.
Благодарност до Почесниот одбор при што ја повторувам реченицата што овие денови често ја изговарав, а таа е: на која врата и да тропнев независно дали беше во некоја организација или институција, почнувајќи од Претседателството, Владата, Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, градските и локални власти, просветно – културните институции, авторите до разните фирми и занаетчии, наидував на отворена врата и пружена рака за соработка за заеднички да можеме да го прославиме денот кога нашата сограѓанка е воздигната и прогласена за светица, највисока чест во Католичката црква. Ви благодарам на сите и оваа соработка нека биде одраз на онаа љубов со која Мајка Тереза ги освои сите луѓе не правејќи разлика меѓу нив. Им благодарам на нашите катедрални хорови: на хорот од Катедралата „Пресвето срце Исусово“ во Скопје, на диригентката сестра Татјана Атанасова и на хорот од Катедралата „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица и на диригентката сестра Тереза Стојкова, а воедно и на сите изведувачи, учесници во ова славење. Им благодарам на нашите млади волонтери и на протоколот од Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи предводени од Директорката за целата логистика што ја пружија. Благодарност за поддршката до Градот Скопје и до Општините Центар и Чаир предводени од нивните градоначалници. Благодарам на Македонската радио телевизија и на Радио Марија Македонија, како и на сите електронски и пишани медиуми. Почитувани, со еден збор, повикани сме сите да правиме добро и затоа ви благодарам на сите почнувајќи од Претседателот до оние без кои овој собир не ќе беше возможен а тоа се чуварите на јавниот ред, полицијата и медицинскиот персонал. Едноставно благодарам кое треба да одѕвонува не само сега, туку постојано во светилиштето на света Мајка Тереза што сакам сега да го Прогласам со посебен декрет.