Ангел Господов: Со слушање и искрена желба за разбирање се решаваат конфликтите

Ангел Господов: Со слушање и искрена желба за разбирање се решаваат конфликтите

Папата Фрањо во своето пладневно обраќање истакна дека сите ние сме пророци и сведоци на Исус, секој во согласност со својата состојба, повик и средината во која живее. Добро е да се слушаат сите и да се разговара, рече тој, верувајќи дека секој има нешто важно да каже, да сподели некој пророчки дар. Покрај тоа, Светит Отец забележа дека пророкот не е волшебник и дека христијанинот не верува во суеверија

Ликот на пророкот не треба да се поврзува со некаков волшебник кој ја предвидува иднината; тоа е суеверна идеја, а христијанинот не верува во суеверија, како што се магијата, карти, хороскопи и слично – рече папата Фрањо во своето неделно попладневно обраќање на 2 јули 2023 година, повикувајќи се на зборовите на Исус од Евангелието на неделната Литургија, и укажа дека секој од нас е пророк затоа што преку крштевањето сите го примивме дарот и посланието на пророштво (сп. Катехизам на Католичката црква, 1268).

Пророк е оној кој со силата на крштението им помага на другите да го протолкуваат сегашниот момент под дејство на Светиот Дух, да ги разберат Божјите планови и да одговорат на нив. Со други зборови, е оној кој на другите им го покажува Исус, кој сведочи, кој помага да се живее денешнината и да се гради утрешнината според неговите планови.

Пророк е оној кој го покажува Бога на другите

Светиот Отец истакна дека сите ние сме пророци, Исусови сведоци дека – како што е наведено во догматската конституција Lumen gentium – „силата на Евангелието свети во секојдневниот семеен и социјален живот“ (Lumen gentium, 35). Според тоа, пророк е оној кој го покажува Бога на другите и затоа е одраз на Христовата светлина на патот на браќата.

Господ во Евангелието исто така бара и од нас да ги прифаќаме пророците; Затоа, е важно да се прифаќаме едни со други такви какви што сме, како носители на Божјата порака, секој според својата состојба и повик, и тоа да го правиме каде што живееме: во семејството, во парохијата, во монашките заедници, во други средини на Црквата и општеството.

Секој има пророчки дар да го сподели со другите

Пророштвото е дар на Светиот Дух – објасни Римскиот бискуп – затоа е добро да ги слушате другите и, на пример, кога треба да донесете важна одлука, добро е пред се да молите, да го повикате Светиот Дух, но потоа слушајте и разговарајте, верувајќи во фактот дека секој има нешто важно да каже, да го сподели пророчкиот дар со другите. На овој начин се бара вистината и се проширува атмосферата на слушање на Бога и браќата – посочи Светиот Отец – атмосфера во која луѓето не се чувствуваат добредојдени само кога го зборуваат она што сакаме да го слушнеме, туку се чувствуваат прифатени и ценети како дар поради тоа што се такви какви што се.

Да размислиме само колку конфликти би можеле да се избегнат и решат на овој начин, слушајќи ги другите со искрена желба за разбирање! Да се запрашаме на крајот: дали знам да ги прифаќам моите браќа и сестри како пророчки дарови? Дали верувам дека ми требаат? Дали ги слушам со почит, со желба да учам? Затоа што секој од нас треба да учи од другите.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот