Пред молитвата Ангел Господов на 31 јули 2022 година Папата се освнра на литургиското Евангелие кое зборува за лакомството. Говорот на Папата го пренесуваме во целост.
Драги браќа и сестри, добар ден!
Во Евангелието на денешната Литургија, еден човек ја упатува следнава молба до Исус: „Учителе, кажи му на мојот брат да го раздели со мене наследството!”(Лука 12,13). Ова е многу честа ситуација, слични проблеми сè уште се на дневен ред: колку браќа и сестри, колку членови од исто семејство, за жал, се расправаат, а можеби и не разговараат повеќе меѓу себе и тоа поради наследство!
Одговарајќи му на човекот, Исус не навлегува во детали, туку навлегува во самата суштина на поделбите предизвикани од поседувањето на нештата и јасно вели: „Пазете се од лакомство“ (р. 15). Што е лакомство? Тоа е нескротлива лакомост за добра, постојана желба за збогатување. Тоа е болест која ги уништува луѓето, бидејќи гладта за поседување предизвикува зависност. Особено оној кој има многу никогаш не е задоволен: тој секогаш сака повеќе, и тоа само за себе. Но, на тој начин веќе не е слободен: тој е приврзан, роб на она што парадоксално мораше да му служи за да живее слободно и радосно. Наместо да се служи со парите, тој станува слуга на парите. Но, лакомството е опасна болест и за општеството: поради неа, денес дојдовме до други парадокси, до невидена неправда досега во историјата, каде што малкумина имаат многу, а многумина имаат малку. Да размислиме и за војните и конфликтите: желбата за добра и богатство е скоро секогаш вклучена. Колку интереси се кријат зад војната! Еден од нив е секако трговијата со оружје. Оваа трговија е соблаза, со која не можеме и не смееме да се помириме.
Исус нè учи денес дека во центарот на сето ова не се само некои моќни луѓе или одредени економски системи, туку лакомоста, која е во сечие срце. Да се обидеме да се запрашаме: Како јас се однесувам со приврзаноста кон добрата, кон богатството? Дали се жалам на она што ми недостасува или сум задоволен со она што го имам? Дали сум во искушение да ги жртвувам односите и времето во име на парите и можностите што ми се достапни на сметка на другите? Понатаму, дали на олтарот на лакомоста ги жртвувам законитоста и чесноста? Реков „олтар“, олтарот на лакомоста, но зошто реков „олтар“? Затоа што материјалните добра, парите, богатството можат да станат култ, вистинско идолопоклонство. Затоа, Исус нè предупредува со силни зборови. Тој вели дека не може да се служи на двајца господари, и – да внимаваме – не вели на Бога и ѓаволот, не вели на доброто и злото, туку На Бога и на богатството (сп. Лука 16, 13). Би се очекувало да каже: Не може да се служи на двајца господари, на Бог и на ѓаволот. Напротив, тој вели: На Бог и богатството. Да се служи со богатството – „да“, но да му се служи на богаството „не“. Тоа е идолопоклонство, тоа е навредување на Бога.
Дали тогаш – можеби си мислиме – е дозволено да се посакува да се биде богат? Секако дека е дозволено, згора на тоа, правилно е да се поскава тоа, убаво е да се стане богат, но богат според Божјото сфаќање! Бог е најбогат од сите: тој е богат со сочувство, милост. Неговото богатство никого не осиромашува, не предизвикува кавги и поделби. Тоа е богатство што сака да го дава, да го подарува, да го дели со другите. Браќа и сестри, собирањето материјални добра не е доволно за да се живее добро, бидејќи – вели Исус – животот на човека не зависи од изобилието на неговиот имот (Лкука.12, 15). Тоа зависи, напротив, од добрите односи: со Бога, со другите и со оние кои имаат помалку. Па, да се запрашаме: Како сакам да се богатам? Според Бога или според мојата лакомост? Враќајќи се на темата наследство, какво наследство сакам да оставам зад себе? Пари во банка, материјални работи или среќни луѓе околу мене, добри дела кои не се забораваат, луѓе на кои сум помогнал да растат и созреваат?
Богородица нека ни помогне да сфатиме кои се вистинските добра во животот, дека тоа се добрата што остануваат засекогаш!
Ватикан њуз/к.мк