Бискупот Киро Стојанов прослави 30 години свештенство

Со Архиерејската света Литургија, која ја служеше Н.В.П. д-р Киро Стојанов во сослужение со о. Зоран, о. Трајче Ташев, о. Илија Стојанов, о. Горѓи Ангелов, а ѓаконираше Атанас Сирачев во Радово, литургиски беше прославен јубилејот триесет години свештенство на монс. Киро, Апостолски егзарх во Македонија и Скопски бискуп.

Во својата пригодна проповед владиката се осврна на Крстопоклоната недела, нагласувајќи неколку мисли за значењето и придобивката во следењето на Господ Исус Христос: „Исус не бара ништо повеќе и ништо подруго од своите верници и ученици од тоа што самиот тој проживува и самиот тој живее. И овде Исус е единствен во историјата. Со својот живот сведочи што бара од другите. Самиот прв покажува пример. Но, крстот и страданието не е целта, туку само средство и пат до конечната слава и победа…“

Во вториот дел од својата проповед Неговото Високопреосвештенство се осврна за значењето на свештенството: „За Бога свештеникот е Божји пратеник, а за Црквата и верниците непроценливо богатство, најголемиот дар на Пресветото срце Исусово. Затоа свештеникот како Божји службеник во се треба да го следи Исус Христос, никогаш не смее да заборави дека свештеничкиот живот не е живот на самоволие и световно уживање туку живот на самозатајување и жртва. Свештеничкиот живот не е живот на забава и одмор, туку живот на молитва и делување…“

На крајот на својата проповед владиката се осврна на неговото ракополагање: „Пред 30 години на оваа место во старата црква од рацете на Н.В.П. д-р Јоаким Хербут, бев ракоположен за свештеник…“ Изрази голема благодарност на Бога, на покојниот владика Хербут, на своите родители, браќа и сестри, на сите верници. Воедно повикувајќи ги сите да се молат за него и за сите свештеници и чесни сестри…

По завршувањето на светата Литургија, младите и децата од Радово изведоа кратка програма приготвена за приликата 30 години свештенство на Неговото Високо Преосвештенство д-р Киро Стојанов во дворот на црквата свети пророк Илија, во присуство на голем број верници од сите возрасти. Семејството на Киро Г. Стојанов, од Радово, по повод јубилејот на владиката му поклонија личен дар панагија.

к.мк/з.и.с
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Македонија

За авторот